Египетската војска гаѓала и уништила возила користени во нападот на Синај


Каиро, 25 ноември, 2017 - 11:45 (META) 

Египетската војска денеска соопшти дека нејзини авиони извршиле напади во кои биле погодени повеќе возила користени во нападот во Северен Синај, во кој беа убиени 235 лица, јавуваат светските агенции.

Војската соопштила дека возилата се уништени, а лицата кои биле во нив се убиени.

Возилата, според соопштението, се наоѓале во близина на џамијата каде вчера беше извршен нападот, во градот Бир ал Абд. Станува збор за најкрвавиот напад извршен од исламистите во модерната историја на Египет.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси вчера најави „брутален“ одговор по нападот врз џамијата во Синај.

Засега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, но агенциите потсетуваат дека Ислмаска држава претходно вети дека на Синај и во Египет „ќе ги истреби суфиите“, припадници на мистичкото исламско движење, кои екстремистите ги сметаат за еретици.


Путин: Русија ги уништи последните резерви на хемиско оружје, САД треба да го сторат истото


Москва, 27 септември, 2017 - 20:12 (META) 

Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека Русија денеска ги уништила последните резерви на хемиско оружје и ги повика Соединетите Американски Држави да ги исполнат своите меѓународни обврски и да го сторат истото.

„Денеска и последната хемикалија од руските резерви на хемиско оружје ќе биде уништена“, изјавил Путин за време на видеоврската со последниот магацин за хемиско оружје во репубиката Удмуртија, што била пренесувана на телевизија.

Путин истакнал дека станува збор за „историски настан, имајќи ги предвид огромните количества на хемиско оружје уште од времето на Советскиот Сојуз“ и за „голем чекор за безбедноста во светот“.

„Очекуваме дека напорите на Русија за отстранување на хемиското оружје ќе послужат како пример за другите земји… Соединетите Држави, за жал, не ги извршуваат своите обврски кога станува збор за временската рамка за уништување на хемиското оружје“, рекол рускиот претседател.


Заразата со птичји грип во Струшко е потенцијална закана за луѓето, сметаат од „Еден“


Скопје, 7 февруари, 2017 - 12:51 (META) 

Наспроти информациите што кружат во јавноста дека птичјиот грип А(Х5Н8) кој го има во Струшко не е опасен по здравјето на луѓето, сепак заразата е потенцијална закана, информираат од здружението за заштита на животните и на животната средина „Еден“.

– Постојат ретки документирани случаи на пренесување на инфекција со сличен тип на птичји грип на човек во минатото и не може да се исклучи веројатноста од заразување на човекот со истиот овој вирус – се вели во соопштението на „Еден“.

Оттаму потсетуваат дека пред неколку години имаше пандемија од свински грип, а стапката на смртност надминува 50 проценти кај луѓето заразени со птичји грип.

Птичји грип е утврден во струшкото село Мороишта и досега се уништени најмалку 3.000 единки живина.


Експлозија поради запалена свеќа, уништила половина стан во Битола


Битола, 11 март, 2016 - 15:14 (META) 

Запалена свеќа вчера попладне предзвикала експлозија во која бил уништен дел од станот на битолчанецот И.Т. на улицата Васко Карангелевски, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, вчера, околу 14 часот, од запалена свеќа која била поставена на машина за перење алишта, се запалил држач на кој имало спрејови, дезодоранс, пена за бричење и спреј за астма, поради што дошло до експлозија во бањата. Во експлозијата, според полицијата, биле уништени вратата од бањата, влезната врата и биле искршени сите прозорци во дневната соба.

Повредени во случајот нема, а увид во станот извршила екипа на Секторот за внатрешни работи Битола.


Петмина загинати во налетот на ураганот Винстон на Фиџи


Сува, 21 февруари, 2016 - 14:31 (META) 

Пет лица ги загубиле животите на Фиџи во најсилниот ураган што некогаш поминал низ овој архипелаг во Тихиот Океан, на кој живеат околу 900.000 жители, јавуваат светските медиуми.

Ураганот Винстон бил проследен од ветер кој дувал со брзина од 320 километри на час и од бранови со висина до 12 метри.

Во налетот на ураганот неколку села на Фиџи биле целосно уништени, а поради обилните врнежи сега се заканува опасност од поплави.

Премиерот на Фиџи, Френк Баинимарама, прогласил 30-дневна вонредна состојба, а воведен е и полициски час.

Сите училишта, од кои дел се користат како привремени засолништа, ќе бидат затворени една недела, а откажани се и сите авионски линии. Голем дел од жителите ноќта ја поминале во центрите за евакуација, каде добиле храна и вода.


Најмалку тројца исчезнати во шумски пожари во Австралија


Перт, 9 јануари, 2016 - 11:35 (META) 

Најмалку три лица се водат како исчезнати во шумските пожари што неколку дена беснеат во Западна Австралија, јавуваат светските медиуми.

Најтешко погоден е градот Јарлуп, кој се наоѓа на 110 километри јужно од Перт, каде огнот оставил вистински пустош, уништувајќи најмалку 130 имоти и стотина куќи.

Пожарите, кои избувнаа во четвртокот оваа недела, досега зафатиле површина од околу 70.000 хектари и сè уште се шират.

Повеќе стотини жители биле евакуирани, а во гаснењето на огнот се ангажирани авиони и околу 150 противпожарни возила.

Шумските пожари се чести во Австралија во ова време од годината. Во пожарите во австралиската држава Викторија во 2009 година загинаа 173 лица и беа уништени повеќе од 2.000 куќи.


Руски авиони за два дена извеле 81 лет и гаѓале 263 цели во Сирија


Москва, 5 ноември, 2015 - 19:02 (META) 

Авиони на руската воена авијација во изминатите 48 часа извршиле 81 лет и гаѓале вкупно 263 цели на исламските екстремисти во Сирија, соопшти денеска руското министерство за одбрана, јавуваат светските агенции.

Според информациите, во бомбардирањата на целите, била уништена и база на Исламска држава (ИД) во близина на главниот град на Сирија, Дамаск.

Во воздушните напади, според портпаролот на руското министерство за одбрана, Игор Конашенков, биле погодени позиции на ИД и на други екстремистички групи, во провинциите Алепо, Дамаск, Деир ал-Зор, Латакија, Рака, Идлиб, Хама и Хомс.

По борбените мисии сите авиони се вратиле во руската база Хмејмим во Латакија, додал Конашенков.