Ако родителите сами ги купуваа учебниците, ќе пазеа што пишуваат децата врз нив

Нови учебници кои во настава се користат само една година, на крајот се веќе цели парталави. Библиотекарите со кои разговаравме, сметаат дека свеста кај родителите и децата за грижата за бесплатните книги е многу ниска, иако за лошата состојба удел има и фактот дека добар дел од нив, не се изработени квалитетно.

Тие се одговорни за прием, чување и распределба на учебниците во училиштата, заедно со други членови на училиштни комисии, формирани за оваа цел.

– Кога родителите сами би ги купувале учебниците и кога тие би се продавале како некогаш кога ние ги продававме, тогаш гарантирано грижата кон нив ќе беше поголема. Кај нас генерално, луѓето немаат однос кон сето она што државата го дава бесплатно на користење – вели библиотекарка во основно училиште во Аеродром.

Таа додава дека на крајот на учебната година, добива учебници на кои се исцртани безобразни цртежи и зборови, учебници чии страници се искинати или пак, учебници кои немаат корици.

Во Министерството за образование и наука (МОН) за „Мета“ информираат дека дистрибуцијата на учебници е започната и издавачките куќи, согласно законската обврска, веќе ги доставуваат низ училиштата.

– Во однос на печатењето, за учениците од прво до трето одделение се печати целосен тираж, а за учениците од другите одделенија и години, согласно електронската нарачка за бројот на учебници што секое училиште имаше обврска да ги пријави како оштетени или неупотребливи – информираат во МОН.