Косово им исплати по 10.000 евра на семејствата на учесниците во „Диво насеље“


Приштина, 7 февруари, 2018 - 10:56 (META) 

Косовското Министерство за финансии ја реализираше одлуката на Владата и на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во кумановско Диво насеље во мај 2015 година им исплати по 10.000 евра.

– Исплатени се 290 илјади евра, пропорционално за 29 семејства на загнатите и осудени лица во настаните во Куманово, онака како што беше предвидено со одлуката на Владата од 10 октомври 2017 година, изјави – Мухарем Шабани, портпарол на косовското Министерството за финансии.

Донесената одлука на премиерот Рамуш Харадинај тогаш наиде на критика во косовската јавност.

На 9 и на 10 мај 2015 година, во Диво насеље вооружена група се судри со македонските безбедносни сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.

За настаните во Дива населба, македонскиот суд во ноември лани на обвинетите им изрече седум доживотни казни затвор, 13 по 40 години, шест по 20 години, една од 18 години, две од 14, две од 13, две по 12 години затвор, а четири лица добија ослободителни пресуди.


Судот денеска или утре ќе одлучува за притворот на осомничените од 27 април


Скопје, 27 декември, 2017 - 11:01 (META) 

Кривичниот суд од Скопје денеска, а најдоцна утре треба да одлучи по барањето на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција за продолжување на притворите на поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чаквов, Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и уште петнаесетина осомничени за насилствата во Собранието од 27 април оваа година.

Од Судот за „Мета“ потврдија дека го добиле барањето на обвинителството, но, неофицијално, за сега не е одлучувано по него и дека тоа треба да се случи денеска или најдоцна до утре кога на оваа група осомничени им истекува притворот што првично им беше одреден.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера побарало од Кривичниот суд да им ја продолжи мерката притвор на осомничените за насилствата во Собранието од 27 април.

Утре им истекува притворот на 19 осомничени, на 29 декември на двајца, а на 30 декември на едно лице.

На шестмината пратеници во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски – кои добија притвор и Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски – на кои судот им одреди домашен притвор, мерките им истекуваат на 5 јануари, бидејќи за нив судот одлучуваше подоцна оти се чекаше од Собранието да им го одземе пратеничкиот имунитет.


Македонија ќе учествува на „Евровизија 2018“


Женева, 17 ноември, 2017 - 12:44 (META) 

Македонија ќе учествува на изборот за песна на „Евровизија“ следната година, откако МРТ и Португалската радио-телевизија постигнале договор.

На официјалната веб-страница на „Евровизија“, Македонија сега стои како една од 43 земји учеснички. Минатата недела, под листата пишуваше дека промената од изборот во 2017 година е што Русија повторно ќе учествува, а Македонија нема.

Сега на веб-страницата пишува дека земјите учеснички требало до средината на септември оваа година формално да ги поднесат нивните апликации за да бидат дел од „Евровизија 2018“.

„Конечната листа на земји учеснички беше објавена на 7 ноември, но беше променета 10 дена подоцна кога беше додадена Македонија“, пишува на официјалната веб-страница на „Евровизија“.

ЕБУ претходно соопшти дека „Македонската радио-телевизија“ моментално е оневозможена да учествува на изборот за песна „Евровизија 2018“ поради санкција за неплатен долг.

МРТ по ова испрати соопштение во кое ги наведе своите долгови кон различни доверители, кои изнесуваат 19,5 милиони евра, но порача и дека враќањето на долговите и нормалното работење на куќата се попречени од долгот на Управата за јавни приходи (УЈП) кон МРТ кој изнесува 34 милиони евра.

Двете полуфинални вечери на натпреварот се закажани на 8 и 10 мај во Лисабон, Португалија, а големото финале ќе се случи на 12 мај.


ВМРО-ДПМНЕ бара амнестија за насилниците од 27 април


Скопје, 18 октомври, 2017 - 14:56 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара „итно и неодложно“ ослободување и амнестија на сите лица што „извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите во Собранието на Република Македонија од 27 април“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, овој чин ќе придонесе за помирување во Македонија и за релаксирање на политичките тензии.

Ваков заклучок, како што информираат од партијата, бил донесен на последната седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој бил констатирано дека „во изминатите пет месеци очигледна е политиката на власта за масовно ослободување на криминалци од затворите и притворските одделенија по разни фабрикувани правни основи, чиј заеднички именител е политичка интервенција од власта“.

„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ информира дека поведува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица што извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. ВМРО-ДПМНЕ иако беше со блиски, а во некои делови и со идентични ставови со ставовите на граѓаните кои мирно протестираа цели 80 дена, беше првата партија што јавно ги осуди законските прекршувања од дел од граѓаните што протестираа и со тоа се наруши мирниот карактер на овие граѓански протести. Сепак, гледајќи од денешна гледна точка, кога пред очите на целата јавност со политичка одлука и интервенција се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, меѓу кои и свирепи убиства на етничка база, што говори дека е ова масовен тренд, добро испланиран, а не случајност, ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неправедно какво било понатамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27 април. Ние сочувствуваме и жестоко ги осудивме повредувањата на пратениците на 27 април, но не сметаме дека нивните рани повеќе болат од раните на оние лица чии сторители наскоро ќе бидат ослободени со законот за амнестија веднаш по изборите. Уште помалку цениме дека делата за кои се товарат овие лица се поважни од животите на убиените млади лица кај Смиљковско Езеро“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата соопштуваат дека поради ова, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на Законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и за ослободување на лицата учесници во настаните од 27 април.


8.500 учесници од 51 држава денеска трчаа на „Виз ер скопски маратон“


Скопје, 7 мај, 2017 - 15:22 (META) 

На „Виз ер скопски маратон 2017“, кој денеска се одржа низ скопските улици, трчаа 8.500 учесници од 51 држава, што е рекорден број, информираа организаторите.

Промоторки на маратонот годинава беа близначките од Естонија, Леила, Лина и Лили, кои трчаа и на маратонската трка на Олимписките игри во Рио. На маратонот денеска беа победнички на трката од 21 километар.

„Секоја година ги следевме искуствата на другите метрополи во кои се организира ваков спортски настан и затоа секоја година воведувавме иновативни решенија кои нè доближуваат до поголемите маратони во светот“, истакна директорот на „Виз ер скопски маратон“, Кире Синадиновски.


На Струмичкиот карневал годинава имаше повеќе од 1.000 учесници


Струмица, 26 февруари, 2017 - 15:35 (META) 

Меѓународниот карневал што традиционално се одржува во Струмица, заврши и на него учествуваа околу 1.100 учесници од Албанија, Русија, Бугарија, Црна Гора, Србија и од Аруба.

Според Александар Цицимов од Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, годинава не биле присутни некои од традиционалните гости од странство, поради совпаѓање на православниот и на католичкиот Велигден и одржувањето на традиционалните карневали во другите земји.

Сепак, како што вели, имале ист број учесници, како и атрактивни групи од Москва, Русија и од Аруба.

Карневалот го проследија и претставници на дипломатскиот кор во државата, а со своите сограѓани беше и поранешниот градоначалник на општина Струмица, Зоран Заев.

Поради овој настан, Струмица е на листата на најдобрите 20 „карневалски“ градови во светот.


Охриѓанецот Бобан Павловски го фати крстот во реката Вардар во Скопје


Скопје, 19 јануари, 2017 - 13:26 (META) 

Бобан Павловски од Охрид го фати крстот што денеска напладне во реката Вардар, од мостот Слобода во Скопје, го положи поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. ­

Павловски по повод фаќањето на крстот доби икона, златник и други подароци. Тој на сите им посака здравје, среќа и бериќет.

На чинот на положувањето на крстот во реката Вардар во Скопје, присуствуваа премиерот Емил Димитриев и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, пред големиот број присутни граѓани порача дека верските празници треба да нè потсетат дека треба да живееме според законите и заповедите на верата и да создаваме дела „достојни за нашето човечко и христијанско постоење“.

– Како христијански народ, особено оваа наша генерација, да се прашаме дали ја исполнуваме најсветата обврска и пред родот и пред Бога, дали во нашите постапки го има потребното човекољубие и родољубие и колку нашите меѓусебни односи го потврдуваат нашето богољубие – рече г.г. Стефан.

За учество на манифестацијата „Водици 2017“ годинава беа пријавени повеќе од 100 граѓани, а кум е сопственикот на ресторанот „Стара куќа“, Димитриј Јовановиќ.


ХЕРА: Потребна е поголема поддршка од владите и од донаторите во борбата против ХИВ


Скопје, 1 декември, 2016 - 12:23 (META) 

Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против сида. По овој повод денеска се одржа првиот дел од дводневниот регионален состанок на Југоисточна Европа за ХИВ, на кој учествуваат 50 претставници од Глобалниот фонд, државни институции, граѓанскиот сектор и претставници од заедниците од вкупно осум земји.

„Целта на регионалниот состанок е да се дискутираат механизмите за одржливост, вклучување на заедниците во регионалниот дијалог, добри практики, предизвици и можности за одржливост по заминувањето на Глобалниот фонд за ХИВ/сида, туберкулоза и маларија (ГФ), и механизмите на ГФ за поддршка на земјите кои транзитираат од ГФ“, велат од Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА).

Оттаму велат дека во моментов повеќе од потребно е да се продолжат напорите за наоѓање механизми за одржлив одговор на ХИВ, особено по завршувањето на финансирањето на Глобалниот фонд на програмите за превенција од ХИВ и кратењето за 59 отсто на буџетот потребен за продолжување на програмите за превенција од ХИВ.

„Токму затоа, мрежа од организации и институции што работат на ова поле во Југоисточна Европа си ја поставија целта за формирање на регионален координативен механизам кој ќе работи на одржливост на програмите за ХИВ во овие земји“, истакнуваат од невладината организација.

На првиот ден од регионалниот состанок свои обраќања имаа повеќе претставници. Заменик -претседателката на управниот одбор на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија, Аида Куртовиќ, се осврна на прашањето околу тоа дали е можно да се стави крај на ХИВ-епидемијата во земјите на ЈИЕ, ако се имаат предвид актуелните инвестиции од локалните влади и од интернационалните донатори.

Претставникот на програмата за одржливост од Глобалниот фонд, Метју Мекрегор, говореше за неопходноста од зголемување на домашните финансии за соодветен одговор на ХИВ.

Регионалниот состанок продолжува и утре, со работни групи и со официјално формирање на регионалниот национален координативен механизам и со дефинирање на неговите цели.


Заврши шестото издание на Неделата на дизајн во Скопје


Скопје, 28 ноември, 2016 - 11:09 (META) 

Шестото издание на Неделата на дизајн во Скопје заврши, а го одбележаа добри презентации, изложби, таргетирани предавања, работилници за професионалци проследени со музичка програма.

Првпат беа доделени и награди за дизајн и тоа во три категории: за најдобар студенски производ/прототип, најдобар млад бренд во подем и за најдобра презентација на компанија.

На завршниот настан во „Јавна соба“ организаторите порачаа дека македонскиот дизајн со сигурност се движи во нагорна линија и дека Неделата на дизајн  ја исполнува својата задача на артикулатор и стимулатор на дизајн-сцената во земјата и во регионот.


Големо велосипедско дефиле на скопските улици


Скопје, 22 септември, 2016 - 15:11 (META) 

Неколку илјади граѓани, велосипедисти, рекреативци и средношколци, денеска учествуваа во големото велосипедско дефиле што на скопските улици се возеше по повод 22 септември, Меѓународниот ден без автомобили и последниот ден од Европската недела на мобилност 2016.

Велосипедистите стартуваа кај Порта „Македонија“ и пристигнаа во Градскиот парк, на Школка, каде што се одржа забава со настап на улични музичари.

Меѓу учесниците беа и министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети, и амбасадорот на Европската унија, Самуел Жбогар.

На најсреќните учесници во велосипедското дефиле, во наградна игра, им беа доделени вкупно 19 велосипеди.