Објавен повикот за уметнички концепти за „Бела ноќ 2020“

Фото: Фејсбук страна на „Бела ноќ“

По повод културната манифестација „БЕЛА НОЌ 2020“, која ќе се оддржи на 26 септември, ЈУ Универзална сала – Скопје и Град Скопје распишуваат јавен повик за доставување на предлог концепти од областа на сите видови на уметност во рамки на овој настан.

Годинава, како и на секоја Бела ноќ, ќе бидат опфатени следниве области: визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип) , применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб дизајн, мода, дигитални креации, видеоарт и инсталации), музика, филм и јавна уметност урбани изведби и перформанси.

Селекцијата на уметниците ќе биде направена од страна на организаторите, а учесниците ќе бидат селектирани врз основ на поднесените апликации. Главните критериуми при селекцијата на уметниците и нивните дела се квалитет, иновација и карактер во опсег на предложениот концепт. Додатно, дозволени се сите уметнички форми и медиуми реализирани со кои било инструменти или техники.

Предлог концептите треба да бидат адаптирани за на отворено и истите да бидат во согласност со мерките за заштита од пандемијата со ковид-19.

Сите заинтересирани за учество треба да достават апликација со: кратка биографија, опис на проектот,учесници и финансиска конструкција на проектот.

Апликациите треба да бидат испратени најдоцна до 15.09.2020 година, на следнава адреса: ЈУ Универзална сала Скопје, со назнака (ЗА БЕЛА НОЌ 2020), Бул. Партизански одреди бр. 45 1000 Скопје, Македонија или по пат на електронска пошта на: [email protected]