Помали акцизи за малите производители на алкохол


Скопје, 30 јули, 2018 - 16:06 (META) 

Со новиот Закон за акцизи, малите дестилерии ќе плаќаат 50% од полната акцизата по литар алкохол, а земјоделците-  мали производители 8,5% од полната акциза по литар алкохол. Кај големите производители на алкохол, акцизата останува иста. Станува збор за нов закон кој е усогласен со ЕУ директивите, известија од Министерството за финансии.

Дополнителна поволност која ја предвидува законот е тоа што отсега акцизата за тутунски производи и алкохолни пијалаци ќе се плаќа со пуштање во промет на производот. Досега акцизата се плаќаше однапред, односно со подигање на акцизните марки.

Исто така, ќе се намали акцизата за меѓупроизводите, како на пример ликер и вермут, за околу 50%.

Со новиот закон за акцизи се овозможува увоз и пуштање во промет на нови тутунски производи, кои досега граѓаните ги набавуваа од странство.

Поради следење на увозот и извозот на струјата, природниот гас, јаглен, кокс и лигнит, тие стануваат акцизно добро со овој закон, со тоа што акцизата се одредува на 0%. Ова значи дека увезувачите нема да имаат дополнителен трошок, односно нема да плаќаат акциза.


Невремето во прилепско 100 проценти ги уништи тутунот, пиперката, пченката и житото


Прилеп, 24 јули, 2018 - 16:47 (META) 

Невремето кое вчера зафати повеќе населени места од прилепско, зад себе остави катастрофални последици, информираат од Општина Прилеп.

Огромни се штетите на земјоделските површини во атарот на селата Мало и Големо Коњари, Кадино Село, Галичани, населбата Варош и повеќе други населени места.

„На површина од околу 600 хектари, речиси целосно се уништени насадите со тутун, пиперки, пченка и жито. Жителите од овој дел на Прилепското поле, велат дека во последните 25 години не паметат вакво невреме. Нагласуваат дека штетите на земјоделските производи се 100 проценти и бараат во најбрзо што може, Комисијата за утврдување на настанатите штети да излезе на терен. Очекуваат помош од државата, во спротивно, како што велат, во прашање ќе биде доведена нивната егзистенција. Покрај тоа, поучени од искуствата во годините наназад, земјоделците се плашат дека повторно можат да бидат изиграни и да не ги добијат парите од проценетета штета“, се вели во соопштението.

Градоначалникот Илија Јованоски апелираше до земјоделците да ги достават потребните документи за обесштетување.

– Од утре, во Општина Прилеп треба да доставите трансакциска сметка, копија од лична карта и имотен лист – изјави раководителот на подрачната единица за земјоделство, Зоран Пачешкоски.

Инаку, ова е втор пат во овој месец, силно невреме да зафати дел од Прилепско поле. Според информациите од Комисијата за проценка на штети, формирана по првото невреме што се случи на 9 јули, до Општина Прилеп се доставени 105 барања за обесштетување.


Врнежите и невремето ги намалиле квалитетот и количините на тутунот


Скопје, 16 јули, 2018 - 12:12 (META) 

Стопанска комора на Македонија (СКМ) очекува пониски откупни цени и пониски класи  на тутунот поради намалениот квалитет, информираше денеска Васко Ристовски од СКМ.

Тој додаде дека врнежите и невремето минатата недела предизвикале појава на болести и штетници што влијаеле врз квалитетот, а се одразило и врз количините.

– Поголемата цена и исплатата на субвенциите по класи го зголемија производството на тутун годинава, но неповолните временски услови ги намалија количините и квалитетот – изјави Ристовски

Заклучно со април 2018 склучени се 33.501 договор за откуп што е зголемување за околу десет проценти во однос на 2017. Лани, просечната откупна цена на тутунот достигна 217,60 денари за килограм или 20 отсто повеќе во однос на цената во 2016 година.

СКМ го поздрави изготвувањето на новиот закон за тутун и очекува негово што поскоро донесување, бидејќи како што велат ќе се решат горливите проблеми во тутунската индустрија.


Филипче: Цигарите се причина за 12% од смртните случаи кај срцевите заболувања


Скопје, 30 мај, 2018 - 13:58 (META) 

Употребата на тутун и изложеноста на пасивно пушење придонесуваат за приближно 12 проценти од сите смртни случаи кај срцевите заболувања, а елиминирање на употребата на тутунот може да заштити милиони луѓе од срцев и мозочен удар, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче, по повод 31 мај – Светскиот ден без тутун.

Под мотото „Избери здравје, а не тутун“, Министерството за здравство и годинава во соработка со Светската здравствена организација и Институтот за јавно здравје традиционално го одбележуваат Светскиот ден без тутун.

– Во Република Македонија, според податоците од Институтот за јавно здравје, во 2016 година од болести на циркулаторниот систем починале 10.920 лица со стапка на смртност од 526,9 на 100.000 жители. Болестите на кардио-васкуларниот систем учествуваат со 53,5 проценти во вкупниот морталитет и се на прво место во структурата на причини за смрт, изјави Филипче.

Тој посочи дека пушењето претставува докажан ризик за здравјето на популацијата, ризик за болести и глобален јавно-здравствен проблем, поради што неопходно е да се преземат итни мерки за укажување на штетноста од тутунот.

– Со оваа кампања и со заеднички заложби на сите засегнати страни во превенција и намалување на употребата на тутун, можеме многу да постигнеме во унапредување на здравјето на сите граѓани која е најважна инвестиција во општествено-економскиот развој на секоја држава – изјави Филипче.


Исплатата на субвенциите за тутунот ќе почне в четврток


Скопје, 15 мај, 2018 - 14:26 (META) 

Исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, ќе почне в четврток информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка, во земјоделството и руралниот развој зголемени субвенции ќе добијат над 23.400 тутунари, по просечна цена од 217,6 денари за килограм.

„Со новиот начин на зголемено субвенционирање во три нивоа кој започнува со реколтата 2017, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари субвенција, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа како и за дополнителни класи. Целта на новиот модел на субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција“, се вели во соопштението на МЗШВ.


Субвенции за тутунот од реколтата 2017 ќе се исплаќаат од следната недела


Скопје, 8 мај, 2018 - 14:13 (META) 

Денеска во Службен весник се објавија измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој, со што, се создадоа законски услови за навремена исплата на субвенциите, меѓу кои е и исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

„Дел од измените на овој закон предвидуваат одложување на важноста на условите за подмирени обврски кон Управата за јавни приходи, што изминатите години беше пречка за исплата на субвенциите. Од денеска до крајот на оваа недела, Платежната агенција ќе ги спроведе законските контроли во откупните претпријатија, по што ќе следува обработка на решенијата за исплата на субвенциите за тутунот“, се вели во соопштението.

Според податоците, зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2017 ќе добијат над 23.400 тутунари.

„Со новиот начин на зголемено субвенционирање во три нивоа кој започнува со реколтата 2017, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа како и за дополнителни класи. Целта на новиот модел на субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција“, додаваат од МЗШВ.

Тутуно-производството е значајна гранка за македонското земјоделство, која што носи девизен прилив од околу 100 милиони евра годишно.


МЗШВ: Петте нови закони носат придобивки за земјоделците


Скопје, 3 мај, 2018 - 15:54 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска порача дека петте закони од област на земјоделството што вчера беа изгласани од Собранието, ќе донесат бројни придобивки за земјоделците и дополнителна заштита на нивните интереси.

Станува збор за законите за земјоделство и рурален развој, за ловство, за рибарство и аквакултура, за консолидација на земјоделско земјиште и за семенски и саден материјал за растенија.

Според министерството, со измените на Законот за земјоделско земјиште се официјализира мерката за кофинансирање на трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација.

„Над 54.000 земјоделски стопанства кои имаат евидентирано земјоделски површини во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ, ќе имаат поевтино гориво за механизацијата. Со мерката драстично ќе се намалат производствените трошоци. На овој начин во земјоделството остануваат над пет милиони евра“ стои во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за популарно нареченото ветување „зелена нафта“.

Дополнително, со овој закон се одложува обврската за подмирување на обврските кон УЈП како услов за исплата на субвенциите.

„Оваа измена е важна за навремена исплата на субвенциите, меѓу кои е и исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, која ќе започне месецов. Во Платежната агенција веќе се обработуваат поднесените барања за зголемените субвенции за тутун“, соопштија од МЗШВ.

Со измените и дополните на Законот за  консолидација на земјоделско земјиште, ќе се овозможи започнатиот проект за окрупнување на земјоделското земјиште.

Измените и дополнувањата на Законот за семенски и саден материјал за растенија, пак, според министерството, ќе овозможат заштита на националните автохтони сорти на семе и саден материјал за растенија.


Владата на аукција ќе го продава „мерцедесот“ за 230.000 евра


Скопје, 13 февруари, 2018 - 20:35 (META) 

Владата донела одлука да се продаде блиндираниот „мерцедес“ С600 преку електронскиот систем за јавно наддавање со кој управува и оперира Министерството за финансии.

„Почетната проценета вредност на овој автомобил, согласно проценката на  Бирото за судски вештачења, изнесува 14.372.208,00 денари (230.000 евра). Јавното наддавање ќе се изврши електронски на интернет страницата www.e-aukcii.finance.gov.mk“, стои во соопштението.

Истовремено, било договорено почнувајќи од реколтата 2017 година, тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции, за сите категории и типови тутун.

Бил разгледана и информацијата за акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина” од почетокот на акцијата до 2016 година и било констатирано дека се потрошении 17,8 милиони евра, а преживеале само 21 отсто од вкупно засадените садници. Дополнителни 31 милион денари во оваа акција биле потрошени за засадување палми, а во извештајот се наведува дека ниту една палма не преживеала.

Била усвоена и информацијата за изработката на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион, како и Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките.

„Согласно препораките, преземени се мерки и активности со што е отстранета опасноста Охридскиот регион да го загуби статусот на светско наследство на УНЕСКО. Владата го задолжи Министерството за култура, преку Национална комисија за УНЕСКО да го достави извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, во рок од 10 дена од усвојувањето на информацијата“, соопштија од Владата.


Николовски: Тутунарите ќе добијат повисоки субвенции


Скопје, 13 февруари, 2018 - 15:54 (META) 

Тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции почнувајќи од реколтата 2017 година, информираше денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Тој рече дека се направени измени во висината на субвенциите, со што, директно се стимулира производство на квалитетен тутун.

– Воведени се субвенции на три нивоа, и тоа, субвенцијата за прва класа тутун ќе изнесува 80 денари по килограм, што е прво ниво. За втората класа или второ ниво, предвидени се субвенции од 70 денари и третото ниво на субвенционирање изнесува 60 денари по килограм и важи за трета и четврта класа, како за двете дополнителни класи – изјави Николовски.

Политиките за развој на производството на тутун, како што информираше, ќе се реализираат и преку измените во новиот Закон за тутун и тутунски производи.

– Со новиот Закон кој е веќе подготвен и очекуваме да биде донесен наскоро, ќе се укине поднесување на евидентни листови. Тутунарите директно ќе склучуваат договори со откупните претпријатија. На овој начин им ја олеснуваме административната процедура за склучување на договорите за производство – додаде Николовски.

Тој оцени дека ланската реколта е една од најдобрите споредено со изминатите години. Просечната цена на еден килограм откупен тутун изнесува  217,5 денари.

– Согласно откупната цена по класи, вкупната исплатена сума кон тутунарите ќе биде над 80 милиони евра. Со зголемените субвенции ќе им бидат исплатени околу 28 милиони евра субвенции. Што значи дека реколтата 2017 година на 23.000 семејства им обезбедува приход од вкупно 100 милиони евра – појасни Николовски.


Откупната цена на тутунот достигна 214,8 денари за килограм


Скопје, 17 јануари, 2018 - 13:26 (META) 

Откупот на тутун е во завршна фаза и се очекува да заврши до крајот на месецот, а просечната откупна цена на тутунот од реколтата 2017 достигна 214,8 денари за килограм, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство досега се откупени повеќе од 21,5 милиони килограми тутун во вредност од близу 60 милиони евра. Тутунот годинава е со добар квалитет, кај компаниите има интерес за откуп и засега нема пријавено проблеми во однос на проценката на класите, велат од Министерството, појаснувајќи и дека од Македонија во просек годишно се извезува тутун во вредност од 100 милиони евра.