ВМРО-ДПМНЕ: Пресудата за Поповски е неправда и реализација на партиско политички нарачки


Скопје, 22 мај, 2018 - 16:30 (META) 

Ова што го видовме денеска не е суд и правда, туку реализација на партиско-политички нарачки и неправда. Невини луѓе кои ниту оствариле каква било имотна корист и не предизвикале никаква штета се осудуваат со драконски казни, а Зоран Заев кого целата јавност го виде како бара поткуп се ослободува од каква било одговорност, реагира ВМРО-ДПМНЕ во врска со пресудата за Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер во МВР.

Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека, вакви процеси какви што води судот под притисок на криминалниот картел на власта, се водат само во Северна Кореја, а можеби ни таму.

-Вакви пресуди врз вакви докази не изрекувале ниту црвените кмери во Камбоџа. Правосудството денеска го допре дното. Ниту некој прибавил противправна имотна корист, ниту е направена материјална штета. Набавените возила сè уште се користат во Министерството за внатрешни работи. Постапката за набавка на 300 автомобили е спроведена согласно со закон и потребите на полицијата. Постапката е завршена со јавно отворање на понудите, по што е донесен извештај со предлог за избор за најповолен понудувач. Одлуката за избор ја донела Комисијата за јавни набавки, која е составена од искусни професионалци и специјалисти за јавни набавки, кои ја сугерирале и примениле одредбата од неговата одлука за јавна набавка која се однесува на деливоста на набавката внатре во лотовите. Сведочењата на членовите на комисијата за јавни набавки се во прилог на одбраната – истакна Стоилковски.

Според него, СЈО овој случај го заснова врз само еден приватен телефонски разговор.

-СЈО нема ниту еден издржан аргумент. Пресудата, особено нејзината висина е одраз на политички притисок од страна на картелот на власт. Зоран Заев лично го најави овој прогон и во негова изјава пред неколку дена ги најави првите пресуди – додаде Стоилковски.


Ѓоко Поповски осуден на 9 години затвор во случајот „Триста“ за набавка на возила во МВР


Скопје, 22 мај, 2018 - 13:21 (META) 

Кривичниот суд денеска го осуди поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски на 9 години затворска казна за случајот на СЈО „Триста“ за незаконска набавка на 300 полициски возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година.

Според пресудата, Поповски треба и да ја надомести штетата од приближно половина милион евра и судските трошоци. Судијката Добрила Кацарска рече дека Поповски бил свесен дека со неговото постапување може да настапи штетна последица и дека бил должен да се грижи за финансиите на МВР, кои всушност се пари на даночните обврзници.

-Министерството исплатило 318.050.292 денари односно 27.894.522 денари повеќе од збирот на економски најповолните понуди за набавка на возила. Со ова е нанесена е штета на МВР од големи размери – рече Кацарска.

Таа истакна дека 11 економски оператори доставиле понуда за сите возила. Комисијата не предложила избор на економски најисплатливите понуди. Договорите наместо да се склучат со прворангираните економски оператори, се склучувале со другите оператори.

Поповски претходно се изјасни дека не е виновен и дека очекува ослободителна пресуда. Тој е осуден за злоупотреба на службената положба и овластување.


На 22 мај пресуда за набавката на полициските возила


Скопје, 16 мај, 2018 - 12:31 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска побара осудителна пресуда и затвор за помошникот-министер во МВР за јавни набавки, Ѓоко Поповски во судењето за случајот „Триста“. Откако финишираа завршните зборови на обвинителството и на одбраната, судијката Добрила Кацарска го закажа соопштувањето на пресудата на 22 мај, јави Алсат-М.

Според СЈО, на Поповски му се заканува казна затвор од 4 до 15 години за злоупотреби при набавката на 300 нови возила за полицијата.

Одбраната пак, побара Поповски да биде ослободен од обвинението, а тој самиот посочи дека целата постапка која се води приотив него сериозно влијаела на неговото здравје


Продолжуваат судењата за насилството во Центар и за „Триста“


Скопје, 3 април, 2018 - 9:33 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 за денеска се закажани две рочишта за судските случаи што се водат по обвиненија од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Во 9.30 часот би требало да почне рочиштето за „Насилство во општина Центар“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

На претходните рочишта за овој предмет, вина за настаните пред Општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

На рочиштето за предметот „Триста“, кое ќе почне во 10.30 часот, обвинет Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер во МВР. Се товари за незаконитости при набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Обвинителите велат дека Поповски со набавката го оштетил буџетот на државата за сума од 453.570 евра, односно тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.


Судења за „Траекторија“ и „Триста“ во скопскиот Кривичен суд денеска


Скопје, 20 март, 2018 - 9:44 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 (Кривичен суд) денеска треба да се одржат рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наречени „Траекторија“ и „Триста“.

На рочиштето за „Траекторија“, за договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, треба да бидат разгледани материјални докази.

Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.

На рочиштето за предметот „Триста“ во кој е обвинет Ѓоко Поповски поранешен помошник-министер во МВР за набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи, неговата одбрана треба да даде воведни зборови, а ќе бидат повикани и четворица сведоци на СЈО.

Обвинителите велат дека Поповски со набавката го оштетил буџетот на државата за сума од 453.570 евра, односно тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.


Почнува судењето на Талевска за „Тифани“, Села треба да сведочи за нападот од 27 април


Скопје, 19 февруари, 2018 - 10:20 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани три рочишта од судските процеси по обвиненија на Специјалното јавно обвинителство, а треба да продолжи и судењето на напаѓачите на пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за време на насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

На денешното рочиште против напаѓачите на Села, кои се товарат за обид за убиство, како што најавено, треба да сведочи лидерот на Алијансата за Албанците.

На претходното рочиште, адвокатот на Села, Абедин Абдули соопшти дека неговиот клиент бара отштета од 30 милиони денари или половина милион евра. На истата расправа, еден од сведоците на нападот на пратеникот, ја смени изјавата дадена во истрага.

Денеска во Кривичниот суд треба да се одржи и првото рочиште, односно да почне и судскиот процес против новинарката и уредничка во „Сител“, Ивона Талевска, која е обвинета дека, во периодот од 2008 до 2014, со намера таа и нејзини фирми да одбегнат плаќање даноци, давала лажни податоци до надлежните институции. Фирмите на Талевска, според СЈО, одбегнале да платат даночни обврски во износ од 37.634 евра, а таа одбегнала да плати данок во износ од 16.924 евра.

Во Кривичне треба да продолжи и судењето за набавката на 300 возила за МВР, случај кој во јавноста е познат како „Триста“, а во кој обвинет е поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски. Инаку, судењето треба да продолжи со нов судија, на местото на Лидија Петровска, поради новиот распоред за работа кој го донесе претседателот на судот, Иван Џолев.

За денеска е закажано рочиште против Димче Крстев, кој е обвинет за насилствата пред општина Центар во јуни 2013 година. За него судот ја издвои постапката, и му се суди одделно од останатите обвинети, меѓу кои се и поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште десетина лица.


Ново рочиште за случајот „Триста“


Скопје, 28 декември, 2017 - 10:02 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска треба да се одржи рочиште за случајот „Триста“ во кој, поранешниот помошник-министер Ѓоко Поповски е обвинет за нелегална набавка на 300 возила за потребите на МВР.

Попоски, како што се наведува во обвинението на СЈО, тендерот за купување на возила го доделил на фирма која немала најевтина понуда, со што го оштетил државниот буџет за 453.570 евраа.

Последното рочиште за „Триста“ беше одложено на барање на адвокатите на Поповски, кои соопштија дека нивниот клиент страда од депресија и оти поради лекарствата кои ги прима не е во состојба да го следи судењето.

Во судот, на барање на СЈО, треба да се појави и вештак – психијатар да процени дали Поповски е способен да ја следи главната расправа.


Судењето за „Триста“ повторно одложено, Поповски отворил боледување


Скопје, 21 ноември, 2017 - 10:36 (META) 

Поради отсуство на обвинетиот Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер во Министерството за внатрешни работи, во Основниот суд Скопје 1 денеска повторно беше одложено рочиштето за предметот „Триста“ на СЈО, за набавката на 300 возила за МВР, со која буџетот бил оштетен за 453.570 евра.

Рочиштето беше одложено откако одбраната на Поповски достави медицинска документација дека обвинетиот е на боледување и е спречен да дојде на судењето.

Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, побара независно вешто лице да изврши увид во медицинската документација и да даде непристрасно мислење за способноста на Поповски да присуствува на рочиштата.

– Предлагам вешто лице со соодветни познавања да утврди дали обвинетиот може да го следи судењето. На Поповски можеби ќе му требаат две години да оздрави. И ние толку ли ќе чекаме? Може да правиме и паузи на судењата, ако побара обвинетиот. Судењето не смее да зависи од неговите желби – рече Фетаи.

Судијката Лидија Петровска рече дека отсуството е оправдано и го одложи судењето за 27 ноември.

Поповски, кој е единствен обвинет во случајот „Триста“, се товари за набавка на 300 возила за МВР, со која бил оштетен буџетот за 453.570 евра, бидејќи тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на компании што не дале најевтина понуда.


СЈО побара замрзнување на имотот за случаите „Талир“ и „Триста“


Скопје, 26 мај, 2017 - 16:14 (META) 

Специјалното јавно обвинителство извести дека денеска до Основен суд Скопје 1 поднело барања за обезбедување на имот поврзан со предметите „Триста“ и „Талир“. Барањето за вториот случај е преработено, при што биле земени предвид укажувањата на судот при одбивањето на првичното барање за замрзнување имот.

Во врска со предметот „Триста“, кој е за набавката на 300 возила за МВР, до судот е поднесен предлог за привремена мерка забрана за отуѓување и оптоварување на недвижен и движен имот во сопственост на осомничениот помошник на министерот за внатрешни работи.

Во врска со предметот „Талир“ поднесено е ново барање до Судот за забрана за отуѓување и оптоварување на дел од недвижен имот кој потекнува од извршено кривично дело, при што во предвид се земени укажувањата на Судот искажани во одлуките со кои беа одбиени првичните барања за обезбедување на имот, соопшти СЈО.


СЈО: Четири нови истраги за затајување данок и за злоупотреба на јавна функција


Скопје, 23 март, 2017 - 12:16 (META) 

„Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“ се четирите нови истраги што Специјалното јавно обвинителство ги отвори денеска.

Според обвинителката Катица Јанева, постојат материјални и вербални докази дека од 2008 до 2016 година Министерството за финансии и Управата за јавни приходи не си ги извршиле законските должности, дозволиле поединци и служебни лица да работат спротивно на законот и овозможиле тие да стекнат лична корист на сметка на државниот буџет.

Во случајот „Триста“, помошник на министерот за внатрешни работи кој бил задолжен за спроведување јавни набавки, со набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра, бидејќи тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возила им го доделил на компании кои не дале најевтина понуда.

– Со купување возила, сервисирање и одржување, „Порше Македонија“, „Колевски“, „Бохемија“, „Кадиз“, „Ауто-Македонија“, „Авто-куќа“ и „Ауто мобил“ прибавиле противимотна лична корист, бидејќи понудите од компаниите не биле утврдени за најповолни, што било единствен критериум за јавната набавка – информираше јавната обвинителка Фатиме Фетаи.

„Тотал“ се однесува на даночно затајување за што е осомничен сопственикот и управител на фирмите „Тотал“, „Медиа макс тотал“ и „Медиа макс“. Тој, според СЈО, давал лажни податоци и ги користел правните лица како параван, затајувајќи 121.414 евра данок.

Како што посочи обвинителката Фетаи, постои основано сомневање дека од 2008 година до 2005 година осомничениот давал лажни податоци за утврдување на фактичката состојба за плаќање данок и за исполнување на даночните обврски во однос на плаќање данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок.

– Осомничениот како управител, преку правните лица си правел набавки за себе лично. Под изговор дека тоа се набавки за потребите на правните лица, купени се душеци „меџик тач“ во износ  3.080 евра, рачен часовник „брајтлинг“ од 2.341 евра, мебел вреден 65.940 евра, персиски теписи, дизајнирани кујнски садови – информираше Фетаи.

Во случајот „Тифани“, сопственичката, управител и единствен потписник на „Смарт центар“ и на „Смарт груп ДООЕЛ“, сторила кривично дело даночно затајување.

Таа е осомничена дека од 2008 до 2014 година, за да ги избегне даночните обврски, давала лажни податоци и на тој начин одбегнала плаќање на данок на добивка од 37.634 евра, како и персонален данок од 16.924 евра.

– Осомничената ги користела како параван правните субјекти и за себе купувала долна облека во вредност од 500 евра, здолништа, чанти во вредност од 33.508 евра, очила, шминка, мебел, точаци, сигурносни врати – информираше Фетаи.

Во случајот „Табла“, пак, директор на основно училиуште „Реџо Рушиќ“ од Зајас, спротивно на решението на Министерство за образование и без да спроведе јавна набавка, за која законски е обврзан, изградбата на објект ѝ ја доделил на компанијата „Баупрф ДООЕЛ“ од Кичево, со што го оштетил буџетот за 200.000 евра.

За ниеден од осомничените не е побрана мерка за обезбедување присуство.

Обвинителката Ленче Ристоска рече дека спротивно на пишувањата во медиумите, ниеден медиум не е под истрага, а доколку некои лица кои се сопственици или на накој начин поврзани со медиуми, од интерес на јавноста е да се истражат случаите и да се дознае вистината.

Специјалната јавна обвинителка Катица на денешната прес-конференција уште еднаш побара Собранието да го продолжи рокот за завршување на истрагите и подигнување на обвинителни акти, бидејќи финансиските истраги што ги води СЈО се комплексни и е потребен подолг период за обвиненија.

– Роковите на СЈО се пократки од оние по кои постапуваат другите јавни обвинителства и од оние кои што се определени од Законот за кривична постапка. Бараме Собранието да ја разгледа законската одредба што ја скратува работа и заеднички да најдеме решение – рече Јанева.