Владата предлага кризната состојба на границите да продолжи до јуни 2019


Скопје, 30 октомври, 2018 - 13:23 (META) 

Владата предлага, кризната состојба на јужната и на северната граница да биде продолжена до 30 јуни 2019 година, со цел, превенирање и спречување влез и транзитирање мигранти на територија на Македонија.

Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Македонија е веќе доставена до Собранието, каде треба да биде разгледана на матичната комисија и да биде изгласана на пленарна седница.

Целта за продолжување на одлуката е да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата и на безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница.

Кризната состојба поради наплив на мигранти на македонската граница беше воведена летото во 2015 година, и од тогаш се продолжува.


Австрија ќе ги штити границите, по договорот за мигрантите во германската влада


Виена, 3 јули, 2018 - 10:03 (META) 

Австриската влада соопшти дека е подготвена да преземе мерки за заштита на границите, по договорот во германската влада со кој се предвидува рестрикција за влез на мигранти во Германија.

„Доколку германската влада го потврди договорот, ќе бидеме приморани да преземеме мерки за да ги спречиме непријатностите на граѓаните во Австрија“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека Австрија е подготвена да ги штити границите, посебно на југот, со Италија и Словенија.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој е во судир со канцеларката Ангела Меркел околу мигрантската политика, изјави дека постигнал договор со неа околу ова прашање.

Постигнатиот компромис предвидува дека во иднина, оние кои бараат азил, а доаѓаат во Германија ќе бидат испратени во транзитни центри на границите, а не по центрите ширум земјата.

Откако барањата ќе бидат разгледани, мигрантите ќе бидат префрлени во други земји на ЕУ каде што најпрво стигнале. Тој трансфер ќе биде организиран во рамките на договорите со тие земји.


Тунис им забрани на авиокомпаниите од ОАЕ да слетуваат на туниска територија


Тунис, 25 декември, 2017 - 10:09 (META) 

Тунис им забрани на авиокомпаниите од Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), нивните авиони да слетуваат на туниска територија, соопшти денеска Министерството за сообраќај на Тунис.

Забраната следува два дена откако, туниската влада соопшти дека ОАЕ им забраниле на Тунижанките да слетуваат на нивна територија или ОАЕ да ја користат како транзитна земја, пренесуваат светските медиуми.

Од Министерство за сообраќај на Тунис велат дека, ги суспендирале летовите на компанијата „Емирејтс“, се додека компанијата не најде соодветно решение за летовите „во согласност со меѓународното право и договори“.

Тунис побара објаснување од амбасадорот во ОАЕ, кој известил дека, одлуката била краткорочна и рестрикциите повеќе не важеле.

И покрај тоа, групата за човекови права во Тунис ги осуди овие мерки и ги квалификуваше како „дискриминаторски и расистички“.


За 24 часа низ Македонија поминале околу 2.400 мигранти


Скопје, 9 февруари, 2016 - 11:46 (META) 

Во изминатите 24 часа, низ Македонија поминале вкупно 2.393 странски државјани. Потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил им се издадени на 899 лица од машки пол, 547 од женски пол и на 932 деца што го придружуваат носителот на потврдата. Ваков документ од македонското МВР добиле и 15 деца што патувале без родител.

Според државјанството, најмногу потврди се издадени на државјани на Сирија (1.055 ), потоа на 802 државјани на Авганистан и на 536 државјани на Ирак.

Од почетокот на годината низ Македонија поминале вкупно 70.418 странски државјани, од кои 28.560 биле од машки пол, 15.233 – од женски, 26.483 биле деца што го придружуваат носителот на потврдата, а 142 биле деца што патуваат без родител.

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 34.238. Ваква потврда им е издадена на 22.097 лица од Авганистан и на 14.080 државјани на Ирак.


Последните 24 часа низ Македонија поминале 3.256 бегалци


Скопје, 6 февруари, 2016 - 13:39 (META) 

Во последното деноноќие, на 3.256 странски државјани им се издадени потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил, од кои 1.126 се од машки, 766 од женски пол, а 1.364 се деца што го придружуваат носителот на потврдата.

Како што информира МВР, од нив 1.516 се државјани на Сирија, 904 се државјани на Ирак, а 836 се државјани на Авганистан.

Од почетокот на годинава потврди им се издадени на вкупно 63.402 странски државјани, од кои 25.946 се од машки пол, 13.639 од женски и 23.703 се деца што го придружуваат носителот на потврдата. Уште 114 деца што патуваат без родител, исто така, добиле ваква потврда. Најбројни се државјаните на Сирија – 30.932, од Авганистан се 20.005 лица и од Ирак – 12.462.


Во последните 24 часа издадени потврди на 5.255 мигранти


Скопје, 12 декември, 2015 - 10:52 (META) 

Во последните 24 часа, потврди за искажана намера за барање азил, Министерството за внатрешни работи (МВР) издало на вкупно 5.255 мигранти. Од нив, најголем број се државјани на Сирија, вкупно 3.070, од Авганистан биле регистрирани 905 мигранти, а 1.280 се од Ирак.

Од 19 јуни, кога почна издавањето на потврдите, заклучно со ноќеска на полноќ, вакви документи, според податоците на МВР, им се издадени на вкупно 330.798 мигранти, кои транзитирале низ територијата на земјава.

Според државјанството на мигрантите на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија (191.431), а потоа на Авганистан (79.968), Ирак (37.958.218), Пакистан (5.416), Иран (6.231), Палестина (2.158), Сомалија (1.276), Бангладеш (1.253), Мароко (1.317), Конго (514), Алжир (453), Либан (434), Нигерија (279) и помал број од други земји.

 


МВР: Македонија од синоќа пропушта само мигранти од кризни жаришта


Скопје, 20 ноември, 2015 - 17:53 (META) 

Како реакција на добиените известувања од соседните држави, Македонија вчеравечер, во 19 часот, ја активирала мерката за селективен пристап на мигрантите што доаѓаат од Грција, соопшти Министерството за внатреши работи (МВР).

Во согласност со ваквата мерка, транзит до земјите на ЕУ им се овозможува само на бегалците од државите каде има воени конфликти, односно од Сирија, Авганистан и од Ирак, но не и на економските мигранти што доаѓаат од Иран, Пакистан, Мароко, Бангладеш, Либерија, Судан, Алжир, Конго и од други земји.

Од МВР информираат дека и изминатата недела имало зголемен број мигранти од земјите од Блискиот Исток, а вкупно 101.636 мигранти влегле во Македонија во периодот од 1 до 17 ноември.

Во моментот во привремениот прифатен центар на граничниот премин Табановце се наоѓаат 280 лица, додека на јужната граница кај Гевгелија, во прифатниот центар има 500 мигранти кои чекаат да заминат.

Надвор од прифатниот центар, информираат од МВР, има околу 50 лица, најмногу ирански државјани, кои оствариле влез пред почетокот на примената на мерката и сега одбиваат да се вратат во Грција.

На грчка територија за влез во Македонија чекаат околу 2.000 мигранти од различни земји.

Од МВР информираат дека состојбата со мигрантите во прифатните центри на северната и на јужната граница е мирна и стабилна, но напоменуваат дека ситуацијата со мигрантите и со нивниот број на границите постојано се менува.


За 24 часа издадени потврди на близу 3.000 мигранти


Скопје, 19 октомври, 2015 - 12:32 (META) 

Во последните 24 часа, потврди за искажана намера за барање азил, Министерството за внатрешни работи (МВР) издало на вкупно 2.909 мигранти, од кои најголем дел, односно 1.648, се сириски државјани.

Со последната бројка на регистрирани мигранти, според податоците на МВР, од почетокот на издавањето на потврдите, на 19 јуни, досега низ земјава кон север, транзитирале вкупно 155.739 странски државјани.

Најголем број од нив се сириски државјани, вкупно 106.915 лица, потоа од Авганистан (25.818), Ирак (11.697), Пакистан (3.729), Иран (1.806), Палестина (1.507), Сомалија (824), Бангладеш (828), Конго (450), Нигерија (244), Камерун (218) и од Еритреја (204).

Досега, според МВР, барање за азил во земјава поднеле само 70 мигранти. Од нив, 51 се сириски државјани, додека другите се од Авганистан, Пакистан, Мароко, Либан, Палестина, Алжир, Ирак и од Египет.


Се зголемува бројот на мигранти што транзитираат низ Македонија


Скопје, 28 јули, 2015 - 10:06 (META) 

Бројот на мигранти што минуваат низ територијата на Македонија се зголемува, а од МВР соопштуваат дека само во последните три дена се издадени 1.853 потврди за признавање на правото за азил за лица кои илегално влегле во Македонија.

Во периодот од 19 јуни до 27 јули издадени се вкупно 2.065 дозволи за престој на странски државјани, од кои 267 на деца придружувани со родител и 191 на деца без нивните родители. Најголемиот број мигранти доаѓаат од Сирија, вкупно 15.290, потоа следат Авганистанците – 1.543, Иранците – 1.172, Пакистанците со вкупно 676 и лица од другите земји од Блискиот Исток.


Армијата ќе ѝ помага на полицијата околу транзитот на мигрантите


Гевгелија, 16 јули, 2015 - 16:27 (META) 

Македонската армија ќе ѝ помага на полицијата во обезбедувањето на граничните појаси и на коридорот 10 по кој транзитираат илегалните мигранти преку територијата на земјата, соопшти претседателот и врховен командант, Ѓорге Иванов, при денешната посета на граничната линија со Грција.

Иванов истакна дека помошта на Армијата е неопходна и дека мора да ѝ се излезе во пресрет на полицијата во обезбедувањето на граничниот појас од околу 50 километри, каде фреквенцијата на мигранти е најголема.

– Неопходно ќе биде да ѝ се излезе во пресрет на полицијата, бидејќи има потреба од дополнителни ангажмани со оглед дека станува збор за околу 50 километри гранична линија, каде претежно бегалците доаѓаат од Грција во Македонија. Армијата ќе биде ангажирана да го обезбеди овој дел од границата, но и да се обезбеди северниот дел кај Табановце – рече Иванов.

Тој истакна дека во идинина Македонија ќе се држи до мерките и до активностите што ги преземаат земјите-членки на Европската унија и ќе дејствува во согласност со нив.