!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

На Табановце приведен Србин по кого трага кумановската полиција


Скопје, 8 јануари, 2017 - 13:14 (META) 

На граничниот премин Табановце вчера при обид за излез од земјава е приведен Ќ.З. од Прешево, Србија, кој е сторител на кривично дело телесна повреда, соопшти МВР.

Приведениот е откриен при пасошка контрола, кога е утврдено дека е предмет на потрага по телеграма од СВР Куманово поради основно сомнение дека нанел телесна повреда на друго лице.

Приведениот е предаден во полицијата во Куманово за понатамошна постапка.


Невладините организации приредија празничен ручек за бегалците на Табановце


Скопје, 5 јули, 2016 - 16:02 (META) 

По повод муслиманскиот празник Рамазан-бајрам, денеска во Транзитниот центар Табановце, невладините организации подготвија ручек и донесоа подароци за децата.

Во центарот има бегалци од Сирија и од Авганистан. Најголем процент се семејства со деца.

Рамазан-бајрам се слави три дена, а доаѓа по едномесечниот строг пост. Рамазан е месец на добрината, љубовта и на милоста.


ОН: Бегалците во „Винојуг“ и во Табановце живеат како во притвор и во мизерни услови


Скопје, 20 април, 2016 - 16:47 (META) 

Околу 1.000 мигранти и бегалци, кои се сместени во транзитните центри „Винојуг“ и на Табановце, како и во центарот за азил во Скопје, од кои половината се деца, живеат во многу лоши и примитивни услови, со неквалитетна храна и со ограничена слобода на движење, велат агенциите на Обединетите нации.

„Агенциите на Обединетите нации се сериозно загрижени поради условите во кои живеат овие лица. Двата главни центри за сместување се проектирани, изградени и опремени исклучиво како транзитни центри, со можност за згрижување на минувачки посетители најмногу до 24 часа. Тие не се центри за престој. Лицата што престојуваат во речиси празниот камп „Винојуг“ ги користат креветите на кат во контејнерите, но во Табановце има недостиг од кревети и мнозинството луѓе што престојуваат таму спијат на клупи, на подот во колективните засолништа или надвор во шатори. Немаат приватност. Често снемува струја. Греењето, кога надвор студи, и ладењето, кога надвор е топло, се несоодветни. Санитарните услови се примитивни. Слободата на движење е ограничена, што ги принудува луѓето да живеат во услови слични на притвор. Повеќето од луѓето во Табановце живеат во вакви услови повеќе од два месеца. Владата, агенциите на Обединетите нации и невладините организации направија големи напори за да ги приспособат центрите на новите потреби, но тие се сè уште несоодветни за подолг престој“, стои во соопштението на агенциите на ОН.

Условите во центарот во Визбегово за барателите на азил, се додава во соопштението, се исто така незадоволителни, мигрантите добиваат неквалитетна храна и во недоволни количества, хигиената е на ниско ниво, нема топла вода, нема реквизити и можности за рекреација и пристапот до информации е несоодветен.

Агенциите на ОН бараат од Владата да преземе итни мерки за подобрување на состојбата со сместувањето на мигрантите и на бегалците.

„Ваквите тешки услови дополнително го зголемуваат и онака високиот ризик од сексуално и од родово насилство, особено каде што неизвесноста, наметнатата неактивност и материјалните ускратувања доведуваат до фрустрација. На жените и на девојчињата кои се соочуваат со ризик од експлоатација и од трговија со луѓе, треба да им се обезбеди дополнителна заштита. Агенциите на Обединетите нации бараат од Владата да преземе итни мерки за да ја подобри оваа ситуација, а конкретно на бегалците и на мигрантите да им понуди сместување кое е соодветно за подолгорочен престој. Агенциите на Обединетите нации се подготвени да обезбедат и техничка и финансиска поддршка за наоѓање решенија што ќе понудат поголемо почитување на човечкото достоинство и дополнителна заштита за големиот број ранливи лица“, се вели во соопштението.

Во транзитниот центар во Табановце, според ОН, во моментов се сместени 770 лица, а околу 138 престојуваат во центарот „Винојуг“, кај Гевгелија. Дополнително, 61 лице има во центарот за баратели на азил во Визбегово, каде што чекаат одлуки за поднесените барања за азил, а 12 ранливи поединци се сместени во куќа за згрижување во Скопје.


Стојановски: 237 мигранти од меѓуграничната зона со Србија се префрлени во ТЦ Табановце


Скопје, 26 март, 2016 - 12:28 (META) 

Вкупно 237 мигранти од Сирија и Ирак, кои повеќе од три недели се наоѓаа во меѓуграничната зона на на Македонија и Србија, вчера се префрлиле во Транзитниот центар, соопшти денеска координаторот на Транзитниот центар „Табановце“, Горан Стојановски.

Дел од мигрантите, односно 42 изразиле желба да заминат во Тразнитниот центар „Винојуг“, по што со воз биле пренесени кон Гевгелија. Останатите се сместени во монтажни објекти и шатори во Транзиниот Центар Табановце.

Стојановски соопшти дека во Во центарот на Табановце во моментов се наоѓаат 1.038 мигранти


Тргна хуманитарната помош од Бугарија за бегалците во Македонија


Софија, 24 март, 2016 - 11:17 (META) 

Изутринава од Софија, два камиона со хуманитарна помош за бегалците и за мигрантите во транзитниот центар Табановце, крај Куманово, тргна кон Македонија, стои на веб-страницата на Владата на Бугарија.

Донацијата е на иницијатива на бугарскиот премиер Бојко Борисов, а се прави во соработка со бугарскиот Црвен крст и со бугарски компании кои доброволно обезбедиле прехранбени продукти и минерална вода.

Ова е трет конвој хуманитарна помош што се организира на иницијатива на Владата на Бугарија. Првиот беше упатен во Унгарија, а вториот во Грција. Во транзитниот центар во Табановце во моментов се блокирани околу 1.500 мажи, жени и деца.


Ременски: Во Табановце има над 1.400 мигранти, повеќе од капацитетот на кампот


Куманово, 17 март, 2016 - 20:21 (META) 

Во транзитниот камп во Табановце во моментов се наоѓаат повеќе од 1.400 мигранти, така што се надминати капацитетите на кампот, поради што дел од луѓето се сместени во него, а дел се наоѓаат на граничниот камен, изјави министерката за труд и социјална политика, Фросина Ремески, при денешната посета на прифатниот центар во близина на Куманово.

Поради ваквата состојба, рече Ременски, ќе бидат преземени активности за префрлање на дел од мигрантите од кампот во Табановце во кампот „Винојуг“ на јужната граница, кај Гевгелија.

– Она што е примарен акцент во идните активности што треба да бидат преземени во соработка со сите субјекти во транзитните центри е обидот да се направи поделба на бројната состојба помеѓу прифатниот центар Табановце и прифатниот центар „Винојуг“ за да може да се растерети притисокот на Табановце, а да се обезбедат похумани услови за сместување на лицата во транзитните центри. Се прават анкети во рамките на прифатните центри, врз основа на доброволност, за префрлање, односно сместување во кампот „Винојуг“. За жал, доброволноста е слаба и деновиве имаме дваесетина луѓе што прифатија да бидат сместени во транзитниот центар „Винојуг“. Оваа бројка сигнализира дека е неопходно активирање на сите субјекти за да може да се растовари притисокот во Табановце – вели Ременски.

Таа додаде дека во координација со Црвениот крст, Министерството за труд и социјална политика наредните денови ќе ја преземе одговорноста за набавка на топлите оброци за лицата во транзитните центри, за што ќе биде користен грант на Европската банка за развој.

– Голем дел од товарот за снабдување со основни и потребни продукти за храна на лицата во транзитните центри ќе го преземе Министерството за труд и социјална политика, без притоа да ги исклучиме сите други невладини организации што донираат храна и се нашле во најтешките моменти за луѓето кои обезбедуваат грижа за лицата во транзитните центри – рече Ременски.


Повеќе од 1.000 мигранти заглавени на Табановце, сите очи вперени кон самитот во Брисел


Скопје, 7 март, 2016 - 11:36 (META) 

Повеќе од 1.000 мигранти од Сирија и од Ирак во моментов се заглавени кај Табановце, на македонско-српската граница, бидејќи српските власти одбиваат да ги пропуштат и да им дозволат транзит понатаму по балканската рута, велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во меѓувреме на јужната граница, според информации од грчка страна, воведени се дополнителни ограничувања за сириските државјани, односно не им се дозволува влез во Македонија на тие мигранти од Сирија што доаѓаат од подрачја кои не се зафатени од воени дејства.

ОД МВР во врска со оваа информација велат дека доколку некоја од земјите на балканската рута воведе вакви ограничувања, Македонија ќе биде принудена да воведе забрана за влез на мигранти од одредени подрачја од Сирија и од Ирак.

– Ирак и Сирија ги сметаме за небезбедни земји, но доколку некоја од земјите на рутата воведе нови ограничувања, ќе бидеме принудени да ја разгледаме можноста за нивна примена и на македонско-грчката граница, вклучувајќи забрана за влез на мигранти од одредени подрачја. Од критериумите на другите држави на рутата ќе зависат и критериумите што ќе се применуваат на македонско-грчката граница. Впрочем, во овој момент на македонско-српската граница се заглавени преку 1.000 мигранти, во најголем дел токму од Сирија и од Ирак, за кои не знаеме од кои причини не им е одобрен транзит низ Република Србија – велат за „Мета“ од МВР.

Од Министерството информираат дека проверките на условите за влез на мигрантите во земјава, на хуманитарна основа се вршат „во согласност со националното законодавство и заеднички критериуми договорени помеѓу земјите на рутата“.

Проверките и профилирањето го вршат мешани тимови од полициски службеници на сите држави.

Истовремено, како што информираат од МВР, сите очи се вперени кон Брисел, каде се одржува вонредниот самит меѓу Европската Унија и Турција, на кој се очекува да биде договорена новата стратегија за справување со мигрантската криза во Европа.

– Нашите понатамошни постапки и чекори ќе зависат од тоа што ќе биде договорено на самитот во Брисел – ни одговорија од МВР.


Во Прешево сместени 500 мигранти вратени од Хрватска


Белград, 1 март, 2016 - 9:59 (META) 

Хрватска вратила околу 500 мигранти, кои во моментов се наоѓаат во прифатниот камп во Прешево, додека кај Табановце, од македонската страна на границата, има неколку стотини бегалци, изјави директорот на српскиот Центар за заштита и за помош на баратели на азил, Радош Ѓуровиќ, во ТВ-дневникот на РТС.

Според Ѓуровиќ, засега не се наѕира решение за мигрантската криза, а ситуацијата ќе биде сè потешка, сè додека не биде постигнат консензус меѓу земјите членки на Европската унија по ова прашање.

Директорот на Центарот за заштита и за помош на барателите на азил, вели дека и во случај да дојде до промена на бегалската рута, Србија и понатаму ќе биде попатна станица за мигрантите.

„Балканот станува тампон-зона, во која ќе циркулираат многу луѓе. Можно е да дојде до промена на рутата, но Србија и понатаму ќе биде неизбежна станица во случај мигрантите да тргнат преку Албанија, Црна Гора или Бугарија“, изјави Ѓуровиќ.

Во врска со вонредниот пакет мерки што го подготвува ЕУ, Ѓуровиќ вели дека не очекува значајни промени бидејќи мерките, пред сè, ќе бидат во форма на препораки кои нема да имаат обврзувачки карактер.


Управувачкиот комитет ќе одлучува за бегалците заглавени на Табановце


Куманово/Гевгелија, 24 февруари, 2016 - 17:05 (META) 

Управувачкиот комитет за справување со мигрантската криза денеска попладне по 18 часот треба да одржи состанок, на кој ќе се расправа за ситуацијата со бегалците што се заглавени на Табановце, потврди за „Мета“ портпаролката на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Надица Вчкова.

– Средбата треба да биде некаде по 18 часот, но терминот кога ќе почне, сè уште не е прецизиран. На состанокот особено ќе се разговара за ситуацијата со бегалците што Србија ги враќа во Македонија – ни изјави Вчкова.

Состанокот треба да го свика министерот за здравство, Никола Тодоров, кој претседава со Управувачкиот комитет, во чиј состав се и министрите за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за транспорт и врски и претставници на ЦУК.

Како што пренесува порталот „Нова ТВ“, кампот на Табановце ноќеска се преполнил со бегалци кои биле вратени од Србија. Околу 130 мигранти заглавени во меѓузоната на српско-македонската граница синоќа мирно протестирале против одлуката на српските власти тие да бидат вратени во Македонија.

На јужната граница состојбата е мирна, но поради ситуацијата со бегалците кај Табановце, утрово и во попладневните часови речиси и воопшто да не се издаваат потврди на мигрантите од Сирија и од Ирак кои транзитираат низ западно-балканската рута до земјите од ЕУ, каде имаат намера да бараат азил.


МВР: На Табановце заглавени 617 мигранти од Авганистан оти Србија одбива да ги пропушти


Скопје, 21 февруари, 2016 - 12:29 (META) 

Повеќе од 600 мигранти од Авганистан во моментов се заглавени во прифатниот камп кај Табановце на македонско-српската граница, откако Србија ја затворила границата и не ги пропушта бегалците со авганстинаско државјанство, велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Од МВР за „Мета“, исто така, ги демантираат информациите на агенциите и на дел од грчките медиуми дека по Србија и македонските власти го запреле протекот и не дозволуваат влез на авганистанските државјани од Грција во Македонија.

– Доволно е да се погледнат дневните билтени за издадени потврди и ќе се види дека и завчера и вчера вакви документи им се издадени на државјани на Авганистан. Во моментов 617 лица од Авганистан чекаат кај Табановце бидејќи Србија одбива да им дозволи влез – вели за „Мета“ портпаролката на МВР, Дејана Недељковиќ.

Грчкиот весник „Прото тема“ денеска објави дека македонски власти почнале да не ги пропуштаат мигрантите од Авганистан, откако истото претходно го направила Србија на границата со Македонија. Причина за тоа, пишува весникот, е новиот начин на идентификување и на регистрација на мигрантите, според кој тие мораат да имаат пасош, а не само документ издаден од грчките власти, како што беше случајот досега.

Кај Идомени, од грчката страна на границата, според весникот, во моментот се наоѓаат околу 1.000 мигранти, а уште 3.000 чекаат во Кукуш.