Државата ќе изработува физибилити студија за чистење на арсенот во Лојане и Табановце

Фото: Архива на Мета.мк

Пред да се избере новиот концесионер што би го исчистил арсенот од Лојане и Табановце, Министерството за економија најпрво ќе мора да изработи физибилити студија за оправданост на доделувањето на нова концесија, постапка која е задолжителен чекор во согласност со одредбите од Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, велат за Мета.мк од Министерството за економија.

„Министерството за економија треба да изработи физибилити студија за оправданост на доделување на концесијата, со која би се определил минималниот износ на надоместокот за доделување на концесијата и други обврски за концесионерот кои би се предвиделе со договорот за концесија“, објаснуваат од ова министерство.

Ваквиот чекор следи откако пролетва Владата на РСМ ја донесе одлуката за едностран раскин на договорот со турската компанија „Калтун Мадденџилик“ за концесијата за експлоатација на арсенот и другите минерални суровини од поранешниот рудник „Лојане“. Во периодот од добивањето на концесијата во август 2014 година до нејзиното одземање пролетва, досегашниот концесионер успеал да исчисти и продаде само 60 тони од вкупно 15.000 тони арсен сулфид, колку што е проценето дека се лоцирани во јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“.

Владата го раскина договорот со турскиот концесионер за експлоатација на арсенот во Лојане

Дополнително, концесионер досега воопшто не е избран за преостанатите 1.000 тони арсен и други отпадни материи што се расфрлани во близина на железничката станица кај Табановце.

Одговори во врска со натамошното оградување и чистење на арсенот од Лојане и Табановце побаравме и од Владата на РСМ. Од централната власт велат дека оградувањето на арсенот не е решение за проблемот, туку рекултивација на просторот.

„Постои физибилити студија од 2007 година, изготвена од познатата чешка компанија „Деконта“ во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, за краткорочна ремедијација на старото јаловиште во Лојане, со цел спречување на ширењето на загадувањето со покривање на јаловиштето (рекултивација), со тогашните цени на пазарот“, посочуваат од Владата на РСМ.

Тогашните проценки биле дека се потребни 2 милиони долари за интервентни краткорочни мерки, а за долгорочна ремедиjација требало да се одвојат 3,6 милиони долари. Сепак, од Владата на РСМ признаваат дека од денешна перспектива, ваквите вредности за справување со арсенот се далеку повисоки со моменталниот пораст на цените.

„Потребна е дополнителна (нова) проценка на потребните финансиски средства“, го објаснуваат од Владата чекорот што ќе треба да следи пред да се изврши рекултивација на загадените површини.

Тие објаснуваат дека ќе мора да се преземат мерки слични на чистењето на линданот во „Охис“, кои покрај рекултивација на загадените површини, треба да опфатат препакување, обезбедување и привремено депонирање на историскиот опасен отпад. Во случајот со линданот во „Охис“, централната власт ја отпочна постапката за негово чистење, при што се искористија странски фондови за деконтаминација на загадената почва.

Првите количини линдан од ОХИС заминаа за Франција

Според објаснувањето на државните власти, за решавање на проблемот со арсенот во Лојане и Табановце најпрво ќе следи физибилити студија за определување на оправданоста за пронаоѓање нов концесионер, којшто ќе треба да го исчисти опасниот отпад од локацијата. Паралелно со ова, ќе треба да следи процесот за рекултивација на загадените локации, на кои е забележано загадување на почвата и водите.

Инаку, Собранието на РСМ пролетва ги усвои измените и дополнувањата на Законот за животна средина, со кои се уредува постапувањето со контаминираните подрачја во земјава. Со овој чекор, Министерството за животна средина ја подготвува Методологијата за идентификување на контаминираните подрачја, а Владата ќе може да ги прогласи како такви локациите што се жешки еколошки точки низ земјава.

Она што е најголем предизвик во целокупната постапка е активното спроведување на Плановите за управување со контаминираните подрачја, кои ќе подразбираат издвојување на финансии за предвидените активности на терен. Мета.мк пролетва ја контактираше Еко-свест, кои пак велат дека земјата досега немала искуство со прогласување на одредени локации за контаминирани подрачја, и посочија дека едно од можните решенија е ремедијацијата на контаминираните подрачја да се комбинира со енергетската транзиција, односно со изградбата на фотоволтаични централи на локациите кои претходно би се исчистиле од опасниот отпад.

Чистењето на жешките еколошки точки чини десетици милиони евра, мора да се најде економски одржлив модел

Мета.мк и Порталб.мк за проблемот со арсенот во Лојане и Табановце пишуваат уште од крајот на минатата година. Двете локации каде што е складиран арсенот се проблематични, бидејќи на 100-тина метри воздушна линија од јаловиштето во Лојане се наоѓа основното училиште „Рилиндја“, каде настава следат ученици од шесто до деветто одделение.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]

На втората локација кај Табановце пак, расфрланите количества арсен се наоѓаат во непосредна близина на железничката станица и кампот за мигранти, така што фреквенцијата на луѓе е присутна кај неоградената локација со опасен отпад.

Дополнително, во непосредна близина на расфрланите количества на арсен треба да се гради заедничкиот железнички граничен премин меѓу Северна Македонија и Србија, каде во иднина ќе бидат сместени полицајците, цариниците, инспекторите и железничките работници од двете земји.

Заеднички железнички граничен премин со Србија ќе се гради во Табановце, решение за арсенот нема

Инаку, жителите на Лојане и Табановце со години наназад се соочуваат со опасноста по нивните животи што произлегува од можното труење со арсен. Водата за пиење е целосно небезбедна за жителите, како и за животните. Арсенот е опасен и ако се вдиши, во што и самата екипа на Мета.мк и Порталб.мк се увери по само 15-тина минути престој на двете локации. На терен увидовме и дека на нивите до расфрланиот арсен во Табановце се садат земјоделски култури, додека домашни животни пасат трева кај рудникот „Лојане“ поради неоградениот простор.