Инспекторатите бараат арсенот во Лојане и Табановце да се огради и да има табли за предупредување

Арсенот и другите отпадни минерални суровини лоцирани во јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“; Фото: Архива на Мета.мк

По пишувањата на Мета.мк и Порталб.мк за опасностите од расфрланиот арсен и други отпадни минерални суровини во Лојане и Табановце, Државниот инспекторат за техничка инспекција (ДИТИ) на 4 февруари годинава изврши инспекциски надзор на посочените локации и констатирале дека јаловиштето во кругот на рудникот „Лојане“ и депонијата кај железничката станица во Табановце не се оградени и не се поставени информативни табли за опасност поради складираните суровини.

Државниот инспекторат за техничка инспекција ќе го задолжи концесионерот да го огради просторот и да постави информативни табли. Воедно, од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информираат дека по извршените контролни увиди на 12 и 14 септември 2021 година, го информирале Министерството за животна средина и просторно планирање за фактичката состојба од извршениот увид, но до февруари годинава не добиле насоки за понатамошни активности.

„Поради влијанието врз здравјето на луѓето (луѓе-рецептори кои живеат во опкружување на локацијата) и животната средина (медиумите: почва, вода и воздух) сакаме да Ве информираме за состојбата на локациите кај железничка станица Табановце и с.Ваксинце со опасен отпад од рудник Лојане како би се презеле итни мерки во многу краток рок, за расчистување на отпадната јаловина со што би се ограничило влијанието на опасниот отпад“, беше наведено во известувањето на ДИЖС до Министерството за животна средина и просторно планирање во септември лани.

Второто известување на ДИЖС од февруари годинава, заедно со известувањето од ДИТИ, сега е испратено до Министерството за економија. Токму ова министерство иницираше барање до надлежните инспекторати да извршат увид и да преземат соодветни мерки доколку констатираат недостатоци на терен, откако Мета.мк во декември пишуваше за расфрланиот арсен и другите отпадни минерални суровини во Табановце и Лојане.

Мета.мк стапи во контакт и со концесионерот – турската компанија „Калтун Мадденџилик“, од каде што пак добивме информација дека досега продале само околу 60 тони од проценетата количина на складирани околу 15.000 тони арсен сулфид во јаловиштето на рудникот „Лојане“. Од оваа компанија рекоа дека тие немаат должност за експлоатација на преостанатите околу 1.000 тони отпадна јаловина кај Табановце, бидејќи оваа локација не била вклучена во тендерската постапка.

Инаку, турскиот концесионер уште во август 2014 година склучил договор со Владата, со којшто е предвидена експлоатација на техногената минерална суровина на локалитетот „Лојане“. Од Министерството за економија информираа дека договорот за концесија со компанијата е со важност до 25.8.2024 година, односно до овој период тие можат да вршат експлоатација на арсенот и другите отпадни материи.

Концесионерот во доставените одговори објаснуваше дека планирале за 6 месеци да го продадат целокупниот материјал на Кина и затоа не поставиле огради и информативни табли околу рудникот „Лојане“.

„Нашиот план беше да се транспортира материјалот до Кина или Виетнам. Сепак, двете земји ги затворија нивните граници за увоз на антимон и сега поради ковидот, купувачите не можат да ги потврдат нарачките“, наведуваат во одговорот од турската компанија.

На нашето прашање зошто не го покријат со земја јаловиштето од рудникот „Лојане“ за да не се шири опасниот отпад барем низ воздух, концесионерот одговори дека ако го покријат со земја арсенот и другите отпадни минерали, тогаш немало да можат да вршат експлоатација.

Инаку, Мета.мк и Порталб.мк беа на терен во декември лани и утврдија дека двете локации кај Табановце и Лојане не се оградени и не се поставени информативни табли. Притоа, на само 100-тина метри воздушна линија од јаловиштето се наоѓа основното училиште „Рилиндја“, во кое настава следат ученици од шесто до деветто одделение. Тие се изложени на опасноста од вдишување на арсенот, а за евентуална дислокација на учениците во други згради во Лојане, Ваксинце или Табановце, од Општина Липково ни рекоа дека во моментов нема можност да ги префрлат учениците на друга локација, бидејќи бројот на основци што ја следат наставата е голем.

Покрај огромниот проблем со кој се соочуваат учениците од Лојане и Ваксинце, на втората локација кај Табановце исто така демне опасност. Локацијата е до железничката станица во Табановце и до кампот за мигранти, така што крај ова место има фреквенција на луѓе коишто не се свесни за опасностите од портокаловата материја расфрлана околу неоградениот простор на депонијата.

Мета.мк беше сведок на пасење на домашни животни во кругот на рудникот „Лојане“, додека до самата депонија кај селото Табановце имаше ниви со засадени земјоделски култури. Треба да се напомене дека станува збор за населени места во кои огромен дел од населението се занимава со земјоделство, но и постои огромен процент на невработеност.

Проблемот со арсенот во селото Табановце може да биде уште пострашен во иднина, бидејќи во непосредна близина на депонијата треба да се гради заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија. На оваа локација, треба да бидат сместени железничките работници, полициските служби, царината, фитосанитарните служби од двете земји, но и на бројни граѓани оваа точка ќе треба да им служи како премин за влез и излез од земјава.