За неоградување на арсенот во Лојане, досегашниот концесионер доби казна од 1.550 евра

Арсенот и другите отпадни минерални суровини во рудникот „Лојане“; Фото: Бојан Блажевски

Глоба од 1.500 евра за правното лице и казна од 50 евра за одговорното лице во компанијата „Калтун Мадденџилик“ е крајниот исход од постапката за порамнување и спогодување со оваа компанија, која што до пролетва беше концесионер за експлоатација на арсенот и другите отпадни минерални суровини во рудникот „Лојане“. Државниот инспекторат за техничка инспекција (ДИТИ) за Мета.мк потврди дека на 6 јуни се спровела постапката за порамнување и спогодување, за што компанијата не се спротивставила.

Овој Инспекторат пристапи кон казнување откако претходно утврди дека концесионерот не постапил по извршното и конечно решение на државниот инспектор по извршениот инспекциски надзор од 4 февруари годинава. По пишувањата на Мета.мк, тогаш ДИТИ излезе на терен и утврди дека не е поставена ограда околу јаловиштето со арсен во рудникот „Лојане“, ниту пак е поставена информативна табла за опасноста од овој отпад, ниту пак има знаци за предупредување за опасноста од користење на водата од јаловиштето.

Инспекторатите бараат арсенот во Лојане и Табановце да се огради и да има табли за предупредување

Мета.мк веќе пишуваше дека Инспекторатот пролетва утврди дека концесионерот не постапил по решението во рок од 30 дена за отстранување на констатираните недостатоци. Државниот инспекторат за техничка инспекција од извршената и спроведена постапка за порамнување изготви Записник за постапката за порамнување.

Концесионерот не го оградил арсенот и не поставил табли за предупредување во Лојане, ќе биде казнет

„Предвидената глоба во согласност со Законот за минерални суровини („Службен Весник на РМ“ бр. 136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16, 7/19 и 99/2022) за правното лице е 1.500 евра во денарска противвредност од 92.550,00 денари и одмерената глоба за одговорното лице во правното лице е 50 евра во денарска противвредност од 3.085,00 денари“, велат за Мета.мк од ДИТИ.

За сторениот прекршок на претставникот на турската компанија му се издадени платни налози за правното лице и за одговорното лице во правното лице, кои од страна на претставникот на турската компанија биле уредно примени и кои ако се платат во рок од 8 (осум) дена од денот на спроведувањето на постапката за порамнување, треба да платат само 50 отсто од одмерената глоба за правното лице и за одговорното лице во правното лице.

„Претставникот на турската компанија ги плати одмерените глоби за правното лице и за одговорното лице во правно лице на ден 07.06.2022 година“, информираат за Мета.мк од овој инспекторат.

Со тоа што била прифатена постапката за порамнување и спогодување од страна на правниот субјект, како и тоа што претставникот на турската компанија во законски предвидениот рок на време ги платил одмерените глоби за правното лице и за одговорното лице во правното лице, Државниот инспекторат за техничка инспекција нема да превзема понатамошни активности согласно законот, велат тие.

Од Државниот инспекторат за техничка инспекција информираат дека тие немаат надлежност да преземат чекори за осигурување на безбедноста на учениците кои следат настава во основното училиште, кое се наоѓа во непосредна близина на јаловиштето со арсен во Лојане.

Инаку, Владата на РСМ на седницата одржана на 8 март годинава ја донесе одлуката за едностран раскин на договорот со турската компанија „Калтун Мадденџилик“ за концесијата за експлоатација на арсенот и другите минерални суровини од поранешниот рудник „Лојане“. Владината одлука е објавена во Службен весник на 15 март, а во одлуката се наведува дека влегува на сила еден ден по нејзиното објавување.

Владата го раскина договорот со турскиот концесионер за експлоатација на арсенот во Лојане

Ваквиот потег на централната власт следеше откако турската компанија на почетокот од годинава достави барање до Министерството за економија за едностран раскин на договорот за концесија заради „немање економски интерес за понатамошно извршување на концесијата“.

Мета.мк и Порталб.мк пишуваа за опасностите од расфрланиот арсен и други отпадни минерални суровини во Лојане и Табановце во декември минатата година.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]

Во сиот изминат период, луѓето, животните и целокупната животна средина во Лојане и Табановце се соочуваат со последиците од расфрланиот арсен на двете локации и со осум изгубени години за справување со опасноста што непосредно им го загрозува здравјето. И покрај сето ова, на нивите околу депонијата со арсен во Табановце при нашата посета забележавме дека се садат земјоделски култури, додека кај рудникот „Лојане“ исто така бевме лични сведоци дека се пасе добиток во кругот на овој локалитет.

Инаку, турскиот концесионер според неговите кажувања, во период од осум години наназад успеал да исчисти и продаде само 60 тони од проценетите околу 15.000 тони арсен сулфид што се лоцирани во јаловиштето во „Лојане“.