Опасноста демне: Загадувањето со арсен на водите во Лојане и Табановце воопшто не се испитува

Основното училиште во Лојане се наоѓа на 100-тина метри од јаловиштето со арсен; Фото: Бојан Блажевски

И покрај тоа што се контаминирано подрачје со арсен и други опасни метали, во Лојане и Табановце не се вршат редовни лабораториски испитувања за присуството на овие отрови во водата, почвата и храната. На јаловиштето во поранешниот рудник „Лојане“ во близина на истоименото село се лоцирани 15.000 тони арсен сулфид, а на само 100-ина метри од нив се наоѓа основното училиште „Рилиндја“. Во близина на железничката станица Табановце, лоцирани се дополнително стотици тони на јаловина од рудникот, а во нивната непосредна близина се наоѓаат куќи и ниви на кои се садат земјоделски производи.

Мета.мк и Порталб.мк го прашаа Институтот за јавно здравје за добивање на информации за резултатите од лабораториски испитувања на водите, храната и почвата од овие две села во Кумановскиот регион. Од Институтот објаснуваат дека досега не правеле испитувања на почвата, но вршат испитувања на храната и водите.

Во однос на испитувањето на арсен и други метали во земјоделските производи од Лојане и Табановце, Институтот за јавно здравје досега не ја истражувал безбедноста на храната од овие две села, но тие би сакале да учествуваат во таков вид на истражување. Велат дека досега испитувале олово и кадмиум во земјоделски производи, но земени од пазар, на кои не секогаш се знае точно потеклото од регионот каде биле одгледани.

Сепак, она што треба редовно да се врши е лабораториското испитување на водата од локалните водоводи и индивидуални бунари во Лојане и Табановце од страна на Центарот за јавно здравје – Куманово. Но, резултати за тоа колкаво е количеството на арсен во водите во непосредна близина на контаминираното подрачје нема бидејќи анализата не опфаќа испитување на арсен.

„Тие (н.з. Центарот за јавно здравје – Куманово) извршиле микробиолошка анализа и основна физичко-хемиска анализа, согласно националната програма за јавно здравје. Но, таа анализа не опфаќа и испитување на арсен, така да немаме податоци за испитување на арсен во водата од Лојане и Табановце за 2022 и 2021“, велат за Мета.мк од Институтот за јавно здравје.

Нема подетално објаснување од здравствените власти зошто не се врши испитување на присуството на арсен во водите, иако со години наназад многу добро се знае дека несоодветно складираниот арсен во Лојане и Табановце е една од „жешките“ еколошки точки во земјава, за кои и официјално Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина тврдат дека опасниот отпад треба да се исчисти и да се изврши целосна ремедијација на локациите.

ДИЖС: Државата треба да обезбеди средства за решавање на арсенот во Лојане и отпадниот гипс во Згрополци

Во Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење јасно е наведено дека испитувањата на водите треба да вклучат откривање не само на микробиолошки параметри, туку и на хемиски параметри, резидуи од пестициди, задолжителни индикаторски параметри и дополнителни индикаторски параметри.

Според ваквиот правилник на Агенцијата за храна и ветеринарство, максимално дозволената граница на арсен во водата за пиење е 10 микрограми на литар, а ваквото ограничување е препорачано и од Светската здравствена организација (СЗО). Оттука, не е јасно која е причината поради која не се направени лабораториски испитувања во изминативе две години за тоа колкаво е количеството на арсен во водите во Лојане и Табановце.

Мета.мк и Порталб.мк лани во декември беа во посета на двете села, при што во разговор со жителите нѝ беше објаснето дека имаат проблем со водата за пиење. И покрај тоа што е изграден водовод до нивното село, повеќето од куќите и понатаму користат вода од бунари, но ваквата вода е многу штетна, бидејќи целокупното место е контаминирано со арсен и други метали.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]

„Што се однесува до садење, садиме, но нема да можеме да добиеме бериќет како што треба, нема, бидејќи 100 хектари од овде до Табановце се уништени од арсен, земјата е уништена, ништо не успева. Многу штетно за родот. Тие (н.з. властите) 20-30 години ветуваат, но ништо не прават. Те ќе отвориме денес, те ќе отвориме утре, но ништо не се прави, само зборови“, изјави еден од мештаните, којшто побара да остане анонимен.

На средсело во Лојане тогаш го сретнавме Азир Азири, кој нѝ објасни дека со вода порано се снабдувале од селската река, но тогаш три лица биле отруени од арсен. Самата вода мириса на арсен, нѝ рече тој.

За алармантната состојба со арсенот и другите тешки метали расфрлани како отпад во Лојане и Табановце, по пишувањата на Мета.мк веќе реагираа Државниот инспекторат за техничка инспекција (ДИТИ) и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

ДИЖС и минатиот месец упати апел до Министерството за животна средина и просторно планирање да пронајде средства за ремедијација на двете локации, но и да го огради просторот бидејќи околу јаловиштето во Лојане и депонијата во Табановце се движат и луѓе и добиток. Досегашниот концесионер што требаше да го отстрани арсенот од Лојане доби и казна од 1.550 евра од Државниот инспекторат за техничка инспекција поради тоа што не е поставена ограда околу јаловиштето со арсен во рудникот „Лојане“, ниту пак е поставена информативна табла за опасноста од овој отпад, ниту пак има знаци за предупредување, иако основно училиште се наоѓа во непосредна близина.

За неоградување на арсенот во Лојане, досегашниот концесионер доби казна од 1.550 евра