Концесионерот ќе се соочи со казна ако не го огради арсенот во Лојане, чистењето ќе почека

Основното училиште во Лојане се наоѓа на 100-тина метри од јаловиштето со арсен; Фото: Бојан Блажевски

Турската компанија „Калтун Мадденџилик“ како концесионер за експлоатација на арсенот и другите отпадни минерални суровини од рудникот „Лојане“ има обврска да постапи по Решението на Државниот инспекторат за техничка инспекција од инспекцискиот надзор извршен на 4 февруари годинава, велат за Мета.мк од Министерството за економија.

„Доколку не постапи во утврдениот рок Државниот инспекторат за техничка инспекција ќе продолжи со прекршочна постапка, согласно законот“, информираат од Министерството за економија.

Државниот инспекторат за техничка инспекција на 4 февруари годинава излезе на терен и изврши инспекциски надзор во рудникот „Лојане“. Тие утврдија дека концесионерот го нема оградено просторот околу јаловиштето со арсен и други отпадни минерални суровини и немаат поставено информативна табла за опасностите кои демнат од опасниот отпад. Инспекторите утврдиле дека на приодите до рудникот „Лојане“ не се поставени знаци за предупредување од опасност од користење на водата од јаловиштето и други активности кои би можеле да бидат опасни за населението и животните.

Од овој Инспекторат му наложија на концесионерот да ги отстрани недостатоците на терен, односно да постави ограда околу јаловиштето во рудникот „Лојане“, да постави информативна табла за опасностите и знаци за предупредување од користење на водите во јаловиштето.

Во меѓувреме, турската компанија го достави до Министерството за економија барањето за едностран раскин на договорот за концесија, заради немање економски интерес за понатамошно извршување на концесијата.

„Договорот сè уште не е раскинат, односно истиот ќе се смета за раскинат со објавување на одлука за едностран раскин во Службен весник“, велат од Министерството за економија.

Во однос на тоа дали ќе се бара нов концесионер што ќе ја продолжи експлоатацијата на арсенот и другите отпадни минерали во Лојане, од Министерството за економија велат дека допрва ќе ја разгледуваат опцијата за повторна објава за пронаоѓање на нов концесионер, по донесувањето на одлуката за едностран раскин на договорот за концесија.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк велат дека ќе стапат во контакт со Министерството за економија за да се дообјаснат обврските на концесионерот, по однос на оградување на двете локации, поставување на информативни табли и знаци за опасност, како и за сите други обрски на концесионерот.

„Иако буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање за 2022 година веќе е усвоен и оваа активност не е предвидена, поради постапката на концесијата, секако дека ќе се разгледат можностите за реализирање на оваа активност“, ја објаснуваат од Министерството можноста државата сама да ги огради локациите во Табановце и Лојане и да постави информативни табли за опасностите од арсенот и другиот опасен отпад.

Инаку, Мета.мк и Порталб.мк беа на терен во декември лани и утврдија дека двете локации кај Табановце и Лојане не се оградени и не се поставени информативни табли. Притоа, на само 100-тина метри воздушна линија од јаловиштето се наоѓа основното училиште „Рилиндја“, во кое настава следат ученици од шесто до деветто одделение. Тие се изложени на опасноста од вдишување на арсенот. На втората локација кај Табановце исто така демне опасност. Локацијата е до железничката станица во Табановце и до кампот за мигранти, така што крај ова место има фреквенција на луѓе коишто не се свесни за опасностите од портокаловата материја расфрлана околу неоградениот простор на депонијата.

Проблемот со арсенот во селото Табановце може да биде уште пострашен во иднина, бидејќи во непосредна близина на депонијата треба да се гради заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија.

Од друга страна, за сега останува нејасно дали и со какви реперкусии ќе се соочи концесионерот којшто осум години наназад успеал да исчисти и продаде само 60 тони од проценетите околу 15.000 тони арсен сулфид што се лоцирани во јаловиштето во „Лојане“. Турскиот концесионер во август 2014 година го склучи договорот со македонската влада, со којшто требаше да ја експлоатира техногената минерална суровина на локалитетот „Лојане“. Договорот за концесија со компанијата важеше до 25.8.2024 година.

По медиумските реакции и пишувањата за проблемот во Лојане и Табановце и спроведените два инспекциски надзора, концесионерот одеднаш се повика на членот 52 од Законот за минерални суровини и поднесе барање за едностран раскин на договорот до Министерството за економија.

Во сиот изминат период, луѓето, животните и целокупната животна средина во Лојане и Табановце се соочуваат со последиците од расфрланиот арсен на двете локации и со осум изгубени години за справување со опасноста што непосредно им го загрозува здравјето.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање пак ги повикаа пратениците од Собранието на РСМ час поскоро да ги усвојат предложените измени и дополнувања на Законот за животна средина, во кој се внесуваат новите одредби за идентификување на Лојане и останатите жешки еколошки точки во земјава за контаминирани подрачја. Овој закон се влече низ собраниските процедури повеќе од една година и не е донесен до денешен ден.