Арсенот во Лојане, шестовалентниот хром во Јегуновце и линданот во ОХИС се само дел од 16-те еколошки точки низ земјава, кои со месеци чекаат на формално прогласување и идентификување како контаминирани подрачја во земјава. Предлогот за измени и дополнувања на Законот за животна средина поминал на владина седница на 7 декември 2020 година и е доставен до Собранието, но до денеска не е усвоен од страна на пратениците.
„Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за животна средина е веќе подолго време на разгледување од страна на пратениците во Собранието и би било од корист побрзо да заврши таа постапка бидејќи содржи одредби кои се многу важни за непречена работа на институциите во делот на заштита на животната средина“, изјавија за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Со законските измени, се воведуваат нови одредби со кои се уредува постапувањето со контаминирано подрачје. Од Министерството објаснуваат дека со предложените измени и дополнувања на Законот се пропишуваат критериуми врз основа на кои одредено подрачје може формално да се идентификува за контаминирано, односно се создава правна основа за донесување на Методологијата за идентификување на одредено подрачје за контаминирано.
Откако контаминираните подрачја би се идентификувале и со закон, Владата на РСМ ќе може нив да ги прогласи како такви, по што би следувала и подготовка на План за управување со контаминирано подрачје. Овој подзаконски акт би го донело Министерството за животна средина и просторно планирање, но од таму посочуваат дека пратениците во Собранието најпрво треба да ги усвојат предложените измени и дополнувања на Законот за животна средина.
Инаку, измените и дополнувањата на овој закон најпрво се нашле на Законодавно-правната комисија и на Комисијата за транспорт, врски и екологија на 15 април лани, по што поминале на прво читање во Собранието на 1 јуни лани, за да пристигнат на второ читање во Комисијата за транспорт, врски и екологија на второ читање дури на 28 декември 2021 година, се наведува на веб-страницата на Собранието на РСМ во однос на овие законски измени и дополнувања. Тие допрва треба да се најдат на собраниска седница пред пратениците за да бидат усвоени пред воопшто да стапат на сила.
Мета.мк со месеци пишува за опасностите со кои се соочува месното население поради арсенот во Лојане, шестовалентниот хром во Јегуновце, згурата во велешката топилница, линданот во ОХИС, но и на десетина други локации низ земјава. Дел од овие локации воопшто не се оградени и се без табли за предупредување, како што е случајот со арсенот во Лојане и Табановце, со што тие претставуваат реална опасност за загрозување на здравјето на човекот и животните коишто ќе се најдат таму.
Од друга страна, на дел од овие 16 жешки еколошки точки низ земјава, месното население го користи земјиштето околу контаминираните подрачја за садење на растенија коишто завршуваат како храна за луѓето и животните, но исто така и на домашниот добиток им е дозволено непречено да пасат и пијат вода околу ваквите еколошки точки, во што лично се увери и Мета.мк при обиколката на локациите во Лојане и Табановце кон крајот на минатата година.
Поради опасните материи што се наоѓаат во рамките на контаминираните подрачја, загадувањето на животната средина ги опфаќа и воздухот и почвата и водите на овие локации.