Патници кои секојдневно патуваат на релацијата меѓу Скопје и Табановце се жалат дека четирите пара возови веќе неколку дена не сообраќаат. До редакцијата на новинската агенција Мета пристигна поплака од граѓанин за укинувањето на возовите, кои секојдневно поаѓаат од Скопје за Куманово и Табановце во 4:01, 6:45, 16:25 и 20 часот, како и од Табановце и Куманово за Скопје во 5:15, 8:00, 17:40 и 21:15 часот.
И од Железничката станица во Скопје нѝ потврдија дека возовите Скопје-Табановце-Скопје привремено не сообраќаат, информирајќи дека во моментов железнички сообраќај од главниот град се одвива единствено кон Велес, Гевгелија и Битола.
Од Железници на РСМ-Транспорт за Мета.мк потврдија дека привремено не сообраќаат возовите на релација Скопје-Табановце-Скопје поради недостиг на машиновозачи и недостиг на влечни и влечени средства. Тие ветуваат дека железничкиот сообраќаат на оваа релација ќе биде нормализиран од 1 август.
Од железничкото претпријатие објаснуваат дека во текот на минатиот месец издале само седум месечни билети на релацијата Скопје-Куманово, а за сите оние патници кои во моментов имаат месечен билет и не се во можност да патуваат со воз, за неискористениот дел од месецот, патниците може да поднесат барање за враќање на средствата и неискористените средства за јули од месечните билети ќе им бидат вратени.
Од Железници на РСМ-Транспорт засега нема информација кога би ги вратиле повторно во сообраќај патничките возови на релациите Скопје-Кичево-Скопје, Скопје-Кочани-Скопје и Скопје-Приштина-Скопје. Брзиот воз за Приштина не сообраќа од почетокот на ковид-19 пандемијата во март 2020 година, додека граѓаните не можат да патуваат со воз кон Кичево и Кочани од мај минатата година.
Мета.мк веќе пишуваше за податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), кои покажуваат дека со возови во 2021 година патувале само 252.000 патници во земјава, што е помалку и од 2020 година и претставува убедливо најлош резултат во историјата на постоење на Македонските железници.