!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ССК потпиша договор за соработка со стопанската комора на Пекинг


Подгорица, 15 септември, 2017 - 13:41 (META) 

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) потпиша договор за зајакнување на трговската и на економска соработка со Стопанската комора на Пекинг.

ССК исто така потпиша декларација за воспоставување механизми на лидерите на носечките комори на земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) во процесот 16 + 1 кој има цел да ја зголеми соработка на Кина со земјите од ЦИЕ.

„Потпишаните договори со прецизно воспоставени цели и активности на дејствување, значат нови можности за македонските компании, преку ССК активно да се вклучат во иницијативите за зголемување на соработката и трговските партнерства со Кина и 16 земји вклучени во овој мегапроект за економска, политичка и за културна соработка. Сите организации потписници на декларацијата се обврзани да ги имплементираат резолуциите донесени на тркалезната маса, што ќе значи зајакнување на комуникацијата и на меѓусебната соработката, поврзување, како и градење на трговски релации и промоција на инвестиции“, изјави претседателот на ИКТ Комората при ССК, Саша Огненовски.

ССК неколку години наназад активно учествува на форумите на 16+1 за подобрување на конкурентоста на македонските компании, за што активно работи и на промовирање на кинескиот мегапроект „Еден појас, еден пат“ за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и на Блискиот Исток.


Странските инвеститори сметаат дека бизнис-климата е добра


Скопје, 12 септември, 2017 - 15:29 (META) 

Претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводени од Јасмин Рахман, шеф на Делегацијата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за Македонија, денеска се сретнаа со потпретседателот на Советот на странски инвеститори (ССИ), Ирена Јакимовска, информираат од Стопанската комора на Македонија.

Јакимовска ги информирала претставниците на ММФ дека странските инвеститори кои веќе се дел од македонското стопанство веруваат во системот и со тоа што веќе подолго време се на македонскиот пазар, генерално бизнис-климата ја сметаат добра за стопанисување.

„Постојат области во кои е потребно надградување, особено поголема соработка помеѓу домашните и странските инвеститори. На тој план, Советот на странски инвеститори веќе работи на поинтензивни контакти и деловни врски со домашните компании“, изјавила Јакимовска.


Стопанска комора го предложи Кочо Анѓушев за вицепремиер за економски прашања


Скопје, 22 мај, 2017 - 17:21 (META) 

Стопанска комора на Македонија и официјално го предложи бизнисменот Кочо Анѓушев за кандидат за заменик-претседател на владата задолжен за економски прашања, информираат од таму.

Во соопштението на Комората се вели дека Анѓушев е успешен македонски бизнисмен и претприемач, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) во рамките на Комората, основач и главен извршен директор на компаниите „Фероинвест“ и „EДС“, претседател на бордот на директори на „Брако“ и редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје.

„Реално, може да се очекува дека Анѓушев на оваа позиција во владата ќе даде значаен придонес во унапредувањето на деловната клима во државата и секогаш ќе се раководи од начелото на задолжителна консултација со бизнис-заедницата за сите клучни прашања што ги засегаат. Сето тоа произлегува од богатото практично искуство стекнато во долгогодишната работа на повеќе полиња од економскиот живот. Но, пред се од способноста и искуството за успешно менаџирање со капиталот и вработените, решителноста во креирањето на деловната политика во пресрет со предизвиците и ризиците, организационото и управувачко делување, како значајни аспекти што го красат еден врвен бизнисмен,“ велат од Стопанска комора.

Во него се додава дека Анѓушев е автор е на повеќе од 100 научни трудови објавени во меѓународни и домашни научни часописи и симпозиуми. Под негово водство се реализирани повеќе од 50 проекти во индустријата од областа на машинството и енергетиката.

Денеска со предлог-кандидат за вицепремиер за економски прашања излезе и Сојузот на стопански комори (ССК) и го предложија Александар Зарков, а Стопанска комора на Северозападна Македонија го предложија Неби Хоџа.


СКМ: Производството во земјоделството се намалува, причина се лошите политики


Скопје, 22 мај, 2017 - 13:25 (META) 

Во првиот квартал од годината, извозот на земјоделски и прехранбени производи изнесуваше 57,5 милиони евра, што претставува намалување за 13,5 проценти во однос на истиот период лани, информираа од Стопанска комора на Македонија (СКМ).

Во истиот период, за 14 отсто намален е и откупот на домашните производи. Во првите три месеци од годината, увозот на земјоделски и прехранбени производи е зголемен за 8,5 проценти во однос на лани и изнесува 130 милиони евра.

-Причини за ваквата состојба во земјоделството се што нема напредок во квалитетот и конкуренцијата, лошите земјоделски политики, неправилниот распоред на субвенциите, скапите репроматеријали. Исто така хиперпродукцијата на земјоделски и прехранбени производи од земјите на Југоисточна Европа и од регионот на ЦЕФТА се прелева и во Македонија, па така имаме случаи, увезениот производ да е поскап од произведениот – изјави Васко Ристовски од Стопанска комора на Македонија.

Друг проблем што придонесува за влошување на состојбите во земјоделието, а што тој го истакна е и одливот на младата работна сила во странство, како и тоа што младите не сакаат да работат во оваа гранка.

Овие состојби во земјоделството се прелеваат и на органското производство, кое од 2011 година до сега е намалено за 50 проценти како во однос на бројот на производители, така и во однос на засадена површина.

„Најголем проблем кај органското производство е организираниот откуп и извоз. Ако државата не помага во откупот, тогаш производителите се приморани да го продаваат по конвенционален начин. А се работи за производи кои се брзо расипливи,“ изјави Ристовски.


Странските инвеститори во државата организираа хуманитарен пикник


Скопје, 22 мај, 2017 - 10:19 (META) 

Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори организираа хуманитарен јавен настан во Градски парк. Специјалитетите од различни земји се продаваа за симболична цена од 100 дена, а собраните парични средства ќе бидат донирани на народната кујна во црквата „Св. Апостол Петар и Павле“ и на хуманитарното здружение „Ел-Хилал“.

Странските инвеститори кои доаѓаат од Австрија, Белгија, Бугарија, Велика Британија, Германија, Грција, Италија, Луксембург, Франција, Холандија, Хрватска, САД, Словенија, Турција и Швајцарија се дружеа со граѓаните и ја промовираа гастрономијата на земјите од каде што потекнуваат преку најавтентичните рецепти од нивните национални кујни.

– Овој настан беше одлична можност да се прослави долгогодишната посветена работа на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија и ветување за понатамошни успешни проекти, настани и случувања кои ќе ја потврдат нивната општествена одговорност – изјави Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.

Компании-членки на Советот на странски инвеститори вработуваат повеќе од 50.000 граѓани.


УСАИД почнува со инфо-сесии за компаниите, ќе се детектираат нивните проблеми


Скопје, 20 март, 2017 - 14:05 (META) 

Сивата економија и брзото менување на регулативите се најголеми проблеми за малите, средните и за микропретпријатија во Македонија, беше истакнато на прес-конференцијата во Стопанска комора.

За компаниите е особено тешко да се прилагодат на законите за работни односи и за безбедност и заштита при работа, како и на правата и обврските од законите за даночна и за царинска политика, животна средина и за урбанизам.

– За што подобро информирање на компаниите, но и за детектирање на нивните проблеми, почнуваме со т.н. инфо-сесии, вкупно 18, во десет градови низ Македонија. Почетокот е задутре, 22 март, со првиот информативен настан во Велес. Клучни сектори што ќе бидат опфатени со анализите се земјоделството, текстилот, градежништвото, ИКТ и туризмот – изјави Јадранка Аризанковска, виш советник во комората.

Инфо-сесиите, кои ќе се одржуваат до 7 јуни, се дел од проектот на УСАИД што го спроведува „Епицентар интернационал“ – Скопје во партнерство со Стопанската комора на Македонија, Комората за информатичка и телекомуникациска технологија МАСИТ и Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Целна група се сите иновативни, мали, средни и микропретпријатија, но не е исклучена можноста и за присуство на претставници од големите компании.


Компаниите бараат функционалност на Коридорот 10 зашто нема алтернатива


Скопје, 16 март, 2017 - 14:59 (META) 

Воспоставувањето целосна инфраструктурна функционалност на Коридорот 10 и обезбедувањето непречен пристап на стоките од и до пристаништето во Солун треба да биде приоритет, бидејќи во моментов нема алтернатива.

Ова е еден од заклучоците на тркалезната маса на тема „Сигурност во снабдувањето со стоки и со нафтени деривати – Можности и алтернативи“, која се одржа во Стопанска комора на Македонија.

– Инфраструктурата, царинските премини и терминали на коридорот Исток – Запад не се доволни и не се соодветни за редовно снабдување со стоки, а особено за нафтени деривати во подолг период. Инцидентно, може да помогне во одредени ситуации, кога има нарушување на снабдувањето преку Коридорот 10. Краткорочно гледано, во случај на нарушување на снабдувањето со деривати и со други стоки, неопходна е диверзификација на превозните средства (користење на железница и автоцистерни или камиони) и користење на повеќе влезни и излезни царински премини во државата – се предлог-заклучоците на тркалезната маса, информираат од Стопанска комора.

Еден од предлозите бил и промена на легислативата за зголемување на капацитетот на резервоарскиот простор кај трговските компании, како услов за добивање лиценци за трговија.

– Со заокружување на процесот на приватизација на пристаништето во Солун, односно негово давање под концесија, како и со либерализација на пристапот кон грчката железничка инфраструктура и влез на приватни оператори, ќе се овозможи либерализирање на односите по повеќе основи (избегнување на можни штрајкови, подобрување на брзината на испораките, намалени трошоци) – велат од Стопанска комора.

Преку пристаништето во Солун поминале 3.322.000 тони стока во 2016 година и 4.056.840 тони во 2015 година, од кои, во увоз и во извоз, количеството на стока за Македонија за 2016 година е 885.000 тони.


Советот на странски инвеститори ќе ги презентира приоритетите за годинава


Скопје, 27 февруари, 2017 - 10:25 (META) 

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија денеска ќе информира за фокусот на нивната работа во оваа година.

На прес-конференцијата, што ќе се одржи во Стопанската комора на Македонија, ќе се обрати претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер.

На последната прес-конференција на Советот на странски инвеститори, беше истакнато дека недоследноста на правната сигурност, политичката и општествената нестабилност, борбата против корупцијата, процесот на интеграција на државата кон ЕУ, административните процедури се дел од предизвиците со кои се соочуваат.


Ѓукановиќ и Месиќ утре на тркалезната маса по повод 95. години на Стопанска комора


Скопје, 16 февруари, 2017 - 10:28 (META) 

Тркалезна маса на тема „Позицијата на малите земји во меѓународната економија – предности и недостатоци“ ќе организира Стопанска комора по повод 95-годишнината од коморското организирање во Македонија.

На тркалезната маса која почнува утре во хотелот „Александар Палас“ во 11 часот, ќе учествуваат домашни и странски реномирани претставници од научната и стручната јавност, сегашни и поранешни претседатели и премиери на држави од регионот, како и повеќе звучни имиња од бизнисот.

Меѓу учесниците се црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, хрватскиот милијардер Бранко Роглиќ, српскиот бизнисмен Миодраг Костиќ, македонските бизнисмени Светозар Јаневски, Кочо Анѓушев, економскиот експерт Владимир Глигоров и други.

Оперативниот директор на Стопанска комора на Македонија, Елена Милевска Штрбевска за „Мета“ вели дека 95 години се години за респект и години на работа кои треба достојно да се одбележат.

– Темата за тркалезната маса која ја организираме на нашиот јубилеј е всушност резултат на двегодишна работа на формулирање и развивање на една значајна инцијатива, а тоа е иницијативата за поврзување на претприемачите од малите земји. Иницијативата ги надмина првичните цели отворајќи ги клучните и темелни прашања: каква е позицијата на малите земји во поголемите интегративни процеси, дали процесите во малите земји имаат посебни карактеристики, дали тие можат да се сублимираат на едно место и дали некој се занимавал со овие прашања? Така дојдовме и до оваа иницијатива за подобрување на економските можности на бизнисите од малите земји – изјави Милевска Штрбевска.


Коморите се здружуваат за да се донесат подобри закони за компаниите


Скопје, 19 декември, 2016 - 12:36 (META) 

Повеќе стопански комори ќе соработуваат следните четири години за да се донесе подобра бизнис-регулатива, бидејќи законите последниве години наместо да ја олеснат и да ја поедностават работата на компаниите, дополнително ја комплицираат. Тие често се менуваат, не се разбирливи и поради тоа, тешко може да се следат.

Ова денеска беше кажано на прес-конференцијата во Стопанска комора на Македонија, на која беше претставен проектот на УСАИД, „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“.

– Во 2015 година, Собранието донесе 541 закон од кои 57 отсто преку ноќ, без јавни консултации. Иако тоа беше во насока на подобрување на регулативата, сепак, се покажа како голем предизвик за бизнисите, за нивните напори да се прилагодат кон направените промени – изјави директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стаин.

Тој додаде дека законите се добри на хартија, но дека во практиката создаваат проблеми.

Во проектот ќе учествуваат Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).

Проектот „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“ тежи 1,9 милиони долари и ќе се фокусира на земјоделство, текстил, ИТ и на градежништво.