fbpx

Компаниите очекуваат зголемен пад на производството, извозот и прометот во април

-

Стопанската комора на Македонија спроведе втора анкета за последиците од кризата предизвикана од корона вирусот за македонската економија и очекуваните ефекти од економските мерки на Владата.

Анкетата спроведена од 7 до 14 април имала за цел да овозможи увид во регистрираните последици за компаниите-членки на Комората во март и очекувањата за април 2020 година.

„Во однос на суровините, 54 проценти од анкетираните фирми немаат недостаток или прекин на достава на суровини. Преостанатите имаат проблем, и тоа 26 проценти имаат прекин за достава од ЕУ, 11 проценти прекин за достава од земји вон ЕУ и  девет проценти прекин за достава од земјата. Што се однесува до залихите, 18 проценти од анкетираните фирми немаат никакви залихи, а 58 проценти од претпријатијата ќе ги исцрпат постојните залихи во првите два месеца од кризата. Ваквото ниво на залихи, комбинирано со недостатокот или прекинот на достава на суровини, укажуваат на потенцијално зголемени проблеми за претпријатијата по истекот на првите два месеца од кризата,“ соопштуваат од Стопанска комора.

Кај обемот на производство, во март 2020 година, 16 проценти од анкетираните фирми пријавиле дека производството се одвивало нормално, но за април такво нешто очекуваат само седум проценти.

„Пад на производството, поголем од 50 проценти за март, пријавиле 17 проценти од анкетираните, но за април таков пад очекуваат 23 отсто од фирмите. Целосен престанок на производството во март пријавиле 13 отсто, а такво нешто во април очекуваат 23 отсто од анкетираните фирми. Сите други фирми очекуваат, со релативно рамномерен распоред на големината на падот, намалување на производството до 50 проценти. Сето ова покажува дека за април компаниите очекуваат значително влошување на состојбите во поглед на обемот на производството,“ се додава во соопштението

Состојбите се слични и кај извозот. За март, 40 проценти од анкетираните претпријатија пријавиле дека извозот се одвива нормално, а такво нешто за април очекуваат 34 проценти.  Пад на извозот над 50 проценти за март пријавиле 13 проценти од фирмите, а очекувања за ваков пад во април имаат 15 проценти од фирмите. Целосен престанок на извозните активности во март пријавиле 16 проценти, а во април 2020 година тоа го очекуваат 22 проценти од анкетираните фирми.

„Што се однесува до движењето на прометот, за март 2020 година вообичаено ниво на промет пријавиле 16 проценти од анкетираните фирми, 13 отсто од нив пријавиле пад од 41 до 50 проценти, а 25 проценти од фирмите пријавиле пад на прометот поголем од 50 проценти. Анкетата укажува на песимистички очекувања за прометот во април 2020 година. Така, само четири проценти од анкетираните фирми очекуваат нормален обем на промет, 10 проценти од фирмите очекуваат пад од 41 до 50 проценти, а дури 48 проценти од фирмите очекуваат пад на прометот поголем од 50 проценти,“ покажува анкетата на Стопанска комора.

Влошените очекувања за април, искажани од страна на фирмите во анкетата на Стопанската комора на Македонија, добија своја генерална потврда од јавно искажаните наоди на Управата за јавни приходи во однос на падот во наплатата на данокот на додадена вредност во првите две недели на април.

Во однос на дејноста на анкетираните фирми, повеќе од половина, или 53 проценти се од преработувачката индустрија и градежништвото, каде што на преработувачката индустрија отпаѓаат 36 проценти, а на градежништвото 17 проценти. Релативно значајно учество имаат и претпријатијата со објекти за сместување и сервисни дејности со храна, како и трговските претпријатија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...