!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Собранието го изгласа укинувањето на Советот за јавни набавки


Скопје, 9 ноември, 2017 - 19:45 (META) 

Собранието денеска ги донесе измените на Законот за јавни набавки по скратена постапка, со кои се укинува Советот за јавни набавки.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски пред пратениците рече дека Советот не успеал да ги оствари целите поради кои бил формиран и дека со неговото укинување ќе се отстранат бирократските процедури, кои како што рече, не само што не придонесуваат да се спречи можноста од злоупотреби, туку доведуваат до блокирање на институциите и оневозможување тие да ги даваат неопходните услуги на граѓаните.

– Според оценките на Европската комисија, измените во последните години пред се воведувањето на Советот за јавни набавки доведоа до значително оддалечување на законот од европските регулативи и практики за јавни набавки – рече Тевдовски, кој најави дека министерството работи на нов закон за јавни набавки во кој ќе бидат применети европските практики.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, реагираше на тоа што измените се носат по скратена постапка и рече дека нема да дадат поддршка на „вакво ад-хок решение кое отвара простор за нови проблеми“.

Пратениците од парламентарното мнозинство рекоа дека укинувањето на Советот е оправдано. Пратеникот од СДСМ, Васко Ковачевски рече дека нивниот став да нема Совет за јавни набавки го дели и Европската Унија, која во извештајот за 2015/2016 година јасно навела дека треба да се подобри ефикасноста наспроти актуелните состојби.


Владата го утврдила текстот на одговорите на прашалникот на ЕУ за напредокот на Македонија


Скопје, 3 ноември, 2017 - 19:39 (META) 

Владата на денешната 35. седница го разгледала и го утврдила текстот за придонесот на Македонија кон извештајот на Европската комисија, соопшти владината служба за информирање. Текстот се однесува на прашалникот на Европската Унија за утврдување на напредокот на земјата во евроинтеграцискиот процес.

Исто така, на денешната седница Владата го почнала процесот за измени и дополнувања на Законот за јавни набавки, со кој се предвидува преиспитување на улогата на Советот за јавни набавки, како и можно укинување.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, пак, пред денешната седница на Владата беше дециден дека Владата ќе го укине Советот за јавни набавки, бидејќи со неговото воспоставување, јавните набавки станале покомплицирани и се одвивале во подолг рок од предвидениот.


ВМРО-ДПМНЕ: Таравари да каже кои експерти одлучуваат за изградбата на клинички центар


Скопје, 23 септември, 2017 - 17:12 (META) 

По загубени четири месеци, Владата и министерот за здравство, Арбен Таравари, сфатија дека не можат да градат нов клинички центар на друга локација освен во рамките на веќе постојниот каде што владата на ВМРО-ДПМНЕ потпиша договор за градба и се обезбедија пари, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на министерот за здравство, Арбен Таравари.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека интересно е што и во јуни, Заев и Таравари кажаа дека експерти го гледаат договорот и оцениле дека не треба да се гради, за сега Таравари подготвува терен за промена на одлуката.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат министерот за здравство да ги објави имињата на експертите од јуни и на експертите што сега ќе одлучуваат за градба на овој капитален проект за државата, подготвен од ВМРО-ДПМНЕ според, како што велат, сите законски прописи и по највисоки стандарди.

Околу Советот за јавни набавки, од партијата велат дека оваа институција постои за да спречи местење тендери на државните институции.

„На Таравари, на Заев и на владата ова им пречи. Тие сакаат уште кога ќе излезе тендерот, да се знае кој ќе е победникот, кој се разбира во такви услови ќе понуди лек по повисока цена и со поголема заработувачка во која ќе има вградено провизија за сите што треба“, се додава во соопштението.


Таравари: Советот за јавни набавки е виновен за доцнење на испораката на лекови


Скопје, 23 септември, 2017 - 13:05 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вината за доцнење на испораката на некои лекови ја лоцира во Советот за јавни набавки, а не во Министерството за здравство.

Тој појасни дека кога пред шест месеци една фирма конкурирала за испорака на лекови, немало проблем, а сега, кога истата фирма конкурира со истите стандарди, има проблем пред Советот за јавни набавки.

– Има еден Совет за јавни набавки кој е комплетно политизиран. Фирми кои поминувале низ тој Совет пред шест месеци, сега, кога конкурираат, се спречени и затоа се јавуваат проблеми со лековите – рече Таравари.

Тој нагласи дека секаде каде што требало направиле интервентен увоз, но тоа чинело многу. Таравари информираше дека е побарано од премиерот да најде решение.

Министерот за здравство денеска информираше за сработеното во првите 100 дена и во оваа пригода исто така кажа дека до крајот на ноември ќе се знае дали во Клиничкиот центар ќе се гради новата зграда за интерни клиники за која претходната влада потпиша договор.

Тој рече дека експерти ќе спроведат анализа и ќе одговорат дали може да се изгради клиниката или нејзината изградба ќе го попречува функционирањето на Клиничкиот центар. Според него, доколку нивната одлука е дека може да се организира работата ќе се изгради, но доколку нивната одлука е дека ќе спречи функционирање на Клиничкиот центар тогаш ќе се бара ново решение.

Во однос на неговата кандидатура за градоначалник на Гостивар, додаде дека во Министерството за здравство работи екипа од 15 лица кои се компетентни и кои ја вратија довербата во ова министерство.

– Додека сум јас кандидат за градоначалник нема никакви законски пречки за мојот заменик министер да ја врши мојата функција. Инаку екипата си функционира беспрекорно – рече Таравари.