!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ал шабаб зазеде град во Сомалија на границата со Кенија


Могадишу, 11 септември, 2017 - 10:14 (META) 

Исламистичката организација Ал Шабаб утринава го зазеде сомалискиот град Балад Хаво, во близина на границата со Кенија, откако бомбаш самоубиец детонираше експлозив во автомобил, а исламистите упаднаа во околната воена база, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на неименуван портпарол на организација која се поврзува со Ал каеда.

Портпаролот соопштил дека во нападот се убиени 24 сомалиски војници, но засега нема потврда на информациите од независни извори.

Како што јавуваат медиумите повикувајќи се на локалното населени, во градот сè уште се водат борби.


Најмалку 15 загинати во самоубиствен бомбашки напад во Могадишу


Могадишу, 20 јуни, 2017 - 19:31 (META) 

Најмалку 15 лица загинале во самоубиствен бомбашки напад што денеска се случил во главниот град на Сомалија, Могадишу. Одговорноста за нападот ја презела исламистичката група Ал шабаб, јавуваат светските агенции.

Во експлозијата повредени биле уште 18 лица, меѓу кои и седум жени. Повеќето настрадани во нападот се цивили.

Сомалиското министерство за безбедност соопштило дека нападот се случил кога маж со комби, наполнето со експлозив, ја пробил вратата од регионална канцеларија во јужниот дел на Могадишу.

Групата Ал шабаб последните неколку месеци води засилена кампања на бомбашки напади врз цели во Могадишу и на други места во Сомалија.


Во напад на екстремистите убиени се 70 лица во Сомалија


Могдишу, 8 јуни, 2017 - 17:00 (META) 

Седумдесет лица загинаа, а најмалку 40 се повредени откако терористичката група Ал шабаб нападна воена база во автономната држава Пунтланд во Сомалија, соопштија сомалиските власти.

Жителите на Пунтланд тврдат дека многу цивили, вклучувајќи и жени, се обезглавени.

Властите велат дека нападот во Пунтланд е најсмртоносниот во последните неколку години.

Високиот воен претставник, Ахмед Мухамед рече дека нападот почнал со експлозија во зафрлениот камп Аф Урур, кој се наоѓа на околу 100 километри западно од Босасоа. По експлозијата, екстремистите ја зазеле базата и од мала оддалеченост пукале кон војниците.

Мухамед рекол дека во нападот се убиени околу 70 лица, но уште нема официјални податоци за бројот на жртвите.

 


СЗО: Во Сомалија 25.000 лица се заболени од колера


Могадишу, 13 април, 2017 - 13:09 (META) 

Повеќе од 25.000 лица во Сомалија се погодени од колера, односно од акутна водена дијареја, а се очекува бројот на заболените двојно да се зголеми во претстојните месеци од летото, соопшти Светската здравствена организација.

Стапката на смртност предизвикана од болести поради загадената вода или храна изнесува 2,1 отсто во Сомалија, додека смртноста предизвикана од колера достигнува и до 14,1 отсто во Среден Џуби и до 5,1 отсто во Баколо, соопшти портпаролот на ОН, Јенс Лерк.

Околу 533 смртни случаи се поврзуваат со избивањето на епидемијата од почетокот на годината досега.


Убиен сомалиски владин претставник во Могадишу


Могадишу, 10 април, 2017 - 10:15 (META) 

Претставник на владата на Сомалија загина во експлозија на бомба подметната под неговото возило во главниот град Могадишу, соопштија официјални претставници.

Според портпаролот на градоначалникот на Могадишу, во експлозијата на бомба подметната под автомобил, загина владин претставник од понизок ранг.

Засега никој не ја презел одговорноста, но исламската милитантна група Ал шабаб во последно време почна да врши почесто напади во престолнината.


Седум повредени при експлозија на автомобил бомба во Могадишу


Могадишу, 5 април, 2017 - 16:13 (META) 

Сомалиската полиција соопшти дека во експлозија на автомобил бомба во Могадишу загинаа седум лица, а неколку се повредени.

Автомобил бомба експлодира пред еден ресторан во престолнината на Сомалија, во близина на Министерството за внатрешни работи, младина и спорт.

Засега никој не ја презема одговорноста за бомбашкиот напад, но познато е дека терористичката група Ал шабаб, која е блиска до Ал каеда, често организира вакви бомбашки напади.


Сомалиски пирати киднапирале индиски комерцијален брод


Могадишу, 3 април, 2017 - 13:29 (META) 

Пирати киднапирале индиски комерцијален брод, соопшти денеска сомалиски претставник од Агенцијата за борба против пиратите, Абдиризак Мохамад Дирир.

– Сфативме дека сомалиски пирати киднапирале индиски брод и дека се движи кон сомалискиот брег – јави Дирир.

Бродот и 11-члениот екипаж се киднапирани во саботата, изјави Грејмем Гибсон-Брукс од британската поморска организација за безбедност.

Минатиот месец пиратите киднапираа танкер, но подоцна го ослободија.


Шест загинати во експлозија во Могадишу


Могадишу, 13 март, 2017 - 10:19 (META) 

Во експлозија на автомобил бомба во близина на хотел во сомалискиот главен град Могадишу, утринава загинаа шест лица, а повредени се четири, соопштија полициски претставници.

Бомбата е активирана во близина на хотелот „Вехелије“, кој се наоѓа на прометната улица Мака Алмукарамах во Могадишу, наведоа властите.

Засега никој не ја презема одговорноста за нападот, но екстремистичката организација Ал шабаб, која е поврзана со Ал каеда, изведува слични напади.


Генералниот секретар на ОН во итна посета на Сомалија поради гладот во земјата


Могадишу, 7 март, 2017 - 10:15 (META) 

Генералниот секретар на Обединтетите нации, Антонио Гутереш, ја почна итната посета на Сомалија, која изминатите неколку недели е зафатена од глад поради суша, јавуваат светските медиуми.

„Луѓето умираат. Светот мора да дејствува за да се спречи тоа. За ова мораме да зборуваме најгласно што можеме. Конфликтите, сушата, болестите, климатските промени… Оваа комбинација е кошмар“, изјавил Гутереш во пресрет на посетата на Могадишу, главниот град на Сомалија, и побарал меѓународна поддршка на Обединетите нации за пружање хуманитарна помош во земјата.

Гутереш денеска ќе се сретне со новоизбраниот претседател на Сомалија, Мохамед Абдулахи Мохамед.

Сомалија, со Нигерија, Јужен Судан и со Јемен, е една од четирите земји во кои е прогласена состојба на глад и за кои генералниот секретар на ОН минатиот месец побара помош од 4,4 милијарди долари.

Минатиот викенд во Сомалија за само 48 часа од глад починаа 110 лица.

Обединетите нации проценуваат дека на околу 5 милиони луѓе во Сомалија им е потребна помош, за да се избегне глад од катастрофални размери.


За два дена повеќе од 100 лица починале од глад во Сомалија


Могадишу, 4 март, 2017 - 19:00 (META) 

Премиерот на Сомалија, Хасан Али Каире, денеска соопшти дека во последните 48 часа 110 лица умреле од глад само во регионот Бај и дека ваква опасност им се заканува на милиони луѓе во земјата, јавуваат светските агенции.

Станува збор за прв извештај за луѓе починати од глад, откако во вторникот Сомалија прогласи национална катастрофа поради сушата што им се заканува на милиони луѓе.

Според проценките на Обединетите нации, итна помош во храна им е потреба на околу пет милиони жители на оваа земја.

Сомалија, заедно со Нигерија, Јужен Судан и со Јемен, е еден од четирите региони за кои генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, минатиот месец побара помош од 4,4 милијарди долари за да се избегне глад од катастрофални размери.

За околу 363.000 акутно изгладнети деца „потребен е итен третман и нутритивна поддршка“, а поради недостиг од чиста вода, постои опасност од појава на болести како колера, велат од ОН.