Еколозите загрижени дека туристичко Банско ќе го проголта паркот Пирин


Софија, 23 јануари, 2018 - 14:36 (META) 

Од Лондон преку Софија до Сиднеј, на 4, 11 и 18 јануари годинава во 20 бугарски градови и во 8 светски метрополи, илјадници луѓе маршираа на протести против најновите законски измени донесени во Бугарија со кој значително ќе се намали територијата на националниот парк „Пирин“ за сметка на зимскиот центар „Банско“, инаку многу популарна дестинација и меѓу македонските граѓани. Протестите во Бугарија беа најголемата граѓанска мобилизација од антивладините протести во 2013 година.

Plovdiv protests Pirin National Park 11 jan18 - Mitakis Fotos

Photo: Mitakis Fotos

Како корупција и кршење на домашните и на законите на ЕУ за заштита на животната средина го оквалификуваа демонстрантите потегот на бугарската влада на крајот на минатата година да дозволи градежни активности во 48% од територијата на националниот пак „Пирин“ пишува „Глобал Војсис“. Паркот сега се простира на територија од 403 квадратни километри недопрена природа – од голи сртови до густи стари шуми преку глечерски езера и кристално чисти рекички. Прогласен е за дел од светското наследство под заштита на УНЕСКО уште во 1983 година.

Но од 2001 година, кога зимскиот центар Банско почна да се проширува надвор од определената територија поради огромниот наплив на туристи, почна „разрастувањето“, и хотелите, скијачките патеки и другите капацитети заземаа повеќе од 160 хектари од националниот парк, предизвикувајќи ерозија на почвата, нарушување на биодиверзитетот и загадување на изворите за вода. Она што се случи потоа беше УНЕСКО во 2010 година да ја „извади“ туристичката зона од територијата на националниот парк, односно околу 0,6 отсто од неговата територија од статусот заштитено подрачје.

Сега, по долгогодишното лобирање на „Улен“, компанијата што ја поседува инфрастуктурата на скијачкиот центар, до бугарската влада, на крајот на декември минатата година, конечно го доби тоа што го сакаше – проширување на територијата на која се однесува концесијата и кревање на забраната за градежни активности.

Како што пишува „Глобал Војсис“, проширувањето на зимскиот центар е здушно поддржано од главните медиуми во Бугарија, од кои најголем дел се во сопственост на моќни олигарси. Техниката е посредна – омаловажување на протестот од еколошките невладини организации преку игнорирање на главните теми и објавување стории во корист на зимскиот центар, како на пример за преоптовареноста на жичницата. Власта ја поддржа оваа верзија тврдејќи дека планот е изменет само за да се дозволи изградба на втора жичница – иако таа не се споменува во законскиото решение. Мејнстрим медиумите исто така се фокусираа на економските придобивки од развојот и порастот на приходите на локалното население.

И покрај фактот дека поради климатските промени веќе налагаат се поголемо користење на машините за вештачки снег, за кој се користат локалните водни ресурси, и фактот дека со новите градби дополнително ќе се наруши вегетацијата, бугарската влада ја зголеми територијата на која е дозволено градење од 0,6% на 48%. Активистите стравуваат дека тоа ќе доведе до значително зголемување на површината под скијачки терени, што ќе ги уништи старите дрвја. Едно од нив е и прастариот бор, чија старост се проценува на околу 1.300 години, односно е врсник на бугарската држава.

Поради тоа, под етикетата #SavePirin почнаа голема меѓународна кампања за кревање на свесноста, која беше успешна. Добија поддршка и од холивудскиот актер Џеред Лето, а фондацијата на Леонардо Ди Каприо исто така го сподели апелот на WWF да се спаси националниот парк. Таа петиција инаку собра над 100.000 потписи. Протест изрази и паневропската Зелена партија.

Ако не им се удоволи на барањата – повлекување на законот и гаранции  дека ќе се почитува принципот за владеење на правото, како и оставка на министерот за животна средина, Нено Димов, активистите ќе протестираат повторно в четврток, пишува „Глобал Војсис“.


Попова Шапка со катастрофална зимска сезона


Тетово, 9 април, 2017 - 15:22 (META) 

Од иницијативата за спас на Попова Шапка, зимската сезона 2016/2017 ја оценуваат како една од најкатастрофалните во последниве неколку децении. Велат дека скијање на Попова Шапка имало само три недели во февруари, но и во овој период ски-лифотвите постојано се расипувале и имало постојано метеж.

– Освен што е стара инфраструктурата, на центарот немаше никаква организираност, нема каде да се паркираш. Не мора ние да говориме за најкатострофалната сезона на Попова Шапка. Доволно е да ја отворите веб-страницата на „ЕЛЕМ Турс“, јавно претпријатие кое стопанисува со центарот, кое има направено анкета на гостите , колку се задоволни од услугите кои им ги пружаат. Анкетата говори дека над 35 отсто од гостите се незадоволни – изјави Хамди Сулејмани од иницијативата за спас на Попова Шапка.

Хотелиерите на Попова Шапка како една од причините за лошата ски – сезона, го посочуваа немањето на доволно снег, проблем кој, како што велат, може да се реши со вештачки снег, како по примерот со повеќе земји од регионот.

– Сезоната беше бледа. Факт е дека немаше снег. Проблемот може да се реши со систем на инсталација на вештачки снег. Надлежните ветуваа дека ќе има вештачки снег, ама ништо од тоа, и природниот кој малку падна не го одржуваа како што треба, односно не го натапкаа со ратраци на време – вели Хашим Хасани сопственик на хотел на Попова Шапка.

Владата неколкупати ветуваше дека во скијачкиот центар Попова Шапка ќе инвестира над 30 милиони евра, во нови жичници, хотели паркиралишта. Но од ветеното на терен нема ништо реализирано.
Попова Шапка пред триесет години, важеше за еден од најубавите зимски центри на Балканот.


„ЕЛЕМ турс“: Ски-лифтовите на Попова Шапка се застарени, но функционираат беспрекорно


Скопје, 28 јануари, 2017 - 19:20 (META) 

Скијачката сезона на Попова Шапка се одвива во согласност со организациските политики на „ЕЛЕМ турс“ и без поголеми проблеми. Цела постојна инфраструктура е во функција, а скијачките патеки се одлично подготвени, се вели во реакцијата на компанијата која стопанисува со скијачкиот центар Попова Шапка на иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

– Цела скијачка инфраструктура, односно жичарниците и ски-лифтовите, работат и функционираат беспрекорно. Само денеска се продадени и искористени 1.100 билети, што како податок зборува дека туристичката сезона во овој скијачки центар е во полн ек. Нивото на сигурност и на безбедност како стандард во работењето на скијачката инфраструктура е исполнето, контролирано и сертифицирано од овластени тела – се вели во реакцијата на „ЕЛЕМ турс“.

Оттаму признаваат дека скијачката инфраструктура е застарена, но додаваат дека „ЕЛЕМ турс“ има план за развој на Попова Шапка.

– Планот е веќе почнат и со реализација на терен со изградбата на шестоседата жичарница која е во тек. И проектите како што се проширување на паркиралишта, реновирање на хотелите, систем за заснежување се целосно подготвени и нивната реализација се одвива во динамика која не е целосно зависна од инвеститорот, туку од сплет на услови кои по својата природа се институционални, регулаторни, имотно-правни и геолошки и не зависат од волјата и од политиките на „ЕЛЕМ турс“ – велат оттаму.

Од компанијата ги повикаа иницијаторите од „Да ја спасиме Попова Шапка“ на состанок, за со идеите да придонесат во решавање на проблемите во интерес на посетителите на скијачкиот центар.


„Да ја спасиме Попова Шапка“: Наместо да го градат, институциите го уништуваат центарот


Тетово, 28 јануари, 2017 - 12:28 (META) 

Попова Шапка е оставена без никаква инфраструктура, одржување и без конкретен проект за модернизирање на туристичките капацитети.

Ова денеска на прес-конференција го истакнаа граѓаните што ја поведоа иницијативата под мотото „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Тие се загрижени што центарот наместо да се гради, се уништува за овие 15 години.

– Попова Шапка е претворена во трпеза на која не се знае кој јаде и кој пие, претворена е во место каде што секој прави што сака и мисли, краде колку што може, вработува и отстранува од работа кој кого сака и вработените се искористуваат максимално. Не се презема иницијатива за да се обновува, да се чисти, да биде привлечна и профитабилна, од здравствен, спортски, туристички и економски аспект – истакнаа граѓаните на прес-конференцијата.

Тие велат дека со оваа иницијатива сакаат да му се спротивстават на лошото што му се случува на овој центар.

Иницијаторите ќе продолжат и со следни активности и ги повикаа сите граѓани, интелектуалци, правници, економисти, експерти за туризам да им придружат и да им дадат поддршка на иницијативата за спасување на Попова Шапка.


Робовалиев: Жерновски да се врати во Скопје и да ги исчисти улиците на општина Центар


Скопје, 20 јануари, 2017 - 16:26 (META) 

„Мрзливиот Андреј Жерновски е ендемски вид од градоначалник. Тој со своето неработење успеа од општина Центар да направи периферна планинска општина која не може да се справи со снегот“, изјави денеска на прес-конференција Васко Робовалиев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека додека граѓаните мака мачат со снегот, Жерновски ужива во зимската идила во луксузниот Боровец и демонстрира грижа за граѓаните на општина Центар на „Фејсбук“.

– Додека граѓаните од Центар го исмеваат скијајќи се, бордајќи и санкајќи се низ улиците на Центар, „дрвото“ од градоначалник престојува во луксузниот хотел „Рила“ во Боровец. Мораме да истакнеме дека седумдневен аранжман во хотел „Рила“ за четворица чини околу 1.400 евра, а дополнително четири билети за скијање за седум дена чинат 890 евра или, вкупно, зимувањето на мрзливиот Жерновски и на неговото семејство чини околу 2.500 евра. Замислете, Жерновски за само седум дена троши седум и пол просечни македонски плати – изјави Робовалиев.

Тој му порача на Жерновски да се врати во Скопје, да заборави на одморите и на зимувањата и да им ги исчисти улиците на граѓаните на општина Центар.


Почна скијачката сезона на Попова Шапка


Тетово, 14 јануари, 2016 - 16:49 (META) 

На скијачкиот центар Попова Шапка официјално почна скијачката сезона. Снежната покривка на патеките надминува половина метар, а на Церипашина има повеќе од еден метар снег.

– На најатрактивната патека на Балканот, Церипашина, пред неколку години поставивме дрвени тараби кои го задржуваат снегот, односно не дозволуваат ветерот да го разнесе снегот. Овој снег во текот на сезоната може да се искористи и за другите скијачки патеки. Снегот е неопходен за успешна скијачка сезона и се надевам дека оваа година ќе биде една од најуспешните – вели Петре Димитриевски, директор на скијачкиот центар Попова Шапка.

Туристите велат дека центарот со години тапка во местои дека во него воопшто не се инвестира.

– Потребни се инвестиции на Попова Шапка, треба да се изградат хотели со поголеми сместувачки капацитети, нови ски-лифтови, но и повеќе паркиралишта – изјави еден посетител.

Централната власт неколку години наназад ветува дека Попова Шапка ќе прерасне во модерен туристички центар. За таа цел има изработено и план, кој вклучува изградба на големо паркиралиште, модерна шестоседна жичарница, нов хотел со бањски центар и сноуборд-парк. Но, од ветеното на терен досега ништо не е реализирано.


Нашите скијачки центри се само за шетање, за скијање нема доволно снег


Скопје, 4 јануари, 2016 - 11:26 (META) 

Иако вчера имаше пообилни снежни врнежи, сепак низ нашите скијачки центри нема скијање бидејќи нема доволно снег.

Ски-лифтовите не работат, а и патеките не се подготвени.

Од скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово велат дека не очекуваат обилни врнежи ниту во наредните денови, така што во овој центар нема да има скијање до Божиќ.

– Работат двоседот и едноседот за тие што сакаат да се прошетаат, а отворени се Трифкова колиба и Старо бачило. Ски-лифтовите не работат. Наврнатиот снег не е доволен за да има скијање, а според прогнозата, нема ветување за обилни снежни врнежи. За жал, снежниот бран што ги зафати БИХ и Хрватска, нас нè одмина – вели Дарко Стојановски од скијачкиот центар „Заре Лазаревски“.

Нема доволно снег ниту на Попова Шапка, така што ниту таму нема скијање.

– Нам ни требаат 25-30 сантиметри за да ги подготвиме патеките. Ако заврне вечерва, како што се прогнозите, тогаш утре можеби ќе ги пуштиме ски-лифотвите – изјави директорот на скијачкиот центар Попова Шапка, Петре Димитриевски.

Од скијачкиот центар Пелистер информират дека жичарницата била пуштена за време на празниците, но само за тие што сакале да прошетаат, додека скијање нема.

– Подготвени сме, но чекаме минимални количества снег за да се подготват патеките за скијање – изјави директорката на скијачкиот центар Пелистер, Мирјана Митревска.

Ако на најголемите скијачки центри им недостига снег за да почнат да работат, на Кожуф го има во изобилство, но нема скијање поради инфраструктурните проблеми. Патот до центарот е затворен за сообраќај поради свлечишта.


Детски скијачки натпревар во чест на Стеве Илиевски-Караѓуле


Тетово, 27 март, 2015 - 15:58 (META) 

На Попова Шапка в недела, на 29 март, ќе се организира четвртиот Меморијален детски скијачки натпревар „Стеве Илиевски-Караѓуле“. Меморијалниот натпревар во организација на скијачкиот клуб „Љуботен“, ќе се одржи на скијачката патека Пионерско брдо во повеќе категории. Досега учеството го потврдиле осум скијачки клубови од Македонија, Косово, Србија и од Црна Гора.

За првите три места, во секоја категорија, се предвидени медали и дипломи, додека странските натпреварувачи ќе бидат посебно наградени, а сите натпреварувачи ќе добијат благодарници за учество. На крајот ќе се доделат и пехарите во знак на сеќавање на тетовската скијачка легенда, Стеве Илиески-Караѓуле.

– Оваа манифестација почна скромно, со неколку дечиња на почетокот, за денес постепено да прерасне во манифестација од пошироки регионални рамки, во која учествуваат и повеќе од 100 учесници. Зголемениот интерес, од година во година, сметаме дека се должи на добрата организација со квалитетно и со стручно мерење на времето, квалитетно поставени патеки, приемот како домаќини, а, се разбира, и со зголемениот интерес на децата за скијање и за натпреварување – велат организаторите.

За наредната година се планира натпреварот да биде регистриран во регионалниот ски-календар.


Шарпланински куп за деца за популаризација на скијањето


Тетово, 22 март, 2015 - 17:01 (META) 

Заврши Шарпланинскиот куп за деца што викендов се одржа на Попова Шапка. Повеќе од 100 деца на возраст од шест до 16 години, од земјава и од регионот, скијаа во дисциплините слалом и велеслалом на патеката Пионерско брдо.

Целта на манифестацијата е преку организирање детски натпревари да се популаризира скијањето, кое во Македонија е доста значајно за развој на зимскиот туризам. Организатор на манифестацијата е скијачкиот клуб „Љуботен“, од каде тврдат дека купот за деца ќе продолжи и во иднина. Натпреварувачите уживаа на снегот. Својата умешност на скии ја покажаа снегулките, цицибаните и децата. Сите со различни искуства во скијањето, но со голема љубов кон овој зимски спорт.


Источниот и Североисточниот плански регион сакаат зимски центар на Пониква


Штип, 14 февруари, 2015 - 13:51 (META) 

Пониква останува единственото место каде жителите со Североисточна Македонија можат да скијаат. На Пониква има патеки за скијање, меѓутоа, треба да се изградат уште неколку нови, според интересот на граѓаните од овој регион.

Ова е ставот на градоначалниците од Источниот и од Североисточниот плански регион, кои ангажираа бугарски консултанти за изработка на планскиот развој на Пониква и на Осоговски Планини.

Консултантите во својата работна биографија го имаа планот за развој на популарниот за Македонците, зимски центар Банско во Бугарија. Според нивните процени, треба да се продолжат постојните патеки за скијање и да се изградат нови, заедно со потребната придружна опрема, со ски-лифтови и жичници на Осогово.
Само почетната проектна документација, според градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски, ќе чини околу 30.000 евра.

– Понатаму ќе се изработуваат мастер-планови, ќе се изработуваат детални планови, односно планови за реализација, што би чинеле милиони евра – рече Ратко Димитровски.

Планот се однесува на Пониква и на Калин камен од североисточната страна, на Царев врв, со што Осоговието, освен како зимски центар, ќе се понуди и како атрактивна летна туристичка дестинација.

– Настапуваме како два региона, Источен и Североисточен, при што ќе биде опфатена изработка на техничка документација за неколку жичарници, ски-лифтови во двата региони. Се надеваме дека тоа ќе ни биде успешен проект – вели Тони Тоневски, претседател на Источниот плански регион.

Пониква веќе има изградено дел од потребната инфраструктура, меѓутоа, осоговскиот дел од страната на Крива Паланка заостанува во туристичкиот развој. И за таму е изработена студија што треба да даде нов поттик на овој план.

– Сметам дека го имаме северниот дел на Осоговските Планини, што можеби има најдобри ски-терени или места за скијање. Ова е пример како треба да се работи, ние ги сублимираме двете студии, и на Источниот и на Североисточниот дел на Осоговските Планини. Ќе дадеме една проектна задача што ќе ги спои овие две студии и да направиме едно убаво туристичко место – е ставот на Арсенчо Алексовски, градоначалник на Општина Крива Паланка.

– Пред една година, општина Крива Паланка направи студија за развој на туризмот во месноста Калин камен и нивниот дел од Царев врв, а сега со оваа студија на колегите од Скопје се разработуваат јужните и североисточните делови околу Царев врв. Можностите за нивно поврзување се идеални, така што напорите на градоначалниците да направат заеднички проект се сосема оправдани – изјави консултантот од Бугарија, Емил Леков.

За почеток, реално е да се очекува предлог-проект за продолжување на една од скијачките патеки на Пониква, како и изградба на една до две нови.