Почнува скијачката сезона на Пелистер. Од денеска битолчани можат да уживаат во скијањето на ски-центарот Копанки. Новина за оваа година е што ски-патеката е подолга за 600 метри, а ставен е во функција и ски-лифтот. Така, сега се добива скијачка целина со патеката од жичарницата од 1.300 метри. Ски-лифтот има капацитет да пренесе 600 посетители на час, со тоа се намалува и времето на чекање пред самата жичарница. На Пелистер на ски-терените снежната покривка е 60 сантиметри, а на шетачките патеки околу хотелот „Молика“ има 40 сантиметри снег.
Од хотелот „Молика“ велат дека од утрово пристигнале првите гости, сезонскиот билет е 4.000 денари, билетот за едно возење на жичарницата до Копанки е 100 денари, за ски-патеката дневниот билет е 300 денари за возрасни и 200 денари за деца.
– Постојано пристигнуваат автомобили, телефоните ѕвонат од сите делови на државата, што исклучително нè радува. Цените се прифатливи. Патот е прооден, а она што го бараме сега од „Македонија пат“ е проширување на патот и повеќе паркинг-простор за автомобилите – вели Никола Каревски, раководител во хотелот „Молика“ на Пелистер.
А.Б.