„ЕЛЕМ турс“: Ски-лифтовите на Попова Шапка се застарени, но функционираат беспрекорно

Скијачката сезона на Попова Шапка се одвива во согласност со организациските политики на „ЕЛЕМ турс“ и без поголеми проблеми. Цела постојна инфраструктура е во функција, а скијачките патеки се одлично подготвени, се вели во реакцијата на компанијата која стопанисува со скијачкиот центар Попова Шапка на иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

– Цела скијачка инфраструктура, односно жичарниците и ски-лифтовите, работат и функционираат беспрекорно. Само денеска се продадени и искористени 1.100 билети, што како податок зборува дека туристичката сезона во овој скијачки центар е во полн ек. Нивото на сигурност и на безбедност како стандард во работењето на скијачката инфраструктура е исполнето, контролирано и сертифицирано од овластени тела – се вели во реакцијата на „ЕЛЕМ турс“.

Оттаму признаваат дека скијачката инфраструктура е застарена, но додаваат дека „ЕЛЕМ турс“ има план за развој на Попова Шапка.

– Планот е веќе почнат и со реализација на терен со изградбата на шестоседата жичарница која е во тек. И проектите како што се проширување на паркиралишта, реновирање на хотелите, систем за заснежување се целосно подготвени и нивната реализација се одвива во динамика која не е целосно зависна од инвеститорот, туку од сплет на услови кои по својата природа се институционални, регулаторни, имотно-правни и геолошки и не зависат од волјата и од политиките на „ЕЛЕМ турс“ – велат оттаму.

Од компанијата ги повикаа иницијаторите од „Да ја спасиме Попова Шапка“ на состанок, за со идеите да придонесат во решавање на проблемите во интерес на посетителите на скијачкиот центар.