На Попова Шапка в недела, на 29 март, ќе се организира четвртиот Меморијален детски скијачки натпревар „Стеве Илиевски-Караѓуле“. Меморијалниот натпревар во организација на скијачкиот клуб „Љуботен“, ќе се одржи на скијачката патека Пионерско брдо во повеќе категории. Досега учеството го потврдиле осум скијачки клубови од Македонија, Косово, Србија и од Црна Гора.
За првите три места, во секоја категорија, се предвидени медали и дипломи, додека странските натпреварувачи ќе бидат посебно наградени, а сите натпреварувачи ќе добијат благодарници за учество. На крајот ќе се доделат и пехарите во знак на сеќавање на тетовската скијачка легенда, Стеве Илиески-Караѓуле.
– Оваа манифестација почна скромно, со неколку дечиња на почетокот, за денес постепено да прерасне во манифестација од пошироки регионални рамки, во која учествуваат и повеќе од 100 учесници. Зголемениот интерес, од година во година, сметаме дека се должи на добрата организација со квалитетно и со стручно мерење на времето, квалитетно поставени патеки, приемот како домаќини, а, се разбира, и со зголемениот интерес на децата за скијање и за натпреварување – велат организаторите.
За наредната година се планира натпреварот да биде регистриран во регионалниот ски-календар.