!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Холандските туристи ја отворија летната сезона во Охрид


Охрид, 2 мај, 2017 - 13:32 (META) 

Првиот сезонски чартер-лет со 180 патници од Амстердам, кои допатуваа со авиокомпанијата „Корендон“ на аеродромот „Св. Апостол Павле“, ја отвори летната сезона во Охрид.

– Покрај редовните линии кои ги имаме преку целата година на охридскиот аеродром – за Базел, Цирих и за Лондон, како и традиционалните чартер-летови од Холандија, ова лето ќе продолжат сезонските летови кои ги отворивме во 2016 година од Белград, Брисел и од Тел Авив, додека нови чартер-летови од Полска ќе почнат од 22 јуни. Еднаш неделно 200 полски туристи ќе доаѓаат на Охридското Езеро, благодарение на договорот што го потпишавме со еден од најголемите полски тур-оператори – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Ова лето на охридскиот аеродром се очекува да слетаат 183 авиони од Амстердам, со авиокомпаниите „Корендон“ и ТУИ, кои ќе донесат повеќе од 28.000 холандски туристи, информираат од компанијата.

Во исто време, од мај до октомври 2017 година, со сезонските летови, на охридскиот аеродром се очекуваат околу 2.000 патници од Брисел со „Томас Кук“, потоа 2.300 патници од Белград со „Ер Србија“ и околу 2.600 патници од Тел Авив со „Аркиа“.


Туристи од Турција и од Далечниот Исток го раздвижија Охрид пред празникот


Охрид, 25 април, 2017 - 12:46 (META) 

Туристи од Турција и од Далечниот Исток го раздвижија Охрид пред првомајскиот празник. Туристите од Далечниот Исток го посетија градот во рамките на т.н балканска тура.

На почетокот на мај, охриѓани и стружани ги очекуваат првите организирани посети на туристи од Холандија со чартер-летови, со што и официјално ќе биде отворена новата сезона за која предвидувањата се добри.

Охридското Езеро, пак, го разубавија и четири млади лебеди.


Грејната сезона може да почне порано од 15 октомври


Скопје, 29 септември, 2016 - 14:24 (META) 

Дистрибуција на топлина „Балкан енерџи“ од 1 октомври ќе почне со секојдневни ладни проби на системот за топлинска енергија, а целта е да се подготви и да се провери целосно системот за топлинска енергија за претстојната грејна сезона, информираат од компанијата.

– Имајќи предвид дека доколку се случи пад на температурата, грејната сезона може да почне порано од 15 октомври, проверката на системот преку ладните проби ќе овозможи навремено отстранување на сите евентуални пречки што ќе се појават во текот на овие проверки – велат од Дистрибуција на топлина „Балкан енерџи“.

Според последните податоци за временската прогноза, во текот на следната недела се очекува значаен пад на температурата.

Од компанијата ги повикуваат потрошувачите навреме да ги завршат почнатите интервенции во внатрешната инсталација, да обезбедат непречен пристап за екипите на компанијата до топлинските станици и постојано напојување со електрична енергија на топлинските станици, со што ќе се овозможи нивно непречено функционирање.


Претстојниот викенд ќе го наполни Охрид


Охрид, 8 јули, 2016 - 13:15 (META) 

Со чиста и релативно топла вода во езерото и со богата културно-забавна понуда, македонскиот туристички центар Охрид престојниов јулски викенд го очекува првиот голем бран туристи.

Синоќа, со отворањето на Балканскиот фолклорен фестивал, практично почна богатото охридско културно лето, кое кулминацијата ја најавува за 12 јули, Петровден, кога традиционално се отвора меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето“.

Во прилог на бројните гости од земјата и од светот им оди и фактот што водата во најголемиот дел од Охридското Езеро е од прва класа и е погодна за капење и за спортување.

„Во рамките на редовните месечни контроли, испитани се околу 30 примероци од површинската вода на езерото. Најголемиот дел од нив покажале дека водата е од прва класа“, велат од Центарот за јавно здравје од Охрид.

Според денешните мерења, температура на водата во Охридското Езеро изнесува 24 Целзиусови степени.

Од Управата за хидрометеролошки работи велат дека оваа температура е во границите на просечната годишна температура за јули, што само може да им оди во прилог на рекреативците кои веќе ги наполнија плажите околу Охридско Езеро.


Што поскапува во Грција со новите мерки?


Атина, 13 мај, 2016 - 14:43 (META) 

Бран поскапувања ја очекуваат Грција летово со изгласаната мерка за зголемување на данокот на додадена вредност на 24 отсто за голем број услуги и производи.

Зголемувањето на данокот ќе се одвива во неколку етапи, почнувајќи од јули годинава, па сè до јануари 2018 година. Оваа мерка се очекува да внесе во државната каса 1,8 милијарди евра од поскапувањата на производите и на услугите.

Првиот бран поскапувања од јули ќе зафати разни видови пакувана храна како макарони, ориз, брашно, кафе, сувомесни производи, чоколади, сладолед и сокови.

Во првиот бран ќе се зголеми и данокот на додадена вредност во таверните и во рестораните, но и за билетите за јавен превоз низ Грција, како и за цената на такси-услугите.

Следниот чекор, од јануари 2017 година, ќе биде поскапувањето на горивата и на нафтата за греење, алхохолните пијалоци, цигарите, цената на кафето во кафулињата, но и сметките за интернет, цените за новите автомобили.
Од 2018 година, пак, ќе се наметне и поскап данок за ноќевањата во хотелите со повеќе од две ѕвездички.


Туризмот во Македонија по шести пат беше промовиран во Холандија


Утрехт, 15 јануари, 2016 - 15:14 (META) 

Туристичките убавни на Македонија беа промовирани по шести пат на саем во Утрехт, Холандија, кој се одржува од 13 до 17 јануари.

– Најголемите туристички оператори „Туи“ и „Корендон“ кои носат холандски туристи во Македонија, покажаа оптимизам за претстојната туристичка сезона, истакнувајќи ги неповолните гео-политички случувања во одредени делови од светот. Неодамна, откако белгискиот „Томас Кук“ беше во Македонија и склучи договори со македонските хотелиери, „Томас Кук – Холандија“ е следниот голем туристички оператор од холандскиот пазар кој најавува влез во Македонија – соопштуваат од Агенцијата за промоција на туризмот.

Најуспешните студенти по туризам од сите факултети и школи за туризам во Холандија, годинава ќе одржат конгрес од 21 до 28 мај во Охрид. Овој настан е во организација на најголемиот светски туристички оператор „Туи“, а дестинацијата за конгресот на студентите е по избор на холандските туристички агенции.

На штандот на Македонија за време на саемот во Холандија својата туристичка програма ја претставија македонските хотелиери и туристички оператори „Охрид холидејс“ и „Бохемија“, кои очекуваат успешна туристичка сезона.


Почна скијачката сезона на Попова Шапка


Тетово, 14 јануари, 2016 - 16:49 (META) 

На скијачкиот центар Попова Шапка официјално почна скијачката сезона. Снежната покривка на патеките надминува половина метар, а на Церипашина има повеќе од еден метар снег.

– На најатрактивната патека на Балканот, Церипашина, пред неколку години поставивме дрвени тараби кои го задржуваат снегот, односно не дозволуваат ветерот да го разнесе снегот. Овој снег во текот на сезоната може да се искористи и за другите скијачки патеки. Снегот е неопходен за успешна скијачка сезона и се надевам дека оваа година ќе биде една од најуспешните – вели Петре Димитриевски, директор на скијачкиот центар Попова Шапка.

Туристите велат дека центарот со години тапка во местои дека во него воопшто не се инвестира.

– Потребни се инвестиции на Попова Шапка, треба да се изградат хотели со поголеми сместувачки капацитети, нови ски-лифтови, но и повеќе паркиралишта – изјави еден посетител.

Централната власт неколку години наназад ветува дека Попова Шапка ќе прерасне во модерен туристички центар. За таа цел има изработено и план, кој вклучува изградба на големо паркиралиште, модерна шестоседна жичарница, нов хотел со бањски центар и сноуборд-парк. Но, од ветеното на терен досега ништо не е реализирано.


Снег на Попова Шапка и на Маврово


Скопје, 24 ноември, 2015 - 11:35 (META) 

Синоќа околу полноќ на Маврово и на Попова Шпапка врнеше снег. Најавите на метеролозите се дека до петок ќе паѓа повремен снег на овие локации, кои се скијачки центри, но не се очекува доволно количество врнежи што би значело почеток на скијачката сезона.

Во наредните денови нашето подрачје ќе биде под влијание на серија влажни бранови од Медитеранот, кои ќе предизвикаат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини и повремен снег.


Грејната сезона ќе почне утре


Скопје, 14 октомври, 2015 - 11:16 (META) 

Од утре, 15 октомври, официјално почнува грејната сезона. Од „Балкан енерџи груп“ за „Мета“ велат дека сè е подготвено за почетокот на грејната сезона и дека граѓаните ќе добијат парно доколку температурата по 21 часот падне под 12 степени.

Според последните одлуки на Регулаторна комисија за енергетика, времето на греење се продолжува за еден час и наместо до 21 часот, граѓаните ќе имаат парно до 22 часот.

Исто така, новина е што нема да се чека температурата да се спушти под 12 Целзиусови степени три последователни дена, туку парно ќе има ако прогнозата на УХМР за следниот ден предвидува температура пониска од 12 степени.

Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која беше соопштена кон крајот на јули, граѓаните што се приклучени на системот за парно греење на „Балкан енерџи груп“ ќе плаќаат поевтино парно за 0,19 проценти, на „ЕЛЕМ енергетика“ за 0,86 проценти, а сметките на „Скопје Север“ АД ќе останат исти.

 


„Туристички сојуз“ од Охрид задоволен од летната сезона


Охрид, 27 септември, 2015 - 10:37 (META) 

Летната туристичка сезона може да се оцени како една од  поуспешните во однос на бројот на странски туристи и бројот на ноќевања реализирани во охридско–струшкиот регион, сметаат во  Здружението од областа на туризмот и угостителството „Туристички сојуз“, со седиште во Охрид.

Отворањето нови хотели, како „Мираж“ во Струга, хотел „Филип“, хотел „Тино“  и „Аква лине“ во Охрид, е добар сигнал за инвестиции во хотелиерството, додека градењето базени и бањски центри, како дополнителна содржина во хотелите, е добар правец за развој.

„Политиката на субвенционирање на странските тур-оператори кои носат странски туристи во Македонија се покажа како исправна мерка и треба да продолжи во иднина уште најмалку  три години. Политиката на државата во субвенционирање евтини авиолетови од и до Македонија е успешна мерка која, исто така, треба да продолжи со отворње на нови дестинации, особено кон Полска и кон Русија од каде имаме константно зголемување на бројот на туристи“, сметаат оттаму.

„Туристички сојуз“ ја поздравува одлуката за отворањето на линијата Охрид–Лондон и таа треба да продолжи во наредните години, а општините Струга и Охрид  заедно да ја субвенционираат со поддршка на Владата и да настапат со осмислена и агресивна промоција на саемот  во Велика Британија како можност да се донесат голем број туристи.

„Сезоната ќе беше уште поуспешна доколку не се случеше инцидентот во Куманово, кој беше пренесуван во медиумите во соседството како да е војна во Македонија. Голем број странски групи во тој период ги откажаа своите аранжмани. Државните институции за овој случај не реагираа правовремено, особено преку нашите амбасади во соседните земји. Автопатското поврзување на охридско-струшкиот регион со Скопје, како и осовременувањето на патот од Битола со обиколница кај Ресен, се зафати значајни од аспект на туризмот и треба што поскоро да се реализираат“, посочуваат од „Туристички сојуз“.

„Туристички сојуз“ ќе инцира акции со намалување на цени на туристичките аранжмани за охридско-струшкиот регион во периодите ноември–март за привлекување туристи, а особено на домашните.