Тренов: Откупувачите на зелка купуваат само од тие што не протестираа


Скопје, 12 април, 2018 - 14:11 (META) 

Иако претставници на министерството и владата се фалат дека експресно го решиле проблемот со откупувачите и производителите на зелка, и договориле цената да се движи од 20-25 денари по килограм, состојбата е поинаква. Откупот е драстично намален, а воопшто не се откупува од производители што минатата седмица протестираа, обвини Ромео Тренов на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Забележано е драстично намалување на количините на откупената зелка, иако откупувачите до вчера декларативно ја држеа цената од 20 денари. Откупните пунктови ги држат повеќе затворени отколку отворени. Истите откупувачи имаат добиено целосни инструкции да не откупуваат зелка од лицата кои протестираа минатата недела заради ниските цени, така што се случува дискриминација на лице место, и производителите се делат на подобни и неподобни согласно правилата на неспособната влада – рече Тренов.

Тој вели дека одредени откупувачи се обидуваат да ја исплаќаат зелката со репроматеријали наместо со пари, и со тоа да ги намалат откупните цени.

– И покрај ветувањата на неспособната влада дека цената ќе се движи од 20-25 денари во моментот на ова обраќање цените на откупот изнесуваат 15 денари по килограм, со тенденција на понатамошен драстичен пад. Во одредени региони на полињата има и до 70 отсто од засеаната зелка, па производителите се соочени истите количини да презреат и да им пропаднат, заради слабиот откуп последниве денови – обвинува Тренов.


СДСМ: Тренов да објасни зошто ја попречува исплатата на субвенции


Скопје, 16 јуни, 2017 - 18:20 (META) 

Владата предводена од СДСМ веднаш пристапи кон решавање на проблемите што ВМРО-ДПМНЕ ги остави во земјоделството, порача владејачката партија денеска, реагирајќи на прес-конференцијата на Ромео Тренов од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ побара Тренов да докаже дека навистина мисли добро за земјоделците така што ќе им овозможи, како државен функционер, да си ги земат субвенциите.

„Наместо да држи партиски прес-конференции, директорот на АД „Водостопанство“, Ромео Тренов, треба да објасни зошто во софтверот на платежна агенција сè уште ги нема внесено податоците за земјоделците кои не се должници за надомест за вода, со што директно им го спречува правото да си ги земат субвенциите“, се вели во реакцијата.


ВМРО-ДПМНЕ бара итна владина седница за обесштетување на овоштарите


Скопје, 16 јуни, 2017 - 15:23 (META) 

„Министерот на СДС, Љупчо Николовски, со денови се крие и ги одбегнува овоштарите кои се соочуваат со реални проблеми. Николовски го нема да се појави во Росоман каде што состојбата со производството на праски е алармантна, исто како и со речиси целокупното овоштарство во Македонија“, обвини денеска Ромео Тренов на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Владата на СДС покажа колку не го цени земјоделството и трудот на земјоделците. Владата на СДС покажа дека е глува на апелите за помош кои доаѓаа директно од земјоделците и од нивните здруженија. Оттука бараме министерот за земјоделство Љупчо Николовски да побара итна и вонредна владина седница со точка на дневен ред – стопроцентно обесштетување на овоштарите чиј род настрада од временските непогоди и дополнителна поддршка за да може да ја преживеат годината – рече Тренов.