!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Заложбите за слободни медиуми на владата и на Поповски се лажни


Скопје, 14 ноември, 2017 - 20:03 (META) 

Протоколарните заложби за слободни медиуми на владата и Роберт Поповски се лажни, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на министерот на средбата со претставник за слобода на медиумите на ОБСЕ Харлем Десир, дека новата влада им дава силна поддршка на медиумите.

„Медиумите и газдите на медиумите се уценети и притиснати од полициската алатка на СДС, СЈО, што придонесува за целосен медиумски мрак и пристрасно известување. Го прашуваме министерот за пропаганда на владејачката партија СДС, платен со парите на граѓаните Роберт Поповски: како ја подобри слободата на медиумите и каде го гледа напредокот?“, стои во реакцијата.

Од партијата наведуваат дека Попоски во владата вработи повеќе од 40 луѓе за да го подобри информирањето, но оти освен што тие ја чинат државата илјадници евра, транспарентноста на владата не е подобрена.

„Зошто се уште се одбегнуваат одговори на вистинските прашања кои ги бара јавноста поврзани со трошењето на јавните пари и давањето на тендери во 4 очи како што беше тоа случајот со вицепремиерот Анѓушев? Има ли подобар пример за рушење на независноста на новинарството од самиот Роберт Поповски кој од првото место во ЗНМ, се најде за одговорен на партискиот прес-центар на СДС, за да седне во министерската фотелја“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.


ЗНМ побара од Владата заштита на новинарите од насилство од државни институции


Скопје, 29 јуни, 2017 - 13:57 (META) 

Премиерот Зоран Заев и министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска со белгискиот експерт Питер Ванхауте и со претставниците на ЗНМ разговараа за состојбата во медиумите и за претстојните реформи.

На средбата било заклучено дека медиумите се меѓу најважните столбови на едно демократско општество, a Ванхауте, кој беше олеснувач во Договорот од Пржино, и претставниците на ЗНМ ја поздравиле владината иницијатива за медиумски реформи.

„Се отворивме за целиот реформски процес, а тоа важи и за медиумските реформи. Ја консултираме целата експертска јавност. Го консултираме граѓанскиот сектор. Ќе ја вклучиме и опозицијата. Нашата цел е да обезбедиме МРТВ да биде кредибилен јавен сервис, професионално работење на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и услови за објективно и непристрасно работење на сите други медиуми, бидејќи интерес на сите граѓани е да бидат навремено и точно информирани – рече Заев.

Европскиот експерт Ванхауте посочи дека Македонија е на дното по медиумски слободи во извештаите на сите релевантни европски и светски институции и организации токму поради досегашното отсуство на политичка волја да се осигури слобода на говорот, професионално новинарство и заштита на новинарите.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ги пренел ставовите на здружението и побарал особено да се обрне внимание на заштита на новинарите од насилства од државни институции, како и од притисоци преку нетранспарентни судски процеси, за што се посочени досегашни бројни примери.

Заев и Поповски најавиле интензивна соработка со ЗНМ и со претставниците на медиумската заедница во Македонија за сите суштински прашања од интерес за новинарите и за медиумите.