Поранешниот градоначалник на Демир Капија повикан на разговор во Финансиска полиција


Скопје, 24 октомври, 2018 - 17:05 (META) 

Поранешниот градоначалник на општина Демир Капија, Трајче Димитриев, ќе биде кривично гонет заради продажба на општински објект на негов роднина, јави „Алсат – М“.

Според телевизијата, во периодот 2008-2009 година, објектот бил реновиран со 500.000 евра од ЕУ, а потоа бил продаден на роднина на градоначалникот Димитриев, за сума од 32.500 евра. Како што дознава „Алсат-М“, по продажбата, објектот бил пренаменет во казино.

Како што јави МИА, Димитриев и поранешниот претседател на Советот на општина Демир Капија, како и уште две други лица, денеска биле повикани на разговор во Управата за финансиска полиција.


Бугарскиот разузнавач што „го врбувал“ Љубчо Георгиевски, доби 15 години затвор


Софија, 23 јануари, 2018 - 17:47 (META) 

Затворска казна од 15 години и конфискација на имотот е денешната пресуда за поранешниот шеф на бугарската разузнавачка служба, генерал Кирчо Киров, јави бугарскиот „Де Факто“.
Киров го привлече вниманието на македонската јавност во 2015 година со тврдењето дека бугарската разузнавачка служба врбувала многу видни имиња во ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и нејзиниот прв претседател, Љубчо Георгиевски.

Тој е осуден за злоупотреба на 5 милиони лева (2,55 милиони евра) од парите за разузнавачка дејност до 1999 година. Софискиот Воен суд за соучесништво го осуди и Димитар Лидарев, полковник во резерва и поранешен функционер во Националната разузнавачка служба. Тој доби три годишна затворска казна и потоа пет години условно. Според пресудата, по налог на Киров, Лидарев подготвувал фалсфикат-документи за подигање пари и потоа ги подигал парите од благајната.

Многу детали за процесот се засега непознати и имаат статус на тајна. Процесот е почнат минатата година, кратко откако Воениот апелациски суд го врати на повторно судење првиот случај против Киров, во којшто тој исто така беше осуден. Повтореното судење заврши вчера, при што Киров исто така доби 15 години затвор, а беше наложено и конфискација на половина од неговиот имот. Во тој случај, Киров се товареше дека од 2007 до 2011 година проневерил долари и евра во вкупна вредност од 5,1 милиони лева.

Против Киров се води уште еден случај, за издавање државна тајна во 2014 година, кога во телевизиско интервју ги изнел деталите за спасување на бугарски возач од смртна казна во Иран.

Киров, кој е разрешен од функцијата во 2012 година, по девет години минати на тоа место, најави дека ќе ги обжали двете пресуди во Воениот апелациски суд.

Тој го привлече вниманието на јавноста во Македонија во 2015 година, со емисијата „Слободна зона“ со водителот Георги Коритаров, кога кажа дека имал активна улога во разбивање на СФРЈ, дека бугарското разузнавање врбувало членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои бил и првиот претседател на партијата, Љубчо Георгиевски.


Трамп: Тоа со Манафорт било пред многу години, зошто Хилари не е во фокусот?


Вашингтон, 30 октомври, 2017 - 19:05 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, по повод обвинувањата против поранешниот шеф на неговата кампања, на „Твитер“ порача дека фокусот би требало да биде на Хилари Клинтон.

Трамп повторно ја употреби конструкцијата „нечесната Хилари“.

„Извинете, но ова било пред многу години, пред Пол Манафорт да стане дел од кампањата на Трамп. Зошто нечесната Хилари и демократите не се во фокусот“, праша Трамп.

Поранешниот шеф на неговата кампања, Манафорт, е обвинет за заговор против САД, проневера, перење пари, лажно сведочење и повеќе други дела затоа што заедно со неговиот соработник, Рик Гејтс, заработил милиони долари работејќи за украинскиот претседател Виктор Јанукович, а приходите не ги пријавил.


За милионскиот грабеж во НЛБ, поднесени обвиненија против осум лица


Скопје, 7 јули, 2017 - 14:11 (META) 

Основното јавно обвинителство – Скопје до Основен суд Скопје 1 поднело обвиненија против осум лица, вработени во НЛБ, за кражбата на околу три милиони евра од трезорот на банката. Со обвиненијата се побарани и мерки за обезбедување присуство, односно за првите тројца обвинети е побарано продолжување на притворот, а за едно лице е определена мерка за претпазливост.

Обвинителството утврдило дека во периодот од 31 март до 8 април годинава првите четворица обвинети, искористувајќи ја својата работна позиција, украле 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. На 10 април се украдени два милиона  швајцарски франци и 270.000 евра, за што беше уапсен вработениот Бобан С.

Првообвинетиот се гони за затајување сторено повеќепати, како и за тешка кражба. Исто е обвинението и за второто лице, но со квалификација помагање. Третиот обвинет се товари за тешка кражба со помагање, а четвртиот за соизвршителство во затајување. Пропишаните казни за тешка кражба се од три месеци до десет години затвор, додека за затајување од една до десет години.

Другите четворица обвинетите се товарат за несовесно вршење на должностите со што ја овозможиле кражбата. Двајца се товарат за несовесно работење во подолг период, а другите двајца за еднократно сторено кривично дело. Во согласност со Кривичниот законик, предвидена казна за ова кривично дело е затвор од шест месеци до три години, како и задолжителна парична казна за сторителите.


Марин ле Пен под истрага за проневерување пет милиони евра од европски фондови


Париз, 30 јуни, 2017 - 18:55 (META) 

Против ултраконзервативката Марин ле Пен се води официјална истрага во Франција поради проневерување финансиски средства во Европскиот парламент. Според француското законодавство, отворањето ваква истрага е еднакво на поднесување обвинение.

Наводната злоупотреба на средствата на парламентот се одвивала од 2012 година, а во неа, покрај Ле Пен, се вплеткани и други претставници на партијата Национален фронт.

Станува збор за сума од 5 милиони евра. Парламентот се сомнева дека парите им биле исплаќани на асистентите на партијата на Марин ле Пен. Проблемот е во тоа што асистентите во тоа време не работеле за Ле Пен и за другите пратеници на Националниот фронт во Европскиот парламент, туку работеле на партиски обврски во Франција.


Драган Даравелски уапсен во Белград, потвди МВР


Белград, 24 март, 2016 - 12:02 (META) 

Поранешниот директор на Царинската управа на Македонија, Драган Даравелски, е уапсен од српската полиција во Белград, врз основа на потерница распишана од македонски власти, потврдија за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи.

Даравелски, кој беше директор на царината во периодот од 1999 до 2002 година, повеќе од една деценија се бараше со потерница од македонските власти, но Белград сè досега одбиваше да постапи по неа.

Поранешниот функционер, во отсуство е осуден на затворска казна од седум години поради проневера, односно злоупотреба на службената положба и овластување во времето кога беше директор на царината.

Од МВР велат дека очекуваат во секое време преку Интерпол да добијат и официјално известување за апсењето на Даравелски.


Алекс Рондос пред кривичниот суд за проневера на девет милиони евра


Атина, 25 април, 2015 - 13:02 (META) 

Мистериозниот грчки дипломат Алекс Рондос, со кој се поврзани шпекулации за тајна дипломатија со македонската влада за спорот за името, ќе биде изведен пред суд под обвинение за проневера на девет милиони евра од грчкото Министерство за надворешни работи. Се работи за корупциски скандал кој ја потресе Грција минатата година. Според обвинението, преку невладината организација „Интернешнл мајн инишијатив“, која работела на отстранување мини во Босна, Ирак и Либан, биле проневерени девет милиони евра. Парите со кои е оштетена грчката држава се сомнева дека биле користени за лично богатење на првиот човек на организацијата, Константинос Ѕевелекеос, кој е главниот осомничен во случајот и веќе една година е во притвор.

Рондос, кој важи за еден од најмистериозните дипломати во грчкото Министерство за надворешни работи и за поранешен соработник на Јоргос Папандреу, заедно со уште седум други осомничени учесници во невладината организација ќе бидат изведени пред кривичниот суд во Атина за да одговараат за кривичното дело измама и оштета на државата за голема сума за нелегално збогатување. Против обвинетите има обвинение за лажни потврди, злоупотреба на должност, поседување оружје, перење пари и за фалсификување документи.

Грчкото обвинителство издаде налог за приведување и за апсење на дипломатите во февруари 2014 година. Тогаш Рондос беше пуштен на слобода со кауција од 50.000 евра, а според информациите, во своја одбрана изјавил дека одлуките за работата и правните рамки на невладината организација биле носени на централно политичко ниво бидејќи биле поврзани со спроведување на конкретна надворешна политика. Со ова тврдење, Рондос ја префрла вината на сметка на тогашниот министер за надворешни работи, Јоргос Папандреу, и на неговиот тогашен заменик-министер, Андреас Ловердос. Рондос, од јули 2002 до јануари 2003 година, раководел со Службата за меѓународна развојна соработка во Министерството за надворешни работи и бил одговорен за финансирањето на невладините организации во Грција. Дипломатот, кој се смета дека е одговорен за проневера на два милиони евра, го отфрла обвинението со објаснување дека неговата функција како директор на службата не опфаќала надлежност за проверка на легалноста на документите за одобрување на финансирањето на организациите. Според информациите во грчките медиуми, Рондос тврди дека за одредени документи бил фалсификуван неговиот потпис и од сите документи кои се вклучени во обвинителниот акт, тој се има потпишано само на две одобрувања за финансирање, додека другите со кои се одобруваат средства не се потпишани од него, туку од некој кој го фалсификувал неговиот потпис.

Според информациите, во обвинителниот акт стои дека финансирањето на оваа НВО се одвивало без да се почитуваат законите поврзани со финансирање невладини организации. Невладината добивала финансии од 2000 до 2004 година, а се смета дека тие биле користени за други конкретни цели наместо предвидените, односно за отстранувањето мини од повоени подрачја. Исплаќањето на парите одело без соодветна контрола за потрошените средства, без извештаи за напредокот на проектите и без никаква потврда од амбасадите дека навистина се спроведени проектите, а при тоа биле прифаќани потврди на српски и на арапски јазик без никаков превод.

Грчкиот аналитичар Такис Михас минатата година преку своја колумна за порталот „Протагон“, постави сериозна дилема дали можеби оваа НВО го финансирала поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, во периодот кога бил во бегство. Михас во колумната спомена дека човекот кој најмногу го штител Караџиќ, Душан Тесиќ, при неговото апсење во 2005 признал дека од 2001 работел како соработник за грчка НВО, која работела на деминирање на регионот. Оваа информација, според Михас, укажува на можната вмешаност на невладината во која бил Рондос со Караџиќ. Грчкиот аналитичар споменува дека невладината била и под лупа на СФОР, а портпаролката на меѓународниот суд во Хаг, Флоренс Хартман, во разговор со него истакнала дека грчки пари се трошеле за да се заштити бегалецот Караџиќ.

За потсетување, Рондос во Грција го поврзуваат со шпекулации за тајна дипломатија со Македонија за време на последниот мандат на Папандреу како премиер во 2009 година, без согласноста на тогашниот министер за надворешни работи, Димитрис Друцас. Името на Рондос во Атина се поврзува и со случајот за помагање на српската опозиција за уривањето на Слободан Милошевиќ. Рондос важи за мистериозен дипломатски гениј, кој како сенка поминува низ Министерството за надворешни работи. Роден е во Танзанија, образуван на Оксфорд, а минатата година работеше во ЕУ како специјален пратеник на бароницата Кетрин Ештон за регионот на Рогот на Африка.


Благајник од штипската болница осомничен за проневера на 23.000 евра


Штип, 23 јануари, 2015 - 11:59 (META) 

Благајник во штипската клиничка болница е осомничен за проневера на 1,4 милиони денари или околу 23.000 евра, јавуваат медиумите.

Кривичната пријава до Основното јавно обивнителство Штип била поднесена од Упрвата за финансиска полиција, која по извршената контрола на годишниот извештај за 2014 година, констатирала дека осомничениот повеќепати проневерил и присвојувал пари наплатувани врз основа на полагање стручен испит, лекарски прегледи за возачки дозволи, за уверенија и за препис на документација.

Со извршување на кривичното дело тој ја оштетил клиничката болница во Штип за сума од 23.000 евра.