!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

УЈП: Во најкраток рок да се плати персоналниот данок на доход


Скопје, 9 јануари, 2017 - 13:05 (META) 

Доколку граѓаните не извршиле плаќање на утврдените даночни обврски за персонален данок на доход за 2015 година и за претходни години врз основа на годишна даночна пријава или за 2016 година врз основа на аконтативна даночна пријава, тоа да го сторат во најкраток можен рок, порачуваат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Оттаму прецизираат дека укажувањето се однесува и за самостојните вршители на дејност – занаетчии, земјоделци, трговци поединци, адвокати, нотари и други кои не извршиле плаќање на персоналниот данок на доход, без разлика дали станува збор за обврзник кој го плаќа данокот според реален или паушално утврден приход.


Лондонското метро ќе сообраќа и навечер, но само за викенди


Лондон, 20 август, 2016 - 12:20 (META) 

Лондонското метро почна да сообраќа и навечер, но засега само за време на викенди. За почеток се воведуваат две ноќни линии, една во должина од 74 километри, а другата 21 километар, и ќе работат петок и сабота.

Лондонскиот градоначалник Садик Кан на „Твитер“ напиша дека, повторното воведување на вечерни линии ќе им помогне на илјадници работници кои одат и се враќаат од работа, но и градот ќе има голем економски бенефит. Тој очекува дека со оваа мерка, градот ќе има 77 милиони фунти дополнителен приход.

Исто така смета дека, граѓаните ќе можат брзо и безбедно да стигнат дома по вечерните излегувања.

Лондонското метро е најстаро во светот, изградено во 1863 година, и превезува 1,3 милијарди патници годишно.


СДСМ: 600 домаќинства преживуваат со пари колку што чинат едни очила на Груевски


Скопје, 22 јуни, 2016 - 15:12 (META) 

„Дури и Државниот завод за статистика, којшто множи и дели како што ѝ одговара на власта на Никола Груевски, не успеа да го скрие податокот дека една третина од домаќинствата во Македонија го живеат месецот со само 106 евра месечен приход. Тоа значи дека 600 домаќинства во земјава преживуваат цел месец со парите што ги дал Груевски само за неговите очила „мајбах“, со кој беше фотографиран на лежалка во Израел лани“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека со 200 денари дневно родителите од околу 60.000 семејства треба да купат млеко за децата, да ги облечат за градинка и за училиште, да ги однесат, да ги пратат на факултет, тие да отидат на работа, да обезбедат појадок, ручек и вечера и да тргнат настрана за струја, вода и за телефон.

– Според Светска банка, 180.000 граѓани во Македонија живеат уште помизерно, со 40 денари на ден. Дури третина од граѓаните во земјава, повеќе од 500.000 луѓе, живеат под прагот на незапаметена сиромаштија. И сето ова за „фамилијата на власт“ 10 години да се богати и да се луксузира на нивни грб, со нивните пари, на милионски парцели, во милионски палати и во „мерцедеси“ од 600.000 евра – се вели во соопштението на опозициската партија.


Швајцарците го отфрлија предлогот за загарантиран месечен приход


Цирих, 6 јуни, 2016 - 11:14 (META) 

Швајцарските гласачи го отфрлија предлогот за воведување загарантиран приход за сите граѓани и за тие што живеат подолго време во таа земја. Гласачите го отфрлија предлогот на вчерашниот референдум, со прашање дали прифаќаат сите швајцарски граѓани и странци кои законски престојувале најмалку пет години во земјата, да примаат безусловен приход, а притоа да не мора да работат. Против предлогот гласале речиси 77 отсто од гласачите.

Доколку беше прифатен, предлогот предвидуваше за секој возрасен човек минимални месечни примања од 2.500 швајцарски франци, а за секое дете по 625 франци.

Швајцарската влада беше против предлогот бидејќи, според неа, за финансирање на таа мерка би било неопходно намалување на буџетот или зголемување на даноците.


Недела на големи одлуки за грчката влада


Атина, 25 април, 2016 - 12:17 (META) 

Наместо воскреснување на економијата, нови мерки и стеги за грчкиот народ и за бизнисмените.

Ова се шпекулира дека ќе биде исходот од оваа Велика недела во Грција, ако се има предвид дека владата се надева до четврток да се затвори првиот дел од преговорите со кредиторите околу мерките за пензиски и за даночни реформи.

Во исто време, од ММФ и од европските кредитори стига порака дека Грција ќе треба да прифати и да изгласа и нов помал пакет од 3,6 милијарди евра за да може да се почнат разговорите за намалување на грчкиот долг.

Со ова, во суштина, грчката влада ќе мора да помине пакет мерки во висина од 9 милијарди евра, имајќи предвид дека мерките за пензиски и за даночни реформи против кои се бунтуваат голем број граѓани, се во восина од 5,4 милијарди евра.

Овој пакет содржи дополнителни намалувања на пензиите, зголемување на даноците на приход, имот, транспорт и на основни прехранбени производи, како и мерки во врска со лошите банкарски заеми.

Што, пак, ќе опфати вториот пакет од 3,6 милијарди евра, сè уште е непознато и треба да се дефинира кои би биле мерките и како би бил спроведен.

Прашањето во Грција е дури и да се договори пакетот мерки до четврток, дали тој ќе успее да добие поддршка од сите членови на СИРИЗА или повторно ќе ја стави на тест грчката влада, ставајќи ја и пред дилема за избори.


Од УЈП очекуваат 400.000 пријави за данок, а поднесени се околу 145.000


Скопје, 3 март, 2016 - 12:51 (META) 

До Управата за јавни приходи досега се доставени вкуно 145.475 годишни даночни пријави, а очекуваат да бидат поднесени 400.000 пријави.

Граѓаните треба да поднесат годишна даночна пријава за остварени дополнителни приходи во текот на 2015 година, до 15 март 2016 година.

Годишна даночна пријава (ГДП) задолжително се поднесува за остварен приход освен плата или пензија или приход од земјоделска, односно самостојна дејност, приходи од кирии од издавање имот, авторски права, индустриска сопственост, исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, добивка од наградна игра во износ поголем од 5.000 денари, приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет-страници.

Годишна даночна пријава треба да се поднесе и за лични примања од странство, работно ангажираниње во амбасада, мисија на меѓународна организација, приходи остварени преку интернет како е-трговија, услуги извршени преку специјализирани страници, на пример www.freelancer.com,www.upwork.com, поставување реклами на сопствени интернет-страници, прогнози на типови за спортски натпревари и други дополнителни приходи, надвор од редовната плата или пензија.

Граѓаните кои во текот на минатата година оствариле приходи врз основа на надомест од договори за дело, авторски договори и други договори за кои постоеше обврска за плаќање социјални придонеси за т.н. „хонорарци“, во согласност со одредбите на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во примена од 1 јануари 2015 до 31 јули 2015 година, потребно е да ги искажат соодветно и во годишната даночна пријава, во зависност од видот на исплатата.

Годишната даночна пријава е бесплатна и може да се преземе од веб-страницата на УЈП.


Заев: СДСМ ќе се бори секое семејство да има приход од 50.000 денари


Штип, 1 октомври, 2015 - 16:43 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги посочи претставниците на власта како кочничари во работењето на работните групи. Заев потсети дека роковите течат и апелираше, како што рече, „да не се купува време“.

– Некои, пред сè, претставниците на власта, наоѓаат милион причини да ги заобиколат решенијата на преговорите и да се исполнат роковите. Да ги дефинираме решенијата, да не купуваме време. Да седнеме ден порано, да ги решиме отворените прашања бидејќи победникот на 24 април треба да има полн легитимитет – изјави Заев.

За спроведување фер избори, за Заев е важно и името на министерот за внатрешни работи. За кадровските решенија во министерствата, договорени меѓу четирите политички партии, како што најави Заев, најверојатно ќе се разговара претстојниот викенд.

– Особено внимание ќе посветиме на изборот на министерот за внатрешни работи. Се работи за целосно наше решение, предлог на опозицијата, но треба да биде професионалец, експерт. Тоа значи дека некои од нашите први докажани сопартијци не можат да ја извршуваат оваа функција иако имаме плејада на кадри за оваа работа. Но, така е договорено и тоа ќе го почитуваме. Новиот министер, професионалец и експерт, пополека ќе навлезе во институциите по вертикала како единствено можен начин за да бидеме гарант за фер, регуларни и демократски избори – изјави лидерот на СДСМ.

Заев не сакаше да го коментира тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со образложение дека таа има целосна автономија, но потсети дека граѓаните очекуваат правда.

– Очекувањата им се јасни на граѓаните, така и нам, на политичарите, нема да навлезам во ниту еден детаљ од коментирањата на кадровската поставеност или тимот на специјалниот обвинител. Само посакувам успешна работа. Се надевам дека ќе имаат успешна соработка и со сите други институции за да можат процесите да доведат до правда и до правна држава – рече Заев.

Лидерот на СДСМ, во придружба на двајца претседатели на партиски комисии, попладнево е на средби со граѓаните. Текстилна работничка праша дали законите важат и за текстилството, особено зашто во Штип во оваа гранка работниците работат и сабота и недела. Друг праша за тоа дали априлските избори ќе променат нешто во државата. Трет се жалеше на бавната правда.

Заев најави дека неговата партија ќе се бори за создавање средна класа, а просечното семејство да остварува приходи од 45.000 до 50.000 денари месечно.


Олимписките игри во Сочи со приход од 1,6 милијарда долари


Сочи, 11 април, 2015 - 14:45 (META) 

Зимските олимписки игри и Параолимписките игри одржани во Сочи во февруари 2014 година имаа приход од 85,4 милијарди рубли (1,6 милијарда долари), што е повеќе од двојно од сумата наведена во текот на процесот на кандидатура, соопшти Руската комора за ревизија, пренесува „Интерфакс“.

„Според резултатите од ревизијата, организациониот комитет на Сочи имаше 85,4 милијарди рубли приход. Организацискиот комитет го зголеми вкупниот приход во споредба со сумата што е наведена во кандидатурата за домаќин на игрите за 110 отсто, односно за 47.600.000 рубљи“, соопшти Комората за ревизија, врз основа на резултатите од ревизијата на санацијата на прекршоците идентификувани при надзорот на ефективното користење на државните ресурсите кои беа користени за подготовка и за одржување на игрите во Сочи. Зголемувањето е „резултат на големиот број национални маркетинг-партнери, од каде приходите беа 220 отсто или 33,6 милијарди рубли повеќе од планираното“, изјавија од Комората за ревизија.

Трошоците за организирање на игрите беа 324,9 милијарди рубли, вклучувајќи 221 милијарда рубли за инвестиции во приватниот сектор, 103,3 милијарди рубли во федералните буџетски фондови и 0,6 милијарди рубли од буџетите на Краснодарската област и на Сочи.