На Вранишковски пасошот му бил одземен поради судска забрана да излезе од Македонија


Скопје, 12 јули, 2018 - 13:11 (META) 

Православната Охридска Архиепископија (ПОА) завчера обвини дека во понеделникот на граничниот премин „Меџитлија“ кај Битола, полицијата без никакво образложение му го одземала пасошот на нејзиниот поглавар Јован Вранишковски. Но од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „Мета“ објаснија дека пасошот е одземен поради судска забрана Вранишковски да ја напушта Македонија.

„На 09 Јули, оваа година, на граничниот премин Меџитлија кај Битола, без никакво образложение, од страна на Министерството за внатрешни работи одземена му е патната исправа на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Таква дискриминација со одземање на патни исправи без никакво образложение, својствено е за правно неуредени држави, држави во кои нема никакво владеење на правото“, обвини ПОА со соопштение завчера.

На прашање од „Мета“, од МВР објаснија дека имало сериозна причина за тој чекор, односно Вранишковски има судска забрана да ја напушти Македонија.

„Во врска со Вашето барање, Ве информираме дека на 09.07.2018 година во 18,30 часот на Граничен премин „Меџитлија“ за излез од РМ на лицето Ј.В.(52) од Битола му била привремено одземена патната исправа бидејќи е констатирано дека во електронските евиденции фигурира со мерка „судска забрана“ при што на истиот не му е дозволен излез од РМ“, велат од МВР.


Судот во Стразбур ѝ пресуди 9.500 евра обесштетување на ПОА на Вранишковски


Стразбур, 16 ноември, 2017 - 15:51 (META) 

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур денеска донел пресуда во полза на Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски, а Република Македонија ќе мора да исплати 9.500 евра обештетување на ПОА, извести Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Со пресудата се констатира дека со одбивањето на надлежните во Македонија да се регистрира ПОА како посебна верска заедница, се прекршени членот 11, за слободата на собирање и на здружување, во врска со членот 9, кој се однесува на слободата на мислата, совеста и на религијата, од Европската конвенција за човекови права.

Со пресудата од Стразбур, Република Македонија како тужена и одговорна држава е задолжена да ѝ исплати на ПОА 4.500 евра како надомест на нематеријалната штета, како и дополнителни 5.000 евра за трошоците и за издатоците направени при оваа постапка пред ЕСЧП.

Хелсиншкиот комитет ја почнал постапката во името на ПОА, наведувајќи дека двете барања за регистрација на ПОА како верско здружение биле одбиени.

„ЕСЧП нагласува дека јавното мислење на државата не треба да биде заштитено на штета на малцинските ставови, така што ниту огромната важност што автокефалноста на МПЦ ја има за нејзините верници и поддржувачи, не може да го оправда преземањето мерки што би го спречиле апликантот сеопфатно и безусловно да почне со каква било религиозна активност. Токму врз таа основа, имајќи ја предвид потребата од одржување на религискиот плурализам, во ситуација на каков било конфликт помеѓу или во рамките на самите верски групи, Судот во Стразбур експлицитно го осуди преземањето превентивни мерки со кои би се сузбила слободата на собирање и на изразување во едно демократско општество“, констатира Хелсиншки комитет.