!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пожар на Родос, главниот град остана без струја


Родос, 1 септември, 2017 - 20:29 (META) 

Повеќе од 20 пожарникари и доброволци го гаснат пожарот кој избувнал три километри од градот Родос, на истоимениот грчки остров.

Поради пожарот, главниот град останал без струја.

Нема информации за повредени лица, а причините за настанување на пожарот сè уште се истражуваат.


Силен земјотрес го погоди грчкиот остров Лезбос, едно лице загинало


Атина, 12 јуни, 2017 - 20:45 (META) 

Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди грчкиот остров Лезбос, при што едно лице загинало, а повредени се десетина лица при уривање на стари куќи, јавуваат грчките медиуми.

Локалните власти соопштиле дека телото на починатата жена било пронајдено во селото Вриса. Службите на противпожарната единица информирале дека немале повеќе информации за исчезнати лица.

Епицентартот на земјотресот бил 11 километри јужно од селото Пломари, на длабочина од седум километри.


Пропаднаа преговорите за обединување на Кипар


Женева, 22 ноември, 2016 - 14:53 (META) 

Преговорите меѓу кипарските Грци и Турци за обединување на островот не успеаја, соопштија официјални претставници на Обединетите нациии, пренесуваат светските медиуми.

Разговорите беа водени под покровителство на ОН во Швајцарија, а лидерите Никос Анастасијадес и Мустафа Акинџи по два дена преговори не успеаја да се договорат.

– И покрај најдобрите намери, тие не беа во состојба да ги усогласат критериумите за територијалната припадност, со што би го трасирале патот за последната фаза од преговорите – соопштија од ОН.

Кипар е поделен на турски и на грчки дел во 1974 година. Преговорите за повторно обединување со прекини се водат низа децении, со помош на ОН.

Претставниците на кипарските Грци и Турци се обидуваат да се договорат за овластувањата на заедничката држава, враќањето на имотите на Грците во турскиот дел, судбината на исчезнатите лица, како и за статусот на Турците кои во меѓувреме се доселиле на островот.


Ципрас на Тасос, островот веќе трет ден се бори со пожар


Атина, 12 септември, 2016 - 10:33 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска ќе го посети островот Тасос, кој веќе трет ден се бори со силен пожар. Ципрас ја откажа посетата на Кефалонија и оди на Тасос со министрите за внатрешни работи и за транспорт и инфраструктура, генералниот секретар за безбедност и со командирот на противпожарната служба, за да изврши увид во ситуацијата на островот по катастрофалниот пожар во кој е изгорен голем дел од планинскиот појас, плантажи со маслинки, десетина куќи и туристички комплекси.

Пожарникарите и вчера цела ноќ се бореа да го стават под контрола пожарот, кој има зафатено голем дел од планинскиот појас и неколку од планинските села. Во пожарот нема жртви, но повредени се петмина пожарникари, од кои двајца, со посериозни повреди, се префрлени во болница во Кавала.

Иако површината зафатена со огнената стихија денеска е помала во споредба со викендов, сè уште горат големи делови од југоисточниот и од западниот дел на островот. На терен се распоредени повеќе од 200 пожарникари, на кои поддршка од воздух им се пет авиони и пет хелихоптери.

На островот од саботата вечерта е прогласена вонредна состојба. Училиштата остануваат затворени иако од денеска официјално почнува учебната година, главно поради тешката атмосфера од пожарот и стравот да не се загрози здравјето на децата.


Голем пожар два дена беснее на грчкиот остров Тасос, прогласена вонредна состојба


Атина, 11 септември, 2016 - 10:53 (META) 

На грчкиот остров Тасос веќе втор ден беснее силен пожар, кој зафати голем дел од планинскиот појас на островот. Грчките власти од ноќеска прогласија вонредна состојба на островот. Во огнената стихија изгоре огромен дел од планинскиот појас на островот, десетици куќи и таверни во селото Казавити, а сериозно е повреден еден пожарникар. Превентивно се евакуирани две села и два манастири.

Во гаснењето на пожарот се ангажирани 170 пожарникари со 73 возила, 15 цивили волонтери, 36 војници, 11 цистерни, девет авиони и шест хеликоптери.

Штетите се катастрофални. Пеплосана е боровата шума на половина од островот, а пожарот го зафати и западниот и југоисточниот дел на островот. Според информациите, во моментов нема закана за големите населби и за туристичките делови на Тасос. Очевидци за грчките медиуми изјавиле дека покрај куќи, на јужниот дел на островот има штети и на неколку хотели.

Пожарот избувна вчераутро на четири места на островот, по силни удари на гром и се прошири бргу поради силните ветрови.


Силен пожар на Хиос


Атина, 26 август, 2016 - 9:44 (META) 

Една жена е сериозно повредена, а уште шест лица имаат полесни повреди во силниот пожар што ноќеска го зафати грчкиот остров Хиос.

64-годишната жена има сериозни изгореници и се бори за живот во локалната болница.

Пожарот се разгоре на островот по полноќ, а пожарните служби на Хиос со часови се бореа со огнените јазици. Обидот да се стави под контрола и да се изгаси беше отежнат поради силните ветрови на островот. 


Пожар на Лефкада, уништени повеќе куќи


Лефкада, 8 август, 2016 - 20:54 (META) 

Пожарот кој избил во центарот на стариот дел на градот Лефкада на истоимениот грчки остров е локализиран и изгасен. Локалните власти соопштија дека целосно изгореле 10 куќи.

Во пожарот, кој избил во утринските часови, нема повредени лица, изјави за агенцијата „Ана“, градоначалникот на Лефкада Константинос Дракондаидис.

Според неговите зборови, доколку пожарникарите не реагирале брзо, целиот стар град можел да биде уништен.

Во гаснењето на пожарот учествувале голем број на пожарникари со помош на хеликоптери кои транспортирале вода до местото на пожарот.

Областа каде што избил пожарот е густо населена.

Во пожарот уништено е и старото градско кино.


Бројот на загинати мигранти кај Самос се искачи на 24 лица


Атина, 28 јануари, 2016 - 17:00 (META) 

Бројот на мигранти што ги загубиле животите во бродската несреќа што се случи денеска кај грчкиот остров Самос се искачи на 24 лица, јавува „Би-Би-Си“, повикувајќи се на информации од грчката крајбрежна стража.

Десет мигранти што патувале со бродот кој утрово се превртел кај Самос биле спасени, а според информациите на крајбрежната стража, продолжува потрагата по 11 лица кои се водат како исчезнати. Во потрагата учествуваат и екипи на агенцијата на Европската унија за контрола на надворешните граници – Фронтекс.

Ова е втора бегалска трагедија во Егејско Море во последните 24 часа. Грчките спасувачи вчера пронашле тела на седум бегалци, меѓу кои и две деца, откако чамецот во кој се наоѓале се превртел кај островот Кос.

Околу 200 луѓе од почетокот на оваа година се удавиле во Егејско Море во обид да преминат од Турција во Грција.

Во меѓувреме продолжуваат напорите на Европската унија за наоѓање начин за запирање на приливот на мигранти што од Турција влегуваат во Европа.


Грчки Давос за привлекување странски инвестиции и конференциски туризам


Атина, 7 октомври, 2015 - 9:34 (META) 

Во трката по странски инвестиции, Грција размислува да уреди и да промовира остров специјализиран за конференции и за самити, еден вид грчки Давос. Идејата за вакво привлекување странски капитал и туристички интерес ја претстави грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Димитрис Мардас, при претставувањето на програмата на новата влада.

– Имаме одредено остров на филозофијата и уметноста, така го нарекуваме, и размислуваме да го пренамениме во своевиден летен Давос – истакна Мардас.

Идејата е овој остров да биде отворен за сите земји што би сакале таму да изградат свои објекти специфично за одржување и за развивање туризам на конгреси, самити, конференции и друго. Преку ова државата се надева да го засили и бројот на туристи, да ја стави Грција на мапата на конференција-туризамот како специфична туристичка гранка, како и да се обиде на овој начин да привлече странски инвеститори и да ја засиле довербата во Грција кај нив.

За да се привлечат повеќе странски инвестиции, според Мардас, владата ќе поработи на олеснување на процесот на инвестирање и на интегрирање на странските инвеститори, преку намалување на времето за одобрување странска инвестиција и бенефиции за странски инвеститори.

Паралелно со обидот да се привлечат нови странски инвестиции, кои се еден од клучните приоритети на владата, Грција ќе работи и на интензивирање на извозот на грчки производи во странство.

Грчката економија, според процените на министерството за финансии, нема да биде под толку голем притисок и удар како што прогнозираат меѓународните организации. Министерот за финансии, Евклидис Цакалотос, кој заедно со премиерот Алексис Ципрас летово го постигна договорот за нов грчки кредит, вели дека грчките финансиски анализи покажуваат дека последното тримесечје од 2015 нема да е толку лошо како што се очекуваше.

„Нашите прогнози за третото тримесечје се многу подобри од тие што ги имавме во август. Тоа го поттикна премиерот Алексис Ципрас да посочи дека можеме да имаме економски напредок и развој во втората половина на 2016 година“, истакна Цакалотос во говор пред грчките пратеници.

На полноќ вечерва се очекува да почне гласањето за доверба на новата влада на СИРИЗА и на Независни Грци по тридневната дискусија и претставување на владината програма и на приоритетите. Процените се дека владата нема да добие ниту еден глас плус од тие 155 што ги има од пратениците на СИРИЗА и на Независни Грци. Опозициските партии, како ПАСОК, Нова демократија и Река, најавија дека не планираат да ги поддржат владата и нејзината програма, но кога ќе дојде време на свој начин ќе дадат глас за поддршка на клучните прашања, како приватизацијата, европската перспектива и финансиската стабилноста на државата, како и спроведувањето реформи договорени со кредиторите за да не се загрози европската иднина на Грција.


Египетски милијардер сака да купи остров во Грција или Италија за да им помогне на мигрантите


Каиро, 4 септември, 2015 - 10:36 (META) 

Египетскиот милијардер Нагуиб Савирис се понудил да купи остров во Грција или Италија и да го развие за да им помогне на стотици илјади лица што бегаат од Сирија и од други земји зафатени со конфликт.

Телекомуникацискиот моќник ја објави својата иницијатива на „Твитер“.

„Грција или Италија, продадете ми остров. Ќе прогласам негова независност, ќе ги сместам мигрантите и ќе ум обезбедам работа за да си ја изградат својата нова земја“, напиша Савирис.

Милијардерот во телевизиско интервју изјави дека ќе им го презентираа својот план на владите на Грција и на Италија. Тој тврди дека неговата идеја и изводлива.

– Постојат десетици острови кои се пусти и кои можат да сместат стотици илјади бегалци – рече милијардерот.
Савирис вели дека еден остров на Грција или Италија би чинел меѓу 10 милиони и 100 милиони долари, но додаде дека „главана работа е да се инвестира во инфраструктура“.

Според планот на египетскиот милијардер, на островот ќе бидат поставени „привремени засолништа за сместување луѓе, а потоа ќе почне да вработува луѓе кои ќе градат домови, училишта, универзитети и болници“.

– Кога работите ќе се подобрат, секој што ќе посака да се врати во татковината, ќе може да си замине – вели Савирис, чие семејство го разви популарното египетско одморалиште „Ел Гоуна“ на Црвено Море.

Милијардерот, сепак, рече дека таквиот план има и свои предизвици, вклучувајќи го и убедувањето на Грција или Италија да му продадат остров, како и утврдувањето на јурисдикцијата и на царинските регулативи.

– Тие што ќе побараат засолниште ќе бидат третирани како човечки суштества. Начинот на кој сега се третирани е како да се стока – рече Савирис.