
Поместувањето на дебелите санти мраз на Гренланд им овозможи на научниците да го откријат најсеверниот остров на светот, јавува „Гардијан“. Досега тоа беше островот „Oodaaq“, кој исто така се наоѓа на Гренланд. Сепак, неодамнешната научна експедиција откри нов остров на 780 метри северозападно од него, кој е широк околу 30 метри и има врв висок три метри.
Новооткриениот остров засега доби привремено име од научниците „Qeqertaq Avannarleq“, што на грендландски јазик значи „најсеверен остров“. Островот се состои од кал, почва и карпи, при што научниците се убедени дека островот се појавил како последица на поместувањето на мразот.
Научниците за „Гардијан“ велат дека откривањето на новиот најсеверен остров на Земјината топка не е директна последица на глобалното затоплување, кое во изминатиов период значително го намали количеството мраз по кој бил претпознатлив Гренланд во минатото.
И покрај радоста за откритието кај научниците, сепак тие не се многу сигурни колку долго „Qeqertaq Avannarleq“ навистина ќе биде најсеверен остров на светот. Со покачувањето на просечните температури на воздухот, како и плимата на морето, ваквите мали острови можат многу побрзо да исчезнат, овој пат можеби не под мраз, туку под морските води, велат тие.