!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Рокот за пријавување за бесплатен одмор, продолжен до 20 ноември


Скопје, 26 октомври, 2017 - 16:30 (META) 

Министерството за економија денеска го продолжи рокот за аплицирање за владината мерка за бесплатен одмор за работници со ниски приходи до 20 ноември годинава, информираат од таму.

Досега повеќе од 650 граѓани изразиле интерес за користење на владината мерка, а според средствата што се обезбедени за оваа намена, во износ од 60 милиони денари, се проценува дека бесплатен одмор ќе може да користат 4.000 семејства, во вредност од 15.000 денари, во еден од 60-те категоризирани угостителски објекти за сместување во Македонија кои се пријавија во Министерството за економија.

Јавниот повик е објавен на 1 септември годинава, а право за добивање бесплатен одмор имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не надминуваат нето-износ од 22.000 денари.

Целта на овој проект е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона.


Пратениците утре се враќаат на работа, пленарна седница на 4 септември


Скопје, 29 август, 2017 - 10:02 (META) 

Пратениците од утре почнуваат со работа по годишниот одмор што го користеа од 18 август, откако гласаа за разрешување на републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски.

За утре во 10 часот е закажана седница на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање.

На дневен ред се извештаи за работата на Управата за безбедност и контраразузнавање за 2016 година и на Агенцијата за разузнавање.

Пленарна седница е закажана за 4 септември, а на неа пратениците треба да расправаат за предлогот за огласување заради именување јавен обвинител на Република Македонија.


Владата првпат соопшти каде и колку ќе одмараат премиерот и министрите


Скопје, 30 јули, 2017 - 13:59 (META) 

Владата денеска преку својата прес-служба првпат откри каде премиерот и неговите министри ќе летуваат и колку дена одмор ќе искористат. Според податоците од соопштението, Заев и министрите годишните одмори ќе ги минат во земјата и во земјите од соседството, но дел од владиниот тим летото планира да го мине работно и да ги користи само викендите.

Најмногу одмор, односно пет дена, имаат пријавено министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјала, Мила Царовска, и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Министерката за одбрана и министерот за култура ќе летуваат во Грција, додека Царовска сè уште нема утврдено каде ќе одмора.

Веднаш по нив се премиерот Зоран Заев, кој со семејството ќе мине четири дена одмор во Охрид, но не ја исклучува можноста за викенд-одмори, ако тоа го дозволат обврските. Четири дена одмор ќе користат и министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, кои ќе ги мине во Грција, а еден викенд ќе мине и на Фестивалот „Опен“ во Струмица.

Без прецизен број на денови одмор се министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој со семејството ќе престојува во Грција, министерот за здравство, Арбен Таравари, кој ќе одмора во Бугарија, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. Димитров и Манчевски ќе одмораат во Грција. Министерот за економија, Крешник Бектеши, ќе биде во Албанија и во Струга, а министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Рамиз Мерко, ќе помине неколку денови со семејството во родната Струга. Министерката без ресор за странски инвестиции, Зорица Апостолска, ќе ја искористи последната недела од август да оди на одмор со семејството и ќе ги посети фамилијарните куќи во Отешево и во Лазарополе.

Испланиран одмор засега немаат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, министерката за образование и наука, Рената Тренеска Десковска, министерот за правда, Билен Саљији, и заменикот на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, ќе одмараат, но немаат пријавено ниту број на денови, ниту пак каде ќе летуваат.

Дел од министрите годинава нема да одат на одмор, туку ако им дозволат работните обврски ќе користат викенди. Меѓу нив се вицепремиерот за економските прашања, Кочо Анѓушев, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, министерот задолжен за комуникации транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, вицепремиерот за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ, вицепремиерот за подобрување на состојбата на Ромите, Самка Ибраимовски, како и вицепремиерот за странски инвестиции, Аднан Ќахил.


Заев: Почнува севкупно зголемување на платите


Штип, 21 јули, 2017 - 20:56 (META) 

Граѓаните знаат дека тенденцијата е да ја зголемиме минималната плата на 12.000 денари, а ние сме сериозни во одлуката и сакаме оваа мерка да биде воведена на 1 септември, истакна премиерот Зоран Заев денеска во Штип. Тој, придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и од пратеникот Благој Бочварски, денеска  се сретна со работници и со сопственици на неколку фабрики за текстил, како и со претставници на синдикалните здруженија и на граѓанските здруженија за заштита на работничките права.

На средбите се разговарало за економските мерки на Владата предвидени во ребалансот на буџетот, кои, како што се вели во владиното соопштение, ќе обезбедат зголемување на минималната плата на 12.000 денари, поддршка за домашните претпријатија и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Заев изјави дека работниците во Штип му презентирале во какви услови работат и какви плати и годишни одмори добиваат. Тој рече дека ќе продолжат консултации со бизнисмените за подобрување на условите.

– Гледаме дека има услови за воведување на една ваква мерка. Ќе продолжат консултациите до донесувањето на законското решение. Она што е важно при воведувањето на една ваква мерка е дека зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари ја отвора спиралата за зголемување на севкупните плати во Република Македонија. Секако, прва цел се текстилната и кожарската индустрија, како најслабо платени, за Владата на еден внимателен начин, преку буџетски пари, со 1,5 милиони евра месечно, да го следи стопанството за да не дозволиме никакви дисторзии во нивното работење – порачал премиерот Заев.

Тој вети и дека наскоро Владата ќе субвенционира годишни одмор за 35.000 најслабо платени работници.


Ребалансот на буџетот ќе се најде пред пратениците пред летниот одмор


Скопје, 22 јуни, 2017 - 16:04 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, информираше дека се работи на подготовки на ребалансот на буџетот, кој пред пратениците ќе биде доставен пред тие да заминат на летен одмор.

– Во моментов правиме проценка на обврските со буџетот. Ќе направиме сè што е во наша надлежност да добиеме буџет кој ќе биде прагматичен, имајќи ги предвид обврските што се наталожени со години, а во исто време да дадеме можност на нашите реформски приоритети – изјави Тевдовски на потпишувањето на договорот за користење средства од ИПА-програмата во ЕУ Инфоцентарот.

Во однос на еврообврзницата, тој изјави дека во согласност со постојниот буџет, кој е изгласан од претходната власт, има потреба од задолжување и на внатрешниот и на надворешниот пазар со еврообврзница.

– Постои потреба за финансирање на потребите на буџетот преку задолжувања. За нас е важно да обезбедиме  вакви финансирања со релативно ниска цена – додаде Тевдовски.


Исчезна грчкиот амбасадор во Бразил


Атина, 30 декември, 2016 - 8:54 (META) 

Грчкиот амбасадор во Бразил, Кирјакос Амиридис, е исчезнат една недела и постои сомнение дека е убиен за време на неговиот одмор во Рио де Жанеиро.

Грчките медиуми пренесуваат информација од „Ројтерс“ дека бразилската полиција нашла јагленосано тело во автомобил со регистарски таблички кои одговараат на регистрацијата на автомобилот што во Рио де Жанеиро го изнајмил амбасадорот. Засега нема официјална потврда дека изгореното тело е на грчкиот амбасадор.

Пронајденото тело е однесено на вештачење и се очекуваат официјални информации од бразилските и од грчките власти. Белиот автомобил во кој е најдено телото бил пронајден изгорен.

Во грчките медиуми вчеравечер протече вест дека грчката амбасада трага по амбасадорот кој е исчезнат три дена откако бил заминат на зимски одмор во Рио де Жанеиро. Според информации во „Катимерини“, амбасадорот го снемало по посета на една фавела во Рио де Жанеиро.

Откако „трилерот“ со исчезнувањето на амбасадорот беше објавен во грчките медиуми, информацијата ја потврди и грчкото министерство за надворешни работи.

Во соопштението се вели дека грчката амбасада во Бразил била известена вчера од семејството на амбасадорот дека од 26 декември не се во можност да стапат во контакт со него. Амбасадата и грчкото МНР веднаш побарале од бразилските власти да поведат истрага за да се најде амбасадорот.

Амиридис е професионален дипломат и долги години е дел од грчкото МНР. Бил амбасадор во Европската Унија, Либија, од 2001 до 2004 бил конзул во Рио де Жанеиро, а за амбасадор во Бразил беше поставен во јануари 2015 година.


Груевски од Турција се врати како врховен командант, премиер и претседател на држава


Скопје, 8 август, 2016 - 11:07 (META) 

Прeтседателот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го прекина одморот во Турција, како што известија медиумите, „со цел да помогне во справување со тешките последици од невремето“ и да „изврши увид на терен“.

Во катастрофа и трагедија од такви размери, секоја помош е непроценлива и добредојдена, но со запазување на основите на уредувањето на државата, а она што вчера можеше да се види и чуе е сосема обратното: како шеф на политичка партија ги строи државните функционери.

Од телевизиските прилози за посетата на бившиот премиер на терен се гледа дека Груевски и натаму е „шеф над шефовите“. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, непримерно и како ученичиња ги преслушува и им наредува на премиерот Димитриев, на вицепремиерот Тодоров и на министрите и на градоначалниците („Мислам дека треба да одржите седница на влада“ , „Значи да повториме…“, „Значи вака…“).

Уште повеќе, тој не се стеснува да каже дека му рекол на началникот на Генералштабот на АРМ да ангажира дополнителни 400 војници да помагаат за поплавените, како да е најнормална работа шеф на партија да може да побара ангажирање војска, па нека е тоа и во вонредни ситуации („Началникот на Генералштабот ќе биде задолжен да ангажира повеќе војници кои ќе помогнат на терен“. “Груевски го контактираше началникот на ГШ при што беше договорено армијата да испрати дополнителен број на војници со опрема…“)

Интересно е дека за ова не знае ниту врховниот командант претседателот Ѓорге Иванов, кој зборува само за 400 војници, во настап кој повеќе прилега на портпарол на општина, („Летен период е и можни се разни непријатности“!!!), а не татко на нацијата која е во шок од катастрофата.

Вчера на терен не се појави ниту министерот за одбрана Зоран Јолевски, па така, сликата за Груевски како „се во едно“ беше комплетна.

– Денес имаме 400 припадници на армијата кои помагаат на локалното население за да може да се справи со овие последици од невремето. Исто тука се 300 припадници на полицијата кои исто се вклучени. Кризниот менаџмент е активиран. Управувачкиот комитет вчера ги активира сите инструменти и мерки за вакви состојби и сите надлежни институции се веќе на терен. Владата веќе заседава, се очекува да се прогласи ден на жалост. Исто така ќе се отворат сметки каде што ќе може да се донира од хуманите граѓани за да се санираат штетите. Уште еднаш сакам да повторам, ги повикувам сите граѓани да помогнат бидејќи сега е неопходна помошта. Летен период е и можни се разни непријатности. Понудена е и медицинска помош и од сите институции кои сакаат да помогнат и тоа веќе го прават – рече Иванов.

 


Судијата на Јанкулоска од боледување замина на одмор


Скопје, 20 мај, 2016 - 14:34 (META) 

Судијата што го водеше случајот „Тврдина“ се вратил од боледување, на кое беше подолго време. Нему му се слоши на почетокот на април за време на распитот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која е една од осомничените во случајот кој го отвори СЈО, потврдија за „Мета“ од Кривичниот суд.

Сепак, иако е вратен од боледување, судијата не е на работа, бидејќи, како што додаваат од судот, во моментов тој користи денови од годишниот одмор.

Од Кривичнот суд потврдуваат дека постапката за случајот „Тврдина“ и официјално е запрена, по одлуката на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да ги помилува осомничените, со аболицијата од 12 април, оваа година.

Оттаму не можеа да кажат дали решението за запирање на постапката го донел судијата кој го водеше распитот на Јанкулоска или пак друг судија.

Јанкулоска е третоосомничена во случајот „Тврдина“ што Специјалното јавно обвинителство го отвори против пет лица, осомничени дека минатата година ги уништиле системите во МВР од нелегалното следење на комуникациите, вредни 10 милиони евра.


СДСМ: Одморот на семејството на Шекеринска е далеку од луксузот


Скопје, 15 август, 2015 - 17:46 (META) 

Медиумските курири на Груевски се уште не можат да ја смират нервозата по објавувањето на скандалот со луксузниот одмор на Никола Груевски и луксузните очила за сонце „Мајбах“ вредни илјаднци евра, затоа неуспешно се обидуваат да манипулираат со јавноста и лажно да обвинуваат други за некаков наводен луксуз, реагираат од СДСМ.

„Јавноста многу добро знае дека раскошот, луксузот, личното богатење, дури и со парцели на Водно вредни милиони евра се карактеристика на Никола Груевски и неговите најблиски соработници. Одморот на семејството на заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска е далеку од луксузот. Дополнително, огромна е разлика во тоа каде ќе летува некое семејството, коешто патем приватно, од свој џеб си плаќа за својот одмор, до луксузирањата на Никола Груевски на сметка на граѓаните на Република Македонија“, се вели во реакцијата на СДСМ.


Саудискиот крал го прекинал контроверзниот одмор во Франција


Валори, 3 август, 2015 - 13:09 (META) 

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз ал-Сауд го прекинал својот одмор на француското крајбрежје откако затворањето на плажата за другите посетители, заради негова лична безбедност, предзвикала револт, јавуваат светските агенции.

По само осум еден, од она што било планирано како тринеделен одмор, кралот Салман заминал за Мароко, соопштиле официјални лица.

Како што пренесуваат медиумите, саудискиот крал на француската ривиера допатувал со половина од својата прдружба, која брои околу 1.000 луѓе.

По неколку дена, повеќе од 100.000 луѓе потпишале петиција против затворањето на јавната плажа во Валори.

Плажата Мирандол се наоѓа веднаш под приватната вила на кралот Салман, а француските власти се согласиле да ја запечатат за други посетители, заради личната безбедност на монархот.

Ваквата одлука дел од револтираните граѓани ја оцениле како нарушување на француските закони за еднаквост.