Груевски од Турција се врати како врховен командант, премиер и претседател на држава

Прeтседателот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го прекина одморот во Турција, како што известија медиумите, „со цел да помогне во справување со тешките последици од невремето“ и да „изврши увид на терен“.

Во катастрофа и трагедија од такви размери, секоја помош е непроценлива и добредојдена, но со запазување на основите на уредувањето на државата, а она што вчера можеше да се види и чуе е сосема обратното: како шеф на политичка партија ги строи државните функционери.

Од телевизиските прилози за посетата на бившиот премиер на терен се гледа дека Груевски и натаму е „шеф над шефовите“. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, непримерно и како ученичиња ги преслушува и им наредува на премиерот Димитриев, на вицепремиерот Тодоров и на министрите и на градоначалниците („Мислам дека треба да одржите седница на влада“ , „Значи да повториме…“, „Значи вака…“).

Уште повеќе, тој не се стеснува да каже дека му рекол на началникот на Генералштабот на АРМ да ангажира дополнителни 400 војници да помагаат за поплавените, како да е најнормална работа шеф на партија да може да побара ангажирање војска, па нека е тоа и во вонредни ситуации („Началникот на Генералштабот ќе биде задолжен да ангажира повеќе војници кои ќе помогнат на терен“. “Груевски го контактираше началникот на ГШ при што беше договорено армијата да испрати дополнителен број на војници со опрема…“)

Интересно е дека за ова не знае ниту врховниот командант претседателот Ѓорге Иванов, кој зборува само за 400 војници, во настап кој повеќе прилега на портпарол на општина, („Летен период е и можни се разни непријатности“!!!), а не татко на нацијата која е во шок од катастрофата.

Вчера на терен не се појави ниту министерот за одбрана Зоран Јолевски, па така, сликата за Груевски како „се во едно“ беше комплетна.

– Денес имаме 400 припадници на армијата кои помагаат на локалното население за да може да се справи со овие последици од невремето. Исто тука се 300 припадници на полицијата кои исто се вклучени. Кризниот менаџмент е активиран. Управувачкиот комитет вчера ги активира сите инструменти и мерки за вакви состојби и сите надлежни институции се веќе на терен. Владата веќе заседава, се очекува да се прогласи ден на жалост. Исто така ќе се отворат сметки каде што ќе може да се донира од хуманите граѓани за да се санираат штетите. Уште еднаш сакам да повторам, ги повикувам сите граѓани да помогнат бидејќи сега е неопходна помошта. Летен период е и можни се разни непријатности. Понудена е и медицинска помош и од сите институции кои сакаат да помогнат и тоа веќе го прават – рече Иванов.