fbpx

Кои се најдолго со Груевски и кому му треба одмор?

-

„Не дека сме безгрешни, имавме и грешки и пропусти, но покажавме најмногу од сите политички гарнитури досега. Заради тоа, повремено се потребни и освежувања на функционерските места, со можност дел од сменетите повторно во иднина да добијат некоја значајна одговорност, доколку ја заслужуваат“.

Ова беше дел од говорот на премиерот Никола Груевски на конгресот на партијата, кој се одржа минатиот викенд во Куманово.

Премиерот не спомна кои би можеле да се тие луѓе што се веќе заморени и за кои функционерски места се потребни освежувања. Но, еве ги имињата на тие што најдолго се на највисоките функционерски места.

Гордана Јанкулоска, Зоран Ставрески, Миле Јанакиески, Иво Ивановски и Сашо Мијалков се рекордери по времето поминато до премиерот и на функции – сите се со него од доаѓањето на власт, односно по цели девет години.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, важи за еден од најблиските соработници на премиерот Никола Груевски и во владата е девет години. Нејзиниот глас можеме да го слушнеме речиси на сите таканаречени „бомби“ што ги објавува опозицискиот СДСМ. Пред да стане министерка во владата на Груевски, Јанкулоска работела на повеќе позиции во Министерството за финансии и била шеф на кабинет на министерот. Била и член на Советот на Град Скопје, а на позицијата министер за внатрешни работи стапила со формирањето на првата влада на Груевски.

Омилениот соговорник на Јанкулоска, министерот за финансии, Зоран Ставрески, во првата влада на Груевски беше заменик-претседател на Влада задолжен за економски работи и со Груевски бил, исто така, девет години. Работел како координатор на министерствата кои ја покриваат економската област: политики, проектни и реформски активности на владата и сл. За министер за финансии е избран во 2009 година.

Познат како најголем поддржувач на премиерот Груевски, човек кој одговара на секоја негова потреба, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на оваа функција доаѓа во 2006 година. Претходно работел како генерален директор на „Водовод и канализација“, а во 2004 година бил шеф на кабинет на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Иако  неочекувано е на оваа листа, министерот за информатичко општество Иво Ивановски е еден од луѓето кои уште од самиот почеток се во тесниот круг соработници на премиерот Никола Груевски. Во 2006 година, Ивановски е именуван за министер без ресор задолжен за развој на информатичкото општество, а во 2008 година е избран за министер за информатичко општество.

Од самиот почеток, со премиерот Гуревски е и неговиот братучед Сашо Мијалков. Тој на 29 август 2006 година е назначен за директор на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, е именуван во 2007 година. Во „бомбите“ што ги објавува опозицијата, Божиновски најмногу може да се слушне во оние разговори во кои се договараат изборните нерегуларности.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени тројца германски државјани за наводно шпионирање за Кина

Полицијата во Дизелдорф и Бад Хомбург уапси тројца германски државјани за шпионирање за кинеската тајна служба. Двајца мажи и една жена се во притвор, објави во понеделникот федералното обвинителство,...