На пролет ќе заврши изградбата на конаците на манастирот Трескавец


Прилеп, 20 ноември, 2018 - 10:43 (META) 

Најдоцна вo март следната година ќе заврши изградбата на конаците на манастирот Трескавец кај Прилеп, коишто изгореа во пожар на 4 фебруари 2013 година.

Според директорот на Завод и Музеј- Прилеп, Благоја Атанасоски, годинава интензивно се работело на реконструкција на конаците, според проект којшто го враќа нивниот автентичен изглед од 19. век, кога прв пат биле изградени.

– Освен градежните работи за финиширање на изградбата на конаците, работат паралелно два тима стручњаци со цел да се изготви проeкт за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата, магерницата и трпезаријата. Рокот е до крајот на годинава, така што на пролет овие проекти ќе бидат готови и ќе може непречно да се реализираат и овие активности – истакнува Атанасоски.

Црквата Успение на Пресвета Богородицa, во рамките на манастирот, датира од 14. век и со својот богат живопис е значаен споменик на културата, заштитен со закон.

Манастирот Трескавец, чии што конаци досега три пати изгореле во пожар, е на листата незаштитени споменици на културата од УНЕСКО.

– Со сите овие активности што ги преземаме, со реализација на проектите, манастирот Трескавец и црквата ќе бидат целосно заштитени од забот на времето.Тие се заштитени споменици на културата со закон, но досега не биле преземани други активности за заштита на нивната архитектура и живопис – директорот на Завод и Музеј – Прилеп.

Инаку проектот за конаците е вреден 2,2 милиона евра и е целосно финансиран од Министерството за култура. Доколку во иднина се обезбедат средства во манастирот да се изгради и водовод, а имајќи предвид дека до манастирот води и асфалтиран пат во должина од седум километри, овој споменик на културата ќе биде лесно достапен и ќе ги исполнува сите услови за да биде дел од туристичката мапа на Македонија.


Студенти по архитектура изработија идејни решенија за изгледот на Цементарница „Усје“


Скопје, 2 февруари, 2018 - 14:52 (META) 

Студентите од Архитектонскиот факултет изработија архитектонски решенија за обнова на фасадите на објектите во Цементарница „Усје“. Според директорот на компанијата, Борис Хрисафов, ќе се бара начин како, овие идејни решенија на студентите да се реализираат.

– Кога го објавивме конкурсот бевме скептици, но кога ги добивме резултатите бевме фрапирани. Добивме 12 решенија, кои гледајќи што се случува во светот, се рамо до рамо со некои решенија кои сме ги виделе во други фабрики во Европа и пошироко. Добивме материјал кој треба да го развиваме и понатаму да го претвориме во дело – изјави Хрисафов.

Деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина, рече дека со овој конкурс, факултетот јавно демонстрира дека со студентите се општествено одговорни и се вклучени во секојдневието.

– Успешните заеднички проекти на реалниот сектор и образованието се од корист на двете страни. Индустријата доби контакт со свежите идеи на иднината, а студентите можност да работат на реални основи и така да стекнат драгоцено исксуство за време на образовниот процес –  изјави Марина.

Наградени се четири најдобри проекти избрани од страна на комисија составена од претставници на компанијата и факултетот.

Вкупниот награден фонд изнесуваше 74.000 денари и секое од избраните решенија беше наградено со по 15 илјади денари. Сите учесници добија симболична награда за учество во конкурсот.


Четири нови електрични локомотиви за обнова на возниот парк


Скопје, 10 јануари, 2017 - 14:22 (META) 

МЖ „Транспорт“ и кинеската компанија „ЦРРЦ Џуџоу“ потпишаа договор за набавка на четири нови електрични локомотиви за обнова на возниот парк. Инвестицијата од осум милиони евра е обезбедена од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

– Набавката на четирите нови електрични локомотиви практично значи обнова на возниот парк по 40 години и доближување до европските и до светските стандарди. Ќе се обезбеди поголема безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај, поголем број патници, поголема брзина, енергетска заштеда, заштита на животната средина, ефикасно работење и поквалитетни услуги – истакна генералниот директор на МЖ „Транспорт“, Никола Костов, по потпишувањето на договорот.

Набавката на електричните локомотиви е втор проект за обнова на возниот парк, по набавката на шест нови возови.


Ренци: 50 милиони евра за обнова по земјотресот


Рим, 26 август, 2016 - 12:39 (META) 

Премиерот на Италија, Матео Ренци, соопшти дека ќе издвои 50 милиони евра за обнова на подрачјата погодени од земјотресот, во кои е прогласена вонредна состојба.

Повеќе од 5.000 спасувачи и понатаму ги пребаруваат урнатините во надеж дека ќе пронајдат некој преживеан од земјотресот, во кој настрадаа 267 лица. Нивните напори во голема мера се отежнати од стотината земјотреси, кои и понатаму се чувствуваат во централниот дел на земјата.

Досега од урнатините се спасени 215 лица.

Ренци, покрај директната помош за обнова, најави и дека жителите од погодени подрачја ќе бидат ослободени од данок и најави нова иницијатива насловена „Италијански домови“, која е одговор на критиките за неквалитетното градење куќи.

Италијанскиот премиер додаде дека сепак е „апсурдно“ да се мисли оти Италија може да направи згради отпорни на земјотреси.

Италијанските медиуми ги критикуваа градежните стандарди во високоризичните подрачја. Некои од урнатите згради неодамна биле обновени, а историските градови не мора да се усогласат со градежните правила за заштита од земјотреси, кои често не се применуваат и при градење на нови згради.


Обновата на Еквадор ќе чини една милијарда долари


Кито, 19 април, 2016 - 11:59 (META) 

Претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа, изјави дека обновата на земјата по катастрофалниот земјотрес, најверојатно ќе чини една милијарда долари.

– Обновата на градовите уништени во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, ќе траe со месеци и со години и најверојатно ќе чини една милијарда долари – изјави Кореа.

Бројката на загинати достигна 413 лица, а повредени се 2.000 луѓе. Спасувачите сè уште трагаат по преживеани под урнатините.

 


Македонските градежни компании ќе имаат можност да соработуваат со австриски фирми


Виена, 1 март, 2016 - 10:41 (META) 

Австриската стопанска комора и оваа година организира директни бизнис-средби помеѓу австриски градежни фирми, архитекти, градежни консултанти, производители и трговци на градежни материјали и на обновливи извори на енергија, како и голем број други дејности поврзани со градежништвото со заинтересирани фирми за соработка од Македонија.

Конференцијата „Иднина на градежништвото“ (Future of Building) ќе се одржи на 18 април во Австриската стопанска комора во Виена.

Конференцијата претставува одлична можност за сите македонски компании од областа на градежништвото да остварат директни контакти со фирми од Австрија и да ги испитаат можностите за заедничка соработка.


Груевски: Во обновување на амфитеатарот Скупи ќе се вложат 8,5 милиони евра


Скопје, 5 февруари, 2016 - 17:24 (META) 

Aмфитеатарот во Скупи ќе биде обновен, најави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во обраќањето пред младите во Младинскиот културен центар.

– Целта на проектот е целосна реконструкција, врз основа на сочуваните архитектонски елементи и преку аналогија со театри кои се блиски до амфитеатарот во Скупи. Со тоа би се овозможила ревитализација на објектот и негова презентација пред пошироката културна јавност, преку одржување на културни манифестации со капацитет од 9.000 места – истакна Груевски.

Амфитеатарот е прогласен за споменик на културата од прва категорија, а изминативе две години беа извршени првите систематски археолошки испитувања.

За негово обновување ќе бидат инвестирани околу 8,5 милиони евра.


Во јули ќе се објави тендер за обнова на манастирот Трескавец


Скопје, 25 јуни, 2015 - 14:47 (META) 

Во јули ќе биде објавен тендер за обновата на опожарените конаци на Трескавец, изјави денеска министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, на прес-конференцијата во прилепскиот Завод и музеј. Министерката за култура денеска е во посета на Прилеп, а беше и на локалитетот Стибера, каде е пронајдена новата мермерна скултура што е ново ексклузивно откритие на овој локалитет.

Сите проекти за обновата на опожарениот конак на манастирот Трескавец се завршени и во јули ќе биде отворен тендерот за изведувач на работите. Прилепскиот Завод и музеј паралелно работи на проектите за фрескоживописот на црквата, магерницата, магерничкиот конак. Во септември целосно ќе биде завршен источниот конак на манастирот „Свети Архангел Михаил“. Работите се во завршна фаза, се мести дограмата, а целиот конак е на површина од 292 квадратни метри.


Oбновa на фасадите на два објекта на булеварот Илинден


Скопје, 18 јуни, 2015 - 11:02 (META) 

Во тек е изведбата на санаторско-реставраторските работи на фасадите на објектите бр. 68 и бр. 80 на булеварот Илинден во Скопје, датирани од периодот меѓу двете светски војни.

Фасадите на објектот на булеварот Илинден бр.80 (или позната како зградата на МЦМ) ќе бидат готови во текот на летото. Санацијата на фасадите на булеварот Илинден бр. 68 треба да биде завршена до почетокот на есента 2015 година.

Во текот на 2015 година ќе бидат изработени и пет основни проекти за конзервација и за реставрација на објекти во Стара скопска чаршија.

Проектот е дел од акцискиот план на Владата и на Министерството за култура за обнова и за конзервација на повеќе фасади од старата градска архитектура во значајните градски јадра во нашата земја.


Обнова на фасада на објект од старата градска архитектура во Охрид


Охрид, 9 јуни, 2015 - 12:27 (META) 

Со финансиска поддршка од Министерството за култура, во тек се активностите за обнова на фасадата на уште еден објект од старата градска архитектура во Охрид.

Станува збор за објект на улицата Свети Климент Охридски бр. 4 во Охрид, во кој е сместено радио „Охрид“. Проектот за обнова на фасадата на овој значаен објект од охридската староградска архитектура го изработија стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, а неговата реализација треба да почне до крајот на јуни 2015 година.

Во согласност со проектот, на оваа масивна градба, изградена во класичен стил на почетокот од 20 век, ќе бидат реализирани конзерваторско-реставраторски зафати на фасадата, а ќе се изврши и промена на надворешната столарија.

Во Охрид е обновена фасадата на куќата на семејството Бојаџиеви во стариот дел на градот, извршена е конзервација на фасадите на три индивидуални станбени објекти на улицата 7 Ноември, обновени се фасадите на куќата на Патчеви и на куќата на Ајри Доко, а обновени се фасадите и променета е столаријата на куќата на Робевци, куќата на Ѓурчинови и на куќата на Христо Узунов.

Годинава Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, во рамките на проектот, освен фасадата на објектот во кој е сместено радио „Охрид“, ќе ги обнови и фасадите на куќите на семејствата Ѓурчинови и Димзови.