Врховниот суд на Грција одлучи да нема екстрадиција за Грујевски и Бошковски


Атина, 18 мај, 2018 - 12:50 (META) 

Горан Грујевски и Никола Бошковски нема да бидат екстрадирани во Македонија за да им се суди за децениското нелегално прислушување.

Врховниот суд во Атина одлучил дека двајцата не треба да бидат испорачани во земјава бидејќи нема услови тука да им се овозможи фер судење.

Претходно судот во Солун одлучи спротивно од Врховниот суд во Атина. Тамошниот суд пресече дека тие треба да биде екстрадиран во Македонија, постапка која траеше со месеци поради немањето официјален превод на македонски.

Сепак според грчките закони, последниот збор за екстрадиција на Грујевски и Бошковски ја има грчкиот министер за правда кој со негова лична одлука може да реши дали двајцата ќе бидат екстрадирани од Грција.

Инаку против нив се водат уште две постапки пред грчките органи. Едната е за лажните бугарски пасоши со кои тие сакаа да избегаат во Будимпешта од солунскиот аеродром со измислени идентитети. Другата постапка е за барањето политички азил кои тие го поднесоа поради страв дека во Македонија нема да имаат фер судење.


Во судница денеска Јанкулоска, Мијалков и Ѓорчев


Скопје, 15 мај, 2018 - 10:51 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска треба да се одржат две судења – за случајот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), како и за обидот за убиство на Зијадин Села во нередите во Собранието на 27 април минатата година.

Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

Претходното рочиште беше одложено поради незавршената екстрадициска постапка што се води пред Врховниот суд во Грција за двајцата обвинети Горан Грујевски и Никола Бошковски. Врховниот суд на Грција во Атина одлуката треба да ја соопшти в петок.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Во истиот суд ќе се одржи и судење за случајот за обид за убиство на Зијадин Села на 27 април минатата година, а на денешното рочиште треба да сведочи и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев. Тој беше поканет да сведочи на минатото рочиште, но не се појави бидејќи поканата не му била доставена уредно. Тој е сведок на одбраната.

Како сведок во овој случај беше поканет и премиерот Зоран Заев, но тој не дојде на минатото рочиште бидејќи беше зафатен, па сведочеа следните од листата сведоци, а потоа адвокатите се откажа од тоа тој да сведочи, бидејќи им го нарушил концептот за редослед на сведочењата преку кои го разработуваат својот концепт на одбраната.


Одлуката за екстрадиција на Грујевски и Бошковски на 18 мај


Атина, 27 април, 2018 - 13:58 (META) 

Во Врховниот суд во Атина зaврши рoчиштетo по поднесената жалба за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски, кое се одвиваше зад затворени врати.

Одлукaтa на судот ќе биде соопштена нa 18 мaј.

За Грујевски и Бошковски во Грција се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром, другиот е по поднесеното барање за азил на 29 ноември, а третиот случај е по македонското барање за екстрадиција.

Бидејќи датумот 18 мај е по 15 мај, последниот рок што беше даден од Основен суд Скопје 1 на рочиштето во предметот на СЈО „Тврдина – Таргет“ на 27 март, судењата на Грујевски и Бошковски ќе бидат издвоени.

Грујевски е поранешен началник на Петтата управа во МВР, а Бошкоски е поранешен вработен во УБК.


Рочиштето за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски одложено за 26 април


Атина, 9 март, 2018 - 12:16 (META) 

Рочиштето на кое Врховниот суд во Атина одлучува по жалбата за одлуката на Солунскиот суд за екстрадиција на поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски е одложено за 26 април.

Денешното рочиште, како што јави дописникот на МИА од Атина, беше прекинато поради правни прашања.

По барање на адвокатите, рочиштето за жалбата по одлуката на Судот во Солун за екстрадиција на Грујевски и Бошковски, денеска во Врховниот суд во Атина се одржуваше зад затворени врати, а така ќе биде и на наредното рочиште.


Одложено рочиштето во Атина за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски


Атина, 2 март, 2018 - 10:43 (META) 

Врховниот суд во Атина за 9 март го одложи рочиштето на кое требаше да биде разгледана жалбата на одлуката за екстрадиција на Судот во Солун за поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски поради отсуство на еден од адвокатите.

Минатото рочиште што беше одржано на 16 февруари, беше одложено поради краткиот период што го имале адвокатите за разгледување на предметот и затоа што не бил обезбеден преведувач на македонски јазик.

Во меѓувреме, Грујевски и Бошковски остануваат во атинскиот затвор „Коридалос“.

За Грујевски и Бошковски во Грција се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.
Едниот е за фалсификуваните пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, a судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај годинава.

Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември минатата година.

Третиот е по македонското барање за екстрадицијата, за кој Советот на судии во Солун, на 5 јануари одлучи, Бошковски и Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија, а веднаш потоа нивните адвокати поднесоа жалбата против одлуката на судот, за случајот да го разгледа Врховниот суд во Атина.


Рочиштето за жалбите на Грујевски и Бошковски во Атина одложено за 2 март


Атина, 16 февруари, 2018 - 10:37 (META) 

Врховниот суд во Атина го одложи за 2 март рочиштето на кое треба да се разгледува жалбата на одлуката на Судот во Солун за екстрадиција на поранешниот началник во УБК, Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, јавува Македонската информативна агенција (МИА).

Грујевски и Бошковски биле денеска во судот во Атина заедно со нивните адвокати.

Советот на судии во Солун на 5 јануари, годинава донесе одлука поранешните началници во УБК да бидат екстрадирани во Македонија, каде се обвинети во повеќе случаи на Специјалното јавно обвинителство поврзани со незаконското прислушување.

Веднаш по објавувањето на пресудата, Грујевски и Бошковски преку своите грчки адвокати поднесоа жалби на пресудата на солунскиот суд, по кои сега треба да одлучува Врховниот суд во Атина.

Инаку, Грујевски и Бошковски вчера требаше да бидат сослушани пред Комитетот за азил во Солун, но и ова рочиште беше одложено. Тие пред Комитетот треба да ги образложат причините поради кои бараат азил во Грција.

Против двајцата бегалци во Ггрција се води уште еден судски процес, оној за фалсификуваните бугарски пасоши со кои на 18 октомври, лани беа фатени на аеродромот во Солун при обид да заминат за Унгарија. Ова рочиште, кое досега неколку пати беше одложувано, е закажано за 17 мај.

Според некои проценки, Грујевски и Бошковски се очекува да бидат екстрадирани во земјава до крајот на март, за кога се закажани рочиштата за случаите „Таргет- Тврдина“ и „Трезор“.


Солунскиот суд даде зелено светло за екстрадиција на Грујевски и Бошковски


Скопје, 5 јануари, 2018 - 10:54 (META) 

Советот на судии во Солун донел одлука поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Горан Грујевски и Никола Бошковски да бидат екстрадирани во Македонија, јавува солунскиот портал „Вориа“.

Според истиот извор, веднаш по објавувањето на пресудата, двајцата обвинети поднеле жалби на одлуката до Врховниот суд во Грција.

Како што пишува „Вориа“, Грујевски и Бошковски барале сослушувањето да бидe пред камери, бидејќи се плашеле за своите животи.

Инаку, првично одлуката солунскиот суд требаше да ја соопшти на 22 декември, минатата година, но пресудата беше одложена за денеска бидејќи Грујевски и Бошковски се жалеа дека не ја разбираат преведувачката која што била од Бугарија.

Грујовски и Бошковски се обвинети во случаите на Специјалното јавно обвинителство за случаите „Таргет“ и „Тврдина“, кои се однесуваат на нелегалното прислушување на над 20.000 лица во земјава и за уништување на опремата од прислушувањето.

Тие беа упасени на 18 октомври на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта со фалсификувани бугарски пасоши.

За ова на двајцата им се суди во одвоена постапка пред солунскиот суд, а рочиштето кое досега неколку пати беше одложувано е закажано за 17 мај, оваа година.


Одлуката за екстрадиција на Грујевски и Бошковски одложена за 5 јануари


Солун, 22 декември, 2017 - 13:45 (META) 

На 5 јануари конечно може ќе биде познато дали поранешните началници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски ќе бидат екстрадирани во земјава. За тогаш е одложено објавувањето на пресудата на судот во Солун за барањето на македонските власти, јавува „Алсат М“.

Пресудата требаше да биде објавена денеска, но Грујевски и Бошковски се пожалиле дека не ја разбираат преведувачката која што била од Бугарија.

Пред судот да донесе одлука за одложување, имало пауза од околу два часа за време на која се барал преведувач.

Инаку, на рочиштетот што се одржа во средата оваа недела, грчкиот јавен обвинител му предложил на советот на судии да одобри екстрадиција.

Доколку солунскиот суд одлучи Грујевски и Бошковски да бидат екстрадирани, тие имаат право на жалба на одлуката до Врховниот суд на Грција во рок од 24 часа.

Двајцата поранешни началници, заедно со ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и уште десет лица се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“, чие судење тренаше да почне денеска во Кривичниот суд во Скопје, но беше одложено за 17 јануари, следната година.

Грујевски и Бошковски се во притвор во затвор во близина на Солун, а на двајцата им се суди во солунскиот суд и за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври, на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта. Ова судење, кое се води одвоено од постапката за нивна екстрадиција, е одложено за 17 мај 2018 година.


Судот во Солун следната среда треба да ја соопшти одлуката за Грујовски и Бошковски


Солун, 13 декември, 2017 - 17:40 (META) 

Судот во Солун се очекува во среда следната недела да ја соопшти одлуката дали ќе го прифати барањето на македонските власти за екстрадиција на поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, пренесува „Алсат М“.

Денешното рочиште траело речиси четири часа и се одвивало зад затворени врати, односно била исклучена јавноста на барање на грчките адвокати на Грујовски и на Бошковски кои во судот биле донесени со лисици на рацете.

Грујовски носел кеса со македонски весници, кои одбраната ги приложила во судот.

Како сведок во солунскиот суд денеска исказ дал адвокатот Петар Василев, кој објаснувал каква постапка се води против Грујовски и Бошковски во земјава. На следното рочиште, пред да биде донесена одлуката околу барањето за екстрадиција, судот треба да ја сослуша и сопругата на Грујовски, која е предложена како сведок на неговата одбрана.

Грујовски и Бошковски се во притвор во затвор во близина на Солун. Инаку, на двајцата им се суди во солунскиот суд и за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври, на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта. Ова судење, кое се води одвоено од постапката за нивна екстрадиција, е одложено за 17 мај 2018 година.


Почна рочиштето за екстрадицијата на Грујовски и Бошковски во судот во Солун


Солун, 13 декември, 2017 - 13:36 (META) 

Во судот во Солун денеска почна рочиштето по барањето на македонските власти за екстрадиција на поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Таргет“ и „Тврдина“.

Адвокатот Петар Василев за државната новинска агенција МИА изјавил дека судењето почнало, но дека рочиштето е затворено во јавност. Во меѓувреме, како што изјавил Василев, дадена е пауза „за да ги разгледаат документите што ги достави Министерството за правда, по што постапката ќе продолжи“.

Грујовски и Бошковски се во притвор во затвор во близина на Солун. Инаку, на двајцата им се суди во солунскиот суд и за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври, на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта. Ова судење, кое се води одвоено од постапката за нивна екстрадиција, е одложено за 17 мај 2018 година.