!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Апелација ги разгледува жалбите на СЈО и на Канческа-Милевска


Скопје, 24 јули, 2017 - 11:10 (META) 

Во Апелациски суд – Скопје денеска се одржува јавна седница на која се разгледуваат жалбите за случајот „Тендери“, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска. Жалби до Апелацискиот суд имаат поднесено и Специјалното јавно обвинителство, кое бара да се поништи одлуката на првостепениот суд и на Канчевска-Милевска да ѝ се одреди притвор, но и обвинетата, која исто така бара поништување на одлуката на Кривичниот суд така што ќе ѝ биде вратен пасошот.

Случајот „Тендери“ што го отвори СЈО се однесува на набавките за дополнителни работи на Музејот на ВМРО. Специјалното јавно обвинителство бараше притвор за Канческа-Милевска, но ѝ беа одредени поблаги мерки, односно на поранешната министерка ѝ беше одземен пасошот. Таа и уште две лица се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување со што е нанесена штета на државниот буџет од 54 милиони денари.

Вчера Апелација ги одби жалбите на СЈО за определување притвор на поранешниот премиер Никола Груевски и на неговите најблиски соработници, но судот донесе одлука да останат без пасоши.


Музејот на ВМРО на „Гугл“ стана „Музеј на жртвите на Жмроизмот“


Скопје, 17 јули, 2017 - 16:40 (META) 

Уште еден локалитет во Скопје доби ново име на апликацијата „мапи“ на светскиот интернет-гигант „Гугл“. Овојпат станува збор за Музејот на ВМРО. Доколку на мапата го пребарувате овој музеј, ќе ви прикаже „Музеј на жртвите на Жмроизмот/(Museum of the victims of Zhmroism)“, а дури потоа како втора опција се прикажува вистинското име.

Претходно на оваа апликација, големиот скопски плоштад Македонија, на англиски беше преименуван во „Плоштад Вардарска“. Апликацијата за подобро снаоѓање, особено на туристите, ги дава имињата на локациите и на македонски и на англиски јазик.

Сепак, зад овие измени на имињата не стои самиот „Гугл“, туку корисниците. Компанијата во јули минатата година им овозможи на корисниците да споделуваат и да едитираат локации за да ја подобри апликацијата „мапи“ и да ги обележи неозначените места. Едитираните локалитети по автоматизам не се појавуваат во апликацијата, туку чекаат да бидат верификувани од повеќе корисници.

Оттука, голема е веројатноста дека станува збор за герила-акција на повеќе корисници кои одлучиле да го прекрстат музејот изграден од претходната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Компанијата „Гугл“ минатата година соопшти дека повеќе од една милијарда лица ја користат апликацијата „мапи“ и сите тие имаат можност да едитираат и да придонесуваат за развој на истата.

Инаку, досега на микро-мрежата „Твитер“, хаштагот „Ж“ се користеше за поранешниот премиер Никола Груевски, а по објавувањето на бомбите, ВМРО-ДПМНЕ на оваа социјална мрежа беше именувана како „ЖМРО“.


Канческа-Милевска денеска на распит во суд за случајот „Тендери“


Скопје, 28 октомври, 2016 - 10:38 (META) 

Двајцата осомничени во случајот „Тендери“ за кои Специјалното јавно обвинителство бара да им бидат одземени пасошите и секоја недела да се јавуваат пред службено лице во судот, денеска се појавија на распит пред судија на претходна постапка, потврдуваат за „Мета“ извори од Кривичниот суд.

Меѓу осомничените е и актуелната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која е првоосомничена во случајот за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“.

Специјалното јавно обвинителство ја отвори истражната постапка за случајот во четврокот минатата недела и уште истиот ден, како што соопштија оттаму, побарале од судот на двајца од осомничените да им бидат одредени мерки за претпазливост.

Министерката Канческа-Милевска, веднаш објавувањето на случајот, свика прес-конференција, на која изјави дека работата на сите проекти од „Скопје 2014“ е „чиста како солза“, а обвинувањата на обвинителката Фатиме Фетаи ги оквалификува како „трач муабети“ и „рекла-кажала“.


Груевски – лидер и експерт за електрични автомобили, двоседи, акумулатори и полначи


Скопје, 26 септември, 2016 - 17:34 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, објави нови мерки од областа на автомобилизмот и на заштита на животна средина и во детали говореше за карактеристиките на електричните автомобили.

Груевски за автомобилите:

– Постојат различни видови на електрични автомобили, а тенденцијата е зголемување на нивниот капацитет, односно капацитетот на батериите кои се главниот сегмент во автомобилот. Енергенсот кој што го употребуваат е електричната енергија, а полнењето се одвива преку специјализирани полначи кои генерално се со различен капацитет.

Груевски за полначите:

– Постојат брзи полначи кој целосно ја полнат батеријата на автомобилот за дваесетина минути и чинат околу 15.000 евра и бавни полначи кои за целосно полнење на батеријата во зависност на моќноста на автомобилот ја полнат до крај до 4 часа и чинат околу 1.000 евра.

Груевски за приклучниците (штекерите):

– Постои и трет начин на полнење, а тоа е најбавно, во обичен трофазен штекер, со кој полнењето до крај е околу 8 часа и најчесто се користи во сопствени гаражи или гаражни места. Многу од европските држави нудат различни пакети на поволности со кои се стимулира користењето на електричните возила. Нашата цел е следење на трендот електричните возила да станат наше секојдневие и во приватниот и во јавниот превоз. Наполнетата батерија, во зависност од капацитетот на возилото, може да вози без ново полнење од 300 до 400 километри.

Груевски за батериите (акумулаторите?):

– Секоја година овие перформанси се подобруваат. Имено, секоја година индустријата вади поевтини, а истовремено побрзи полначи, батерии кои подолго може да се користат и кои се сè полесни. За оние кои не се доволно упатени, да подвлечам дека полнењето не преставува големо трошење на струја и трошок. И уште нешто: оваа индустрија почна со производство на поскапи вакви автомобили, сега произведува и поевтини и помали, а на последната годишна конференција за електрични автомобили во Барселона, пред десетина дена, се констатира дека иднината е производство и на мали и евтини електрични автомобили, вклучувајќи и двоседи.