!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пожари на потегот од Бар до Никшиќ, НАТО и ЕУ ќе испратат помош


Подгорица, 18 јули, 2017 - 10:33 (META) 

Голем број шумски пожари ја зафатија Црна Гора, слично како во соседна Хрватска, а најголем проблем во моментот е пожарот на полуостровот Луштица кај Тиват, каде ако ветерот продолжи да дува, ќе го донесе огнот до куќите. НАТО вети помош за справувањето со пожарите и се очекува таа да стигне денеска. Црна Гора побара меѓународна помош вчера.

Министерот за внатрешни работи, Мевлудин Нухоџиќ, ги посети погодените подрачја на приморјето и процени дека ситуацијата е сериозна, но нема причини за страв и за паника.

– Побаравме помош од Механизмот за цивилна заштита на Европската комисија, во која се вклучени 34 земји. Барањето се разгледува во Брисел и постои можност да добиеме помош во авиони – вели Нухоџиќ.

НАТО вети противпожарни авиони „канадер“, кои Црна Гора ги побара вчера.

Вчерашниот ден беше многу тежок за пожарникарите и за жителите на црногорското приморје. Од населбата Понте Весло на полуостровот Луштица, беа евакуирани 40 луѓе. Неколкумина поради пожарот скокнале в море и чекале помош еден час. Засега нема повредени, а загрозените со чамци се префрлани во Здравствениот дом во Херцег Нови.

Инаку, активен е и пожарот кај Сутоморе, на Голо Брдо, но тој е локализиран и не се загрозени куќите. Пријавен е и пожар кај Паштровичи. Кај Будва гори Паштровска Гора, но тој пожар е под контрола. Во Котор нема пожари, но пожарникарите се на готовс.

Кај Тиват, освен пожарот на Луштица, од ноќеска гори и на Забрѓе. Иако не се загрозени станбени објекти, ситуацијата се менува од час во час.

Кај Херцег Нови има пожари кај Росе, на ’ртот Весло, кај Обосник, но и таму не се загрозени станбени објекти.

Гори и на периферијата на Подгорица, во непристапни места на ридовите. Пожар има и околу Цетиње, но не се загрозени куќи или згради. Кај Даниловград има два шумски пожари, а кај Никшиќ три, но таму нема опасност за станбени објекти.