!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трамп ѝ се закани на „Ен-би-си“ со одземање на лиценцата


Вашингтон, 11 октомври, 2017 - 19:19 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска повторно ги нападна медиумите, кои, според него, шират лажни вести и праша дали треба да им бидат одземени дозволите за работа.

„Со сите лажни вести кои доаѓаат од „Ен-би-си“ и од мрежите, кој момент е соодветен да им бидат оспорени лиценците? Лошо за земјата!“, напиша Трамп на „Твитер“.

„Ен-би-си“ претходно денеска пренесе дека Трамп сака за десет пати да го зголеми американскиот нуклеарен арсенал.

Трамп е во судир со повеќе медиуми во САД, а последен во низата е „Ен-би-си“, кој неодамна објави извештај за несогласувања меѓу претседателот на САД и американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон.


СКСМ: Владата има голем удел во стопанството и тоа е проблематично


Скопје, 11 ноември, 2016 - 12:54 (META) 

Економските забелешки во извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ се совпаѓаат со ставовите на Стопанска комора на Северозападна Македонија (СКСМ) за економските политики на државата, истакна директорот на оваа комора, Фатмир Бикиќи.

Тој потенцираше дека постојано укажуваат на проблемите кои се нотирани во овој извештај и потребно е сите забелешки сериозно да се земат предвид.

– Она што е истакнато во овој извештај е дека почнатиот пораст на економијата во 2015 година се намали годинава, а бројот на новоотворени бизниси во 2015 година е намален во однос на просекот на претходните пет години. Постои нетранспарентно толкување на бизнис-регулативата, селективност во примената, владее корупција, има неформални економија, правната држава не функционира врз основа на законитоста и на уставноста – додаде Бикиќи.

Директорот на СКСМ уште еднаш ја истакна дискриминараноста на домашните компании во однос на странските, така што го посочи примерот со добивањето лиценци и дозволи за работа кој многу полесно оди кај странските инвеститори отколку за домашните компании. Оттука смета дека е потребно домашните фирми да не се дискриминирани институционално. Малите и средни претпријатија, исто така, имаат тежок пристап до финансии.

– Во однос на невработеноста, во извештајот е нотирано дека е висока кај младите и кај високо-квалификуваниот кадар. Исто така е забележано дека не се создаваат работни места кај приватниот сектор, а најголем работодавец е државата. Домашниот бруто-производ изнесува 3 проценти по жител од 2012 до 2015 година, што е 37 проценти од просекот на жителите на ЕУ – изјави Бикиќи.

Од 2009 до 2015 година, 62 проценти од расходите се за социјалните трансфери од кои најголем дел се за пензии.

Во ист период, капиталните расходи се реализирале 84 проценти, додека социјалните трансфери целосно и повеќе од предвиденото. Забележана е и мала транспарентност во извршување на инфраструктурни проекти преку државни институции.

Интересно е тоа што во извештајот е нотирано и дека Владата има голем удел во стопанството и тоа е проблематично. Со ова се согласуваат и од СКСМ.

– Ако државата е најголем работодавец и во вкупниот домашен бруто-производ има 13 проценти сопственост на државен капитал, тогаш е јасно дека тоа е така. Не може да има голем развој на земјоделството ако државата е најголем сопственик на земјиштето, без разлика на субвенциите што се даваат. А, исто така, таа има сопственост и во клучните компании – објаснува Бикиќи.

Лошиот економски извештај, според него, не е само на политичката криза туку се работи за последици на волјата на политичките партии. Тој смета дека бизнис заедницата не е доволно вклучена во процесот на креирање политики.


Парите од БЕГ одат на приватни сметки на ВМРО-ДПМНЕ во Кипар, обвини Левица


Скопје, 3 октомври, 2016 - 16:13 (META) 

Компанијата БЕГ е основана за да се испумпаат парите на граѓаните и да одат на приватни сметки на лицата од ВМРО-ДПМНЕ во Кипар, обвини денеска Владимир Куновски од политичката партија Левица.

Тој рече дека незаконските дејства на ВМРО-ДПМНЕ со БЕГ почнале уште во 2011 година.

„Сè почнува на 9 ноември 2011 година, на состанокот помеѓу Никола Груевски, Димитар Петров, директорот на Регулаторна комисија за енергетика и Хаџи-Мишев, директор на „Топлификација“. Целта била да се вратат сите исклучени потрошувачи. Лицето Н.Г. добива идеја и истата ја реализира во 2012 година, кога е одржан состанокот со Леонид Лебедев, сопственик на „Синтез груп“, руски бизнисмен на Кипар, и кога се формира БЕГ за 50.000 евра“, рече Куновски.

Од Левица велат дека голем криминал е направен во 2012 година, кога три лиценци се издадени на БЕГ, и тоа на 31 декември 2012 година, а во истиот ден се објавени во „Службен весник“, за да може веќе од 1 јануари 2013 година да издадат фактури.

„Имаме три месеци искористување на личните податоци на 40.000 граѓани бесправно, бидејќи БЕГ нема никаква правна и законска можност да ги користи нивните податоци“, додаде Куновски.


Судот на честа на Лекарската комора отвори постапка за гевгелиските лекари


Скопје, 23 ноември, 2015 - 15:13 (META) 

Судот на честа на Лекарската комора на Македонија отвори постапка за оценување дали има основа за привремено или трајно одземање на лиценците за работа на докторите од гевгелиската болница по интервенцијата во текот на која починаа родилка и нејзиното бебе, односно за одговорноста на лекарите од етичка и од деонтолошка гледна точка во согласност со Кодексот на медицинската деонтологија.

„Членовите на ова тело на комората ја разгледаа расположливата документација и едногласно оценија дека за да се одлучува, неопходно е да се добијат извештаите од извршениот вонреден стручен надзор на Министерство за здравство, изјавите на сите инволвирани субјекти, судско-медицинското вештачење, како и други документи и материјални докази релевантни за овој случај од надлежни институции“, пишува во соопштението на Судот на честа.

Членовите на судот со официјален допис побарале од надлежните институции и органи да ја достават потребната документација и извештаите, како и информацијата за организациските аспекти на установата за да може мериторно да одлучат за отворениот предмет.


Занаетчиите ќе се лиценцираат и ќе се организираат во комори


Скопје, 17 септември, 2015 - 14:30 (META) 

Лиценци за секој занаетчија, електронски занаетчиски регистар и воведување на категоријата чирак, содржи предлог-законското решение за занаетчиство усвоено од Владата.

Занаетчиските комори бараат и основање на општински занаетчиски комори, ако во општината има 350 занаетчии.

Министерот за економија, Беким Незири, истакна дека со лиценцирањето на занаетчиите, секој од нив ќе го штити својот производ и занает и ќе биде одговорен за тоа што го произведува.

– Во новиот предлог-закон е воведено и чираштвото, кое овозможува невработено лице да биде ангажирано од работодавец за да стекне вештини, компетенции и знаења за изучување на определен занает, што е од суштинско значење за понатамошен развој на занаетчиството, а досега не било воопшто регулирано – изјави Незири по посетата на Занетчиската комора.

Министерот Незири појасни дека за решавање на проблемот со сивата економија, се воведува занаетчиска дозвола, која на занатечиите ќе им овозможи да работат под еднакви услови на пазарот и ќе преставува гаранција за квалитет на производите и на услугите што ги нудат вршителите на занаетчиската дејност.

Цената за лиценците ќе биде минимална, од 50 до 100 денари, и ќе ја издаваат Занаетчиските комори.