!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трамп скапо ќе плати за заканите, порача севернокорејскиот лидер


Пјонгјанг, 22 септември, 2017 - 11:33 (META) 

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е „ментално пореметен“ и дека „скапо ќе плати“ поради заканите кои ги упати кон Северна Кореја пред Генералното собрание на Обединитетите нации (ОН), јавуваат светските медиуми.

„Скапо ќе плати тој човек кој е врховен командант на САД поради говорот во кој повикува на тотално уништување на Северна Кореја“, рекол Ким Џонг-ун, пренесува севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Во говорот пред Генералното собрание на ОН, Трамп го нарече севернокорејскиот лидер „човек-ракета во самоубиствена мисија“, бидејќи САД ќе ја уништат Северна Кореја доколку бидат принудени да се баранат себе и своите сојузници.

Ким Џонг-ун рекол дека изјавите на Трамп само го зацврстиле неговото уверување дека патот што го избрал е исправен.

САД вчера воведоа нови санкции кон поединци и компании кои соработуваат со Пјонгјанг.


Ракетниот тест е подготовка за воени акции во Пацификот, порача Пјонгјанг


Пјонгјанг, 30 август, 2017 - 10:49 (META) 

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го оценил вчерашното тестирање на балистичката ракета како успешно и го опишал како подготовка за напад на американскиот остров Гуам во Пацификот, се наведува во соопштението што го пренесе државната новинска агенција на Северна Кореја – КЦНА.

Во соопштението се наведува дека Ким Џонг-ун изразил големо задоволство поради успешниот тест и наредил уште неколку слични тестирања во области во Тихиот Океан.

Агенцијата КЦНА истакна дека балистичкиот тест на Пјонгјанг е одговор на заедничките воени вежби на САД и на Јужна Кореја.

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) синоќа одржа итен состанок на кој остро го осуди лансирањето на балистичката ракета кон Јапонија и го повика Пјонгјанг да се откаже од ракетната и од нуклерната програма.

Советот за безбедност на ОН ги оцени акциите на Северна Кореја како „невидени“, наведувајќи дека се изведени со намера да се загрози мирот и стабилноста во регионот. Советот го повика Пјонгјанг да преземе „директни и конкретни мерки“ за намалување на тензиите на Корејскиот Полустров.

Итниот состанок беше одржан на барање на Вашингтон, Токио и на Сеул, откако Пјонгјанг вчера истрела балистичка ракета која ја прелета Јапонија пред да падне во Тихиот Океан.


Северна Кореја успешно тестирала интерконтинентална балистичка ракета


Пјонгјанг, 4 јули, 2017 - 11:35 (META) 

Северна Кореја денеска соопшти дека извршила успешно тестирање на интерконтинентална балистичка ракета, јавуваат светските агенции.

Лансирањето на ракетата „хвасонг-14“ го следел и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, кој го наредил тестирањето, било наведено во специјалната емисија на севернокорејската телевизија.

„Тестирањето на интерконтиненталната ракета е голем успех во историјата на нашата Република. Северна Кореја е јака нуклеарна сила која може да го нападне кое било место на земјата“, било кажано во емисијата.

Според јапонското министерство за одбрана, лансираниот проектил достигнал височина од 2.802 километри. Аналитичарите сметаат дека тоа одговара на карактеристиките на интерконтинентална ракета.

„Проценките се дека ракетата достигнала височина од 2.500 километри и летела околу 40 минути пред да падне во Јапонското Море, во економската зона на Јапонија, по лет од 900 километри“, било наведено во соопштението.

Станува збор за најуспешниот ракетен тест на Пјонгјанг, а некои аналитичари сметаат дека ракетата би можела да стигне и до Алјаска.

На тестирањето на ракетата реагираше американскиот претседател Доналд Трамп, кој на својот твитер-профил
го критикуваше севернокорескиот лидер Ким Џонг-ун, прашувајќи се дали тој „нема попаметна работа во животот“ од истрелување ракети.

„Тешко е да се поверува дека Јужна Кореја и Јапонија тоа долго ќе го толерираат. Можеби Кина ќе направи силен гест во врска со Северна Кореја со што би ѝ се ставило крај на оваа бесмисленост еднаш засекогаш“, наведува Трамп.


По Сирија, Трамп јуриша на Северна Кореја


Вашингтон, 9 април, 2017 - 11:09 (META) 

Американската воена морнарица утрово соопшти дека кон Корејскиот полуостров упатила јуришна група бродови на чело со носач на авиони. Тоа е всушност покажување на сила пред Северна Кореја, но истовремено и своевиден одговор на Русија, по ракетирањата во Сирија.

Овој потег сосема сигурно ќе ги крене тензиите во регионот. Некои нападот во Сирија го толкуваат како предупредување до корејскиот лидер Ким Џонг-ун да се откаже од нуклеарните амбиции.
– Пацифичката команда на морнарицата нареди јуришната група „Карл Винсон“ да тргне кон север, како мерка на претпазливост со цел да се одржи готовноста и присуството во западен Пацифик – изјави Дејв Бенам, портпарол на Пацифичката команда на САД.
Јуришната група тргнала од Сингапур.


Северна Кореја тестираше нов ракетен мотор


Пјонгјанг, 19 март, 2017 - 12:15 (META) 

Северна Кореја изврши тестирање на нов ракетен мотор во станицата за лансирање Тонгчанг-ри, јавиле севернокорејските државни медиуми, пренесуваат светските агенции.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун по повод тестирањето изјавил дека тоа претставува „ново раѓање на ракетната индустрија на Северна Кореја“.

Државната новинска агенција на Северна Кореја, КЦНА, јавила дека со помош на моторот земјата ќе ги достигне капацитетите за лансирање сателити од светска класа. Агенцијата, во својот извештај, навела дека најверојатно е тестиран нов тип на мотор за ракета со долг домет.

Инаку, тестирањето на новиот ракетен мотор од страна на Пјонгјанг доаѓа за време на посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на Кина, која е главен сојузник на Северна Кореја.

Вчера Тилерсон и неговиот домаќин, шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, разговараа за севернокорејската нуклеарна и ракетна програма и како што изјавија на прес-конференцијата по средбата, се согласиле на заедничка соработка за да ја убедат Северна Кореја да го напушти сегашниот пат.

Тилерсон, во петокот, за време на посетата на Јужна Кореја, изјави дека на маса е можно да се најде и воен одговор од страна на САД, доколку Северна Кореја продолжи со заканите кон Сеул и кон Вашингтон.