Франција е блокирана поради штрајкот на работниците


Париз, 17 мај, 2016 - 12:33 (META) 

Седум француски синдикати повикаа денеска на штрајк поради измените на законот за работа, а меѓу нив се Париската сообраќајна мрежа, Железницата на Франција и возачите на камиони, поради што сообраќајот од раните утрински часови е блокиран, јавуваат француските медиуми.

Автобусите во Париз ќе возат со изменет возен ред, а некои метро-станици се затворени. Одредени патни правци се блокирани и поради штрајкот на камионџиите.

Се најавува и нарушување на редот на авионските летови, бидејќи на штрајкот се придружуваат и синдикатите на париските аеродроми.

Железницата на Франција ги повика граѓаните, доколку можат, да ги откажат патувањата.


Македонските превозници сè уште не пријавиле штета од блокадата на границата


Скопје, 29 септември, 2015 - 12:59 (META) 

Македонските превозници сè уште не пријавиле штета поради блокадата на српско-хрватската граница и неколкудневниот застој, изјави денеска министерот за економија, Беким Незири.

За пишувањата во медиумите дека Хрватска е подготвена херметички да ја затвори границата со Србија, Незири истакна дека како министерство ги следат сите чекори и подготвени се да одговорат на секое сценарио.

– Хрватска е членка на Европската унија и се надевам дека ЕУ нема да дозволи херметичко затворање на граница. Како држава и како министерство, активно ги следиме сите чекори и сме подготвени за кое било сценарио што би произлегло доколку се затвори таа граница – изјави Незири.

 


Хрватска ја отвори границата, камионите полека се пропуштаат


Загреб, 25 септември, 2015 - 18:29 (META) 

Граничните премини Бајаково и Товарник се отворени за сообраќај без никакви ограничувања, објави Владата на Хрватска, на својот профил на социјалната мрежа  „Твитер“.

Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“, потврди дека македонските камионџии веќе ја поминуваат границата.
– Да, добив директна информација од соседите дека камионите полека се пропуштаат низ границата. Не знам точно за колку време ќе се расчисти метежот бидејќи е голема колона, но се надевам дека нема да ја комплицираат процедурата и ноќеска камионите ќе поминат. Владата изврши голем притисок врз основа на меѓународните спогодби кои Македонија ги има потпишано со трговските организации и, за среќа, сите овие притисоци и апели дадоа резултат – изјави Муратовска.

За  сообраќај затворени ќе бидат граничните премини со Србија: Илок, Илок 2, Принциповац, Принциповац 2, Ердут и Батина.

Како што соопштија од канцеларијата за односи со јавноста на владата на Хрватска, седницата на која ќе биде соопштен одговорот на владата на Србија на оваа постапка ќе се одржи во 21 часот.

Премиерот на Хрватска, Зоран Миловановиќ, изјави: „Предупредувам дека во секој нареден момент кога ќе оценам дека се работи за интересот на Хрватска, ќе се послужам со слични или исти мерки, бидејќи на друг начин не можам и не сакам да реагирам“.

Миловановиќ рече дека можеби мерката со затварање на границите била остра, но била во одбрана на националниот интерес.


Делев: Реагиравме до Хрватска и до Брисел за проблемот со камионџиите


Скопје, 24 септември, 2015 - 21:10 (META) 

Членките на ЦЕФТА, земјите потписнички на договорот за слободна трговија во Централна Европа, разговарале за итен состанок во земјата-претседавач Молдавија, доколку до вторник не биде тргната забраната за влез на камионите во Хрватска, информираше заменик-министерот за економија, Христијан Делев.

Делев изјави дека како и ЦЕФТА, така и сите релевантни институции во Брисел се исконтактирани и запознаени со проблемот на македонските камионџии, кои неколку дена се заглавени на српско-хрватската граница.

– Ние реагиравме и им укажавме на хрватските власти, дека ова е надвор од сите меѓународни договори за протек на луѓе и на стоки. Покрај со институциите во Брисел и со ЦЕФТА, контактиравме и со нашите колеги во Србија, Косово, Албанија и во Турција, кои се засегнати со овој проблем – изјави Делев.

 


Србите ги блокираа македонските транспортери на хрватска стока


Скопје, 24 септември, 2015 - 12:28 (META) 

Македонските превозници на хрватско-српската и на унгарско-српската граница се блокирани, откако официјален Белград одлучи да ги блокира сите што превезуваат стока за или од Хрватска или некако се поврзани со соседната држава, со која има затегнати односи поради бегалската криза.

Имено, камионџиите кои се враќаат од некои од европските земји и притоа ги користат алтернативните гранични премини за влез во Србија, не можат да поминат на српска граница доколку нивните документи имаат каква било поврзаност со Хрватска.

– Македонските транспортери имаат нов проблем. Имено, тие што се враќаат од Унгарија и наоѓаат алетрнативни патишта да се вратат во Македонија, притоа, кога треба да ја преминат границата со Србија, не се пуштени да влезат доколку во документите се спомнува Хрватска и имаат некаква врска со оваа држава. Реципрочните мерки што Србија ги воведе кон Хрватска, поради затворањето на границата за товарни возила, е на штета на превозниците. Зошто сме виновни ние? – прашува Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

Таа вели дека овие проблеми на транспортерите се нови и постојат независно од проблемите на камионџиите кои веќе трет ден се заглавени на премините Батровце и Бајаково.

– Не постои закана од транспортерите дека ќе ја истурат стоката што ја превезуваат, бидејќи и за да се однесе во отпад, потребна е документација. Луѓето кога ќе стасаат до местата за да истовараат, таа стока нема да биде свежа за исхрана. Некои можеби ќе ја примат стоката за преработка, но нема да може да се употребува за исхрана – вели Муратовска.

Ваквите мерки на Белград доаѓаат како реакција на одлуката на Загреб да ја затвори границата за товарни возила поради големиот наплив на бегалци, кои од Србија се упатија кон Хрватска.

Состојбата на граничните премини е непроменета, камионите сè уште стојат заглавени, а се пропуштаат само по десетина возила. Според Муратовска, и од оној момент кога ќе ги пуштат границите за товарните возила, ќе бидат потребни три-четири дена за да се расчисти метежот.

Од „Макам-транс“ велат дека нервозата кај заглавените македонски превозници се зголемува и оти веќе контактирале со амбасадите и со превозните здруженија во Србија и во Хрватска, барајќи итно решавање на проблемите на македонските превозници.

Српските медиуми денеска јавуваат дека покрај товарните возила, границата на Хрватска не можат да ја минат ниту патничките возила со српски регистарски таблици ниту, пак, лицата со српски пасош.

За затегнатите односите меѓу Загреб и Белград се расправало синоќа на вонредниот самит на лидерите на ЕУ во Брисел.

Еврокомесарот Јоханес Хан утринава изјави дека затворањето на границите не е решение и оти станува збор за реципроцитетни мерки.

Словенечкиот премиер Миро Церар соопшти дека тензијата меѓу Хрватска и Србија поради бегалската криза, би можела да се прошири на поширокиот регион и оти е неопходно нејзино брзо решавање.


Суд во Шведска ослободи Македонец, камионџиите на протест


Стокхолм, 24 ноември, 2014 - 11:17 (META) 

Незадоволни од ослободителна пресуда за Македонец кој бил фатен додека возел со фалсификувани бугарски документи во Шведска, денеска повеќе шведски камионџии почнаа протест.

Според најавите, камионџиите ќе ги паркираат своите тешки товарни возила на страничната лента од автопатите секој ден по 15 минути. Од здруженија на камионџиите тврдат дека протестот ќе трае до Божик.

44-годишниот Македонец беше ослободен од судот во Сундсвал, а повеќе од 100 лица поднеле жалба на пресудата. Повеќе од 4.000 камионџии, пак, се потпишале на петицијата испратена до надлежните институции, во која бараат еднакви услови за шведските транспортни претпријатија.