!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Николовски: Искористувањето на средствата од ИПАРД е највисок приоритет на Владата


Скопје, 10 октомври, 2017 - 13:20 (META) 

Проектот што требаше да придонесе за успешно искористување на финансиските средства од ИПАРД-програмата и за поефикасна реализација на програмата ИПАРД 2, заврши денеска.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, информираше дека целта на овој проект во вредност од 1,5 милион евра била да ѝ се даде поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој во спроведување на одредени мерки.

– Програмата ИПАРД 2 е усвоена од Европската комисија на почетокот на 2015 година и во неа се алоцирани 60 милиони евра за поддршка на инвестициски проекти во земјоделството, прехранбената индустрија и во руралната економија. Покрај зголемениот опфат на корисници, во програмата ИПАРД 2 се воведени и нови сектори или, конкретно, се поддржуваат и инвестиции за достигнување на меѓународно признатите стандарди кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство на европските и на меѓународните пазари, а со тоа и за подобрување на квалитетот на живеење во руралните средини – изјави Николовски.

Тој додаде дека искористувањето на средствата од програмата ИПАРД е највисок приоритет на Владата. Николовски информираше дека се преземени соодветни мерки за зголемена апсорбција на средствата, како што е воспоставувањето на гарантниот фонд, кој ќе им помогне на корисниците за предфинансирање на инвестициите.

– Македонија има голем природен потенцијал за квалитетно и конкурентно земјоделско производство. Но, за комплетно искористување на овие потенцијали и поголеми ефекти, од особена важност е едукацијата на земјоделците за значењето на мерките од програмата ИПАРД . Мерки, кои ќе помогнат во доближувањето на македонското до европското земјоделство и во создавањето на конкурентни производи со висока додадена вредност – додаде Николовски.


Обуки за искористување на ЕУ-фондовите во Охрид


Охрид, 7 ноември, 2016 - 15:27 (META) 

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје (ИДСЦС), во соработка со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и со Организацијата на жени од Свети Николе, од денеска до 9 ноември, во Охрид, спроведува обука за проектен дизајн и за менаџмент.

Обуката е дел од проектот „Унапредување на социјалната вклученост преку ефективно искористување на ЕУ-фондовите“.

Во овој период ќе има обуки за организациите што работаат и сакаат да соработуваат со центрите за социјална работа во Ресен, Битола, Прилеп, Крушево, Демир Хисар, Неготино и во Кавадарци.

Обуката за организации кои работат во Скопје, Гостивар, Тетово, Дебар, Охрид, Струга, Кичево и во Македонски Брод, исто така во Охрид, ќе се спроведе од 9 до 11 ноември.

Покрај за претставници од центрите за социјална работа, обуката е наменета и за учесници од граѓанскиот сектор.

Проектот e поддржан од Европската комисија и има цел да ги зајакне капацитетите на заводите за социјални дејности, центрите за социјална работа и граѓанските организации во правец на поефикасно искористување на фондовите на Европската Унија.


СДСМ: Парите од ИПА-фондовите ги загубивме поради погрешните политики


Скопје, 2 јули, 2016 - 13:48 (META) 

„Социјалдемократскиот сојуз со години наназад укажуваше на погрешните политики и на неискористувањето на претпристапните фондови што ги дава Европска Унија. Парите во овие фондови остануваат, па Европската Унија ги повлекува назад“, изјави претседателот на комисија за транспорт и врски и член на СДСМ, Благој Бочварски.

На прашањето како СДСМ ја коментира одлука на Европската комисија да повлече 27 милиони евра од ИПА-фондовите, тој додаде дека преку тие претпристапни фондови, Македонија можела да гради инфаструктура, меѓутоа поради погрешните политики, тие пари се загубени.

 


Се спроведува истрага за искористување на средствата од ИПА-фондовите


Брисел, 6 април, 2016 - 13:40 (META) 

Европската канцеларија надлежна за истраги поврзани со измами при Европската комисија (ОЛАФ) ќе спроведе истрага за искористување на средствата од ИПА-фондовите во Македонија, потврдиле од канцеларијата за „Радио Слободна Европа“.

Истрагата е во тек и сè уште не можат да кажат за колкава сума се работи.

Белгискиот експерт Питер Ванхауте во интервју за „Мета“ изјави дека „има екстремно високо ниво на корупција, па дури и во ИПА-фондовите“.