Попоски за „Катимерини“: Опасни се флертовите со идеите за големи нации


Атина, 17 мај, 2015 - 11:49 (META) 

Секаков флерт со теориите за големи држави или нации и идејата за менување на границите е неодговорен и опасен, вели македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, во интервју за весникот „Катимерини“. Грчкиот весник објави долга репортажа од Куманово во врска со вооружените инциденти, разговор со градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, за денот на престрелките и интервју со министерот Попоски околу меѓуетничката и меѓународната состојба на Македонија по случувањата во Куманово.

– Никој на Балканот нема да има корист од промовирање идеи за големи држави или нации. Сметам дека би било подобро да се фокусираме на подобро образование, интеграција и на креирање на нови работни места во целиот регион. Ништо од тоа не зависи од националностите, но е од витално значење за сите нас овде. Ако не се погрижиме за оваа тема, ќе оставиме поголем простор за екстремистите – вели Попоски во интервјуто.

Министерот за надворешни работи дава оцена дека една од можните цели на напаѓачите во Куманово била рушење на односите меѓу етничките заедници, но, според него, овој обид не успеал и не добил никаква поддршка од народот. Попоски истакнува дека секогаш постојат фактори кои посакуваат да создадат хаос и дестабилизација во државата и да профитираат од тоа.

– Би било преседан доколку не постои никој кој ќе сака да создаде дестабилизација. Меѓутоа, факт е дека народот на Република Македонија и народите од Балканот не сакаат тоа да се случи. Не верувам дека тоа е во корист на кој било – вели Попоски за „Катимерини“, додавајќи дека доколку соработката меѓу државите во регионот е успешна и конструктивна, нема да постои начин да се разнишаат мирот и стабилноста.

На прашањето како одговара на народните обвинувања дека владата на Никола Груевски го има исценирано нападот, Попоски остро демантира, коментирајќи дека овие обвинувања се лудост ако се видат сите жртви и штети од судирите во Куманово.

– Се работи за премногу сериозен случај за некој да се шегува со него или да го злоупотребува – коментира Попоски.


Бреговиќ: За што служи традицијата ако не ја користиме?


Брисел, 26 април, 2015 - 17:01 (META) 

Во ексклузивно интервју за „Мета“, Горан Бреговиќ, кој деновиве престојуваше во Брисел, за концерт на фестивалот „Балкан трафик“, одговара на обвинувањата дека „краде“ музика, но и за неговите односи со ромската заедница, приемот на балканската музика во странство и за контроверзите околу Русија и Украина.

Разговараше: Тања Милевска

Фото: Филип Печевски

  • Што значи за Вас свирењето во Брисел, има ли особено значење?

Не ми е првпат, но убаво е да има еден фестивал каде се свири балканска музика во една голема култура, една голема култура да фрли око на една мала култура каква што е нашата.

Тоа е убаво. Овој фестивал тоа го прави и тоа доста долго и има публика за тоа.

  • Вие сте еден од промоторите на ромската музика во светот, како гледате на состојбата со ромската заедница денеска и во Европа и на Балканот?

Тешко живеат со нас, 600-700 години како дошле до нас од Индија. Се изнамачија со нас, биле робови во Русија, биле во концентрациски логори, нема што не ги снашло со нас и некако успеаја тоа да го истуркаат, тие шест векови мака. Сепак, се надевам дека ќе биде подобро. Цел живот сум со нив, кај нас кога се занимаваш со музика, значи дека се занимаваш со „циганска работа“. Се сеќавам кога ги донесов првите пари од свирење, мојот татко беше воено лице и ми рече: „Нема, белки, да ја работиш таа циганска работа?“ (се смее).

Така што, со нив сум цел живот. Истовремено, посакуваш да бидат како другите, а истовремено, кога ги познаваш, жал ти е да бидат како сите други, би било штета да изгубиме една таква метафора.

  • Како помагате лично?

Знаете што, веројатно има милион мали работи на кои еден композитор би можел да биде горд, некој што доаѓа од така мала култура, а има толкав успех како јас, но мислам дека нешто на што сум најмногу горд е дека, еве, денеска е петок, и едно стотина оркестри ќе излезат и ќе заработат бакшиш свирајќи нешто мое. Од сите работи на кои можам да бидам горд, тоа е дека некој ќе заработи бакшиш со мојата музика.

  • Постои ли уште толкав интерес за балканската музика како тренд во етно-музиката во светот како порано, по војните?

Знаете, тоа се илјадници диџеи кои се занимаваат со Балканот, патувам низ светот и знам. Во Јужна Америка ги има многу, секаде. Првиот концерт во Њујорк, кога го свирев пред седум-осум години во „Линколн центарот“, ми рекоа дека пола сала се професионалци, што диџеи, што музичари. Голема е љубопитноста. Без оглед на тоа што е мала култура, ако ја земеме балканската култура како нешто единствено, во пет века Отоманска Империја, тоа била единствена директна граница во историјата помеѓу католиците, православните и муслиманите. Ова е музика која доаѓа од таа граница, тоа е еден Франкенштајн кој мрда, кој живее. Тоа не умрело, па сега да го подгреваме, тоа живее, се развива. И како што отиде во светот, така и се враќа кон нас. Балканската музика е главно барокна. Диџите кои ја зедоа таа музика и ја поедноставија, сега ја враќаат на Балканот како некој нов впечаток. Гледам дека сега постои нова градска музика, ромска, која е под тоа влијание. Не е тоа тренд кој бил, па сега нема да биде, тоа си стои инсталирано како балканска музика.

  • Што е со македонската музика? Знаеме дека традиционалната македонска музика Ве инспирирала, но ги следите ли новите музички трендови на македонската сцена?

Ништо не знам, да биде искрен, бидејќи немам телевизор, многу малку знам, а и во некои години престанувате да се интересирате, јас и не слушам веќе музика. Како некој стар гинеколог кога ќе дојде од работа, па не би сакал да продолжи да работи (се смее).

А од традиционалната македонска музика, сто пати сум се напил. Не знам дали да продолжам.

Бреговиќ ја крена на нозе публиката на фестивалот „Балкан трафик“ во Брисел

  • Ве обвинуваат дека ја крадете традиционалната македонска музика….

Па, за што служи традицијата ако не ја користиме? Сè што нè прави луѓе од таму е тоа што ја имаме таа традиција. Не е само музиката, туку и тоа што го јадеме, како се гледаме едни со други, сè е тоа традиција, ако не земаме од традицијата, немаме каде да одиме. Со музиката е многу тешко. Композиторите се секогаш локални, некои се од големи култури, некои од мали.

Не можеш да лажеш со музиката. Ти можеш да пишуваш на англиски. Салмон Ружди многу убаво пишува на англиски, Милан Кундера многу убаво пишува на француски, но композитор не може бидејќи музиката излегува од многу подлабоко место одошто јазикот. Секогаш нешто од традицијата ќе излезе од тебе.

Ако земеш сè од Рахманинов, од Стравински, до Гершвин, Ленон, Мекартни, ако одземеш сè што е правено под влијание на традицијата нема да ти остане бог знае што, бидејќи тоа е во природата на работите.

  • Дали сте југоносталгичар?

Не сум во смисла да ми недостига Југославија како политичка територија. Кога ќе си ја изгубиш земјата како што ние ја изгубивме, разбираш дека твојата татковина не е политичка територија, туку е емотивна територија. Тоа е нешто за што ве врзуваат спомени, каде имате пријатели, тоа е твое, од таму си. Е, сега, тоа што треба да покажеш пасош неколкупати, не ми пречи.

Немав ставови за Крим, немам јас ставови (се смее). Свирев концерт, тоа не е став. Ми пречи кога ме поврзуваат со политика, а јас не се занимавам со тоа. Ми беше тешко да избегам од тоа, во старата Југославија не беше лесно да се избега од тоа, па, сепак, не се занимавав со тоа. Ама разбирам, имаат војна каква што ние имавме неодамна, луѓето гинат, трагични случувања се во тек, така што сите се чувствителни, па сега јас да земам да зборам, да внимавам да не повредам некого. Жал ми е, јас таму немам непријатели, сум свирел многу и во Украина и во Русија, во повеќето големи градови во Украина, свирев веднаш по победата на портокаловата револуција, јас свирев на првиот Мајдан, јас свирев на концертот кој ја прослави таа револуција, не мжам таму да најдам непријатели. Тоа се територии кои ги сакам, и Русија и Украина.

Мојата музика бара публика. Ама тамам работа мене некој да ме поврзе со каква било политика.

  • Дали кај нас луѓето се сè уште чувствителни политички?

Па, не знам, сега е веројатно полесно, сум свирел секаде и ми значеше да свирам затоа што тоа значеше дека војната завршила.

  • Која публика Ви е помила? Домашната или странската? Има ли разлики воопшто?

Знаеш како, кога ќе разбереш дека доаѓаш од мала култура и дека тоа што ти се случува е големо чудо, не се случувало порано наш композитор да има пристап и публика во цел свет, среќен си и не пропушташ каква било публика, од свадба до, ете, на 1 мај ќе свирам во Рим. Не пропуштам ниедна можност да ја свирам таа музика.

Го сакам ова, да.


Попоски: Секој ден има сè повеќе граѓани разочарани од ЕУ


Скопје, 10 април, 2015 - 12:05 (META) 

Грција се обидува да добие време во разговорите со името, смета министерот за надворешни работи Никола Поповски, во интервју за виенски „Ди пресе“. Тој вели дека грчката влада во моментов не е во можност да троши енергија на ништо друго, освен за решавање на економската криза.

– Многу ризичен облог е дека Атина наскоро ќе му се посвети на решевањето на спорот за името. Најверојатно тие ќе се обидат да добијат време. Тие ќе осигураат дека не постои ефикасен процес за решавање на прашањето за името, во согласност со мотото: „Не нè прашувајте дали ќе ја менуваме нашата политика кон Македонија, бидејќи имаме други грижи, а исто така врзани сме за политиката која ја водеше доскорешната влада“ – вели шефот на македонската дипломатија.

Во врска со спомениците во Скопје кои предизвикуваат негативните реакции кај јужниот сосед, Попоски вели дека претходно немало такви споменици, но Грција сепак нè блокирала.

– Ниту една нација не може историските личности на Балканот да си ги припишува само себеси. Тоа би било повеќе од парадоксално доколку некој сака таква ексклузивност за личности што живееле пред 2.300 години. Тоа би било нон-сенс – изјави министерот Попоски.

Пред независноста на Македонија, додава тој, официјална Атина не се занимаваше со прашањето за името, туку дека потоа дојде до кампањата за македонизација во Грција и масовни кампањи против Македонија.

– Стратегијата од тоа време остана иста – приклучувањето на Македонија во евроатлантските структури да бидат спречени, во надеж дека земјата нема да преживее – изјави Попоски.

Шефот на дипломатијата вели дека не може да се прави споредба меѓу Македонија и Турција, чии евроинтеграции се блокирани. Тој додава и дека Русија како алтернатива е илузија за него. За Македонија, истакнува тој, нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО, но предупредува на зголемување на незадоволството меѓу населението.

– Сепак, 85 отсто од Македонците се за пристапување во ЕУ и во НАТО. Но, од гледна точка на просечниот македонски граѓанин, овој процес нема кредибилитет. Што и да направиме, Атина може да нè блокира. Секој ден, има сè поголем број разочарани граѓани кои веќе не веруваат дека Европа стои зад вредностите што ги застапува: владеење на правото, фер однос, почитување на идентитетот на секој народ – изјави Попоски.

Запрашан за обвинувањата на лидерот на опозицијата Зоран Заев за случајот „Пуч“, Попоски објаснува дека тој (Заев) се обидува да ги убеди граѓаните дека премиерот стои зад нелегално прислушување.

– Но, чудно е што Заев има објавено само снимки од разговори на владини претставници. Тој го прекрши законот бидејќи тој што поседува илегално снимен материјал е првата врата на која мора да затропа јавното обвинителство. Не може да има друг одговор на аферата освен оној кој би дошол од судовите – рече Попоски.

Работа на судот, посочи тој, е да утврди дали има политичка димензија. Судот мора да ја провери веродостојноста на снимките, а потоа и содржината. Владата, додава Попоски, е подготвена да одговара за секое недолично однесување доколку се докаже и да побара одговорност.

– Канцеларијата на обвинителот побара од Европската комисија да испрати експерти за набљудување на постапката – изјави Попоски.


Шекеринска за БТВ: Системот на Груевски е во фаза на распаѓање


Скопје, 8 април, 2015 - 13:32 (META) 

„Најголемиот удар врз власта е што сите овие податоци што тие ги користеле против нас, против граѓаните на Македонија, сега се свртеа против нив. И тоа е проблемот со сите автократски раководители. Тие мислат дека ако ги држат сите информации, ако ги држат сите конци в раце, дека вечно ќе владеат. Тоа е невозможно“, рекла заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во интервју за бугарската приватна национална телевизија БТВ.

„Овој систем полека, но сигурно е во фаза на распаѓање. Недовербата е голема внатре, меѓутоа не смееме да ги потценуваме бидејќи покажаа дека се способни да направат многу злодела. Ние рековме, спремни сме за преговори, за Македонија да излезе од кризава на најмирен можен начин. Ќе преговараме за начинот на кој оваа Влада треба да замине во историјата, со преодна влада, со промени на клучните функции, особено во Обвинителството. Да ѝ дадеме шанса на Македонија да одлучи за својата иднина. Доколку тоа не функционира, очигледно е дека работите ќе се влошат во Македонија. Меѓутоа, незадоволството е големо. Граѓаните имаа страв, но тој страв веќе се губи. И не е случајно тоа што во Македонија, во последниве четири-пет месеци, има серија на различни демонстрации. Различни групи протестираат, и средношколците, и новинарите, и студентите, и професорите. Тоа е резултат на чувството дека мора да се избориме за уште една шанса за Македонија“, рекла Шекеринска.


Иванов на солзите на Груевски не им верува?


Скопје, 31 март, 2015 - 13:49 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов во интервјуто на „Сител“, на прашањето, кое му беше посредно поставено (во форма: Ве повикуваат), зошто не го свикува Советот за безбедност по информациите за масовно прислушување, зад кое, според тврдењата на едната страна, стои странска служба, тој одговори дека не може да заседава на основа на „медиумски извештаи и изјави на експерти“, иако прв ова на вонредно „обраќање до народот“ го обелодени  премиерот Никола Груевски.

Груевски во драматичното обраќање на 31 јануари годинава, изнесе многу повеќе од „медиумски извештаи и изјави на експерти“:

– Се работи за креирано сценарио за кое сите вие сте сведоци од самиот почеток, во кое на крај цела држава требаше да биде заложник. Има некои работи кои ниту еден одговорен човек и политичар во светот не може и не смее да ги игнорира и да ги остава настрана. Таква работа е интересот на државата. Во цели 24 години независнот на оваа држава, вакво нешто ниту еден политичар, дури ни најконтроверзните, не направиле. Сакам да го порачам следното. Закани и уцени и вакви местенки не прифаќам и не проаѓаат и на сите инволвирани јавно им порачувам дека ние не сме Македончиња, туку сме Македонци. Ова е голема штета што ѝ се прави на државата по нејзиниот углед и имиџ … Според досегашните сознанија што ги добив од МВР, зад снимањето стои странска разузнавачка служба… Да се опише кој со кого зборува, какви функции имаат и кои се нивните меѓусебни односи, за нарачателот да има целосна и јасна слика со анализа, поткрепена со транскрипти од конкретни разговори од истакнати личности од политичкиот животрече тогаш Груевски.

Но, за Иванов и овие драматични изјави на Груевски се несериозни и не се доволен повод за свикување на Советот за безбедност.

Тој тоа во интервјуто за „Сител“ синоќа вака го објасни:

– Сите тие што повикуваат (да го свика Советот за бесбедност, н.з.), а ги гледам и бивши политичари, аналитичари, треба да знаат дека од 2005 година имаме ние и Закон за справување со кризи, во кој е утврдена постапката како се постапува во вакви моменти. Јас не можам да расправам на основа на медиумски извештај или изјави на експерти. Си има одредена процедура како заседава Советот за безбедност и заклучоците што ги носи ги обврзуваат и Владата и Собранието. Во меѓувреме, јас имав состаноци со надлежните институции од сферата на безбедноста, кои на некој начин се во моја надлежност – со Агенцијата за разузнавање и со военото разузнавање и ги барав сите можни закани или ризици кои постојат однадвор. За сите тие укажани состојби ние ги известивме пријателските служби и земји, околу 15 членки на Европската унија и на НАТО се известени за сите можни потенцијални ризици и закани за Македонија. Од тој аспект, процесот во сферата на безбедноста се одвива.

 


Иванов: И Грција и ние сме влезени во туѓа игра за името


Скопје, 31 март, 2015 - 10:28 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во вчерашното интервју за телевизија „Сител“, рече дека прашањето за спорот за името има нова реалност и дека и Македонија и Грција се влезени во туѓа игра, во која интересите ги имаат другите.

– Прашањето за името со соседна Грција на некој начин е влезено во поинаква фаза. Имаме нова реалност. Првпат на политичка сцена на Грција имаме политичари кои не се обременети од наследството од Студената војна и особено од Граѓанската војна во Грција. Се менува парадигмата. И тие, и ние стануваме свесни која штета ја трпиме од овој спор. Стануваат свесни одредени субјекти со кои имаме контакти дека и ние и Грција сме влезени во туѓа игра, дека штетите ги трпиме ние. Со тек на време некој ја создал претставата дека е наша игра. Напротив. И Грција и ние сме вовлечени во една туѓа игра, во која интересите ги имаат другите, а ние ја имаме само штетата. Така што оваа млада гарнитура, без разлика колку ќе опстои, ги отвора и другите прашања на проблемот за името со кои ќе се соочуваме ние и граѓаните и бизнисмените и сите оние кои досега трпат само штета, а немаат никаква корист. И тоа е штета и за нас, но и за самата Грција, по угледот што ѝ е нарушен поради сите овие случувања во однос на името. Така што, верувам дека ќе има поинаков тек и нема да му робуваме на сето она што досега беше поврзано со проблемот за името – рече Иванов.


Алтхаузер: Кризата е уникатна шанса за властите и за институциите да си ги покажат капацитетите


Скопје, 29 март, 2015 - 11:57 (META) 

Справувањето со кризата, особено од страна на Владата и на институциите, сигурно ќе послужи како индикатор за посветеноста на вашата земја на евроатлантскиот пат, вели германската амбасадорка Кристине Алтхаузер во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“

– Ние навистина сме многу загрижени за кризата која, од наша гледна точка, е комбинација од политичкото назадување на кое сме сведоци во последните години во земјава, така што со гонење на господинот Зоран Заев и другите обвинети луѓе, функционирањето на опозицијата, демократската опозиција се става под знак прашалник. Така што, ние ги повикуваме македонските власти да ги разрешат овие сериозни обвинувања на фер, транспарентен начин, во суд со меѓународни правни стандарди и практика, меѓу кои презумцијата на невиност е од круцијално значење – вели Алтхаузер во интервјуто.

Од друга страна, таа вели дека „кризата во исто време нуди уникатна шанса за македонските власти и институции и е вистински предизвик што се појавува еднаш во животот да го покажат својот капацитет и посветеност на демократските стандарди“.

Во врска со информацијата што ја објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, дека биле прислушувани амбасадори на шест најважни земји, Алтхаузер вели дека тие немаат „повеќе информации дали членови на германската амбасада се прислушувани“, но додава дека според Виенската конфенција, обврска на властите на државата-домаќин е да ги осигури безбедноста на амбасадата, на нејзиниот персонал, вклучувајќи ја и тајноста на нејзините комуникации“.

– Оваа обврска е независна од прашањето „Кој можеби нарачал потенцијално снимање?“ – вели германската амбасадорка.

Алтхаузер, во интервјуто вели дека Македонија ќе треба да вложи сериозни напори за да ја задржи препораката за почеток на преговори за прием во Европската унија (ЕУ).

– Како и во претходните години, препораките не треба да се земаат здраво за готово. Препораката е резултат на напредок препознаен од Европската комисија (ЕК) во земјата-кандидат. Напредокот се мери во однос со таканаречените копенхагенски критериуми – вели Алтхаузер.


Шекеринска за „Канал 77“: Нема ниту еден снимен разговор Груевски – Мијалков!


Штип, 21 март, 2015 - 16:38 (META) 

Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, при гостување на „Канал 77“ во емисијата „Стадион“, рече дека еден од доказите кој прислушувал е што нема ниту еден разговор од мобилните телефони на премиерот Никола Груевски и на директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Според Шекеринска, јасно е дека прислушувањето се правело за да се држи контрола над опозицијата, но и над „нивните“.

Објавените материјали се многу мал дел од тоа што го поседува СДСМ, рече потпретседателката Шекеринска, која, сепак, не откри уште колку од снимките ќе се презентираат пред јавноста.

– Ќе ме разберете ако кажеме дека наредните наши чекори не сакаме да ѝ ги најавуваме на јавноста, бидејќи власта веднаш презема чекори да ги сузбие. Онаа смешна прес-конференција во која премиерот го демантираше сопственото Министерството за внатрешни работи, покажува дека власта прави такви работи и не би се изненадиле да го прави истото и во иднина. Клучно е вистината да излезе на виделина. И второ, на власта ќе ѝ покажеме дека Македонија не е со нив. Веќе почнавме да делиме материјали по руралните средини бидејќи во одделни места, вистината е таа што ја сервира МРТВ, зашто ништо друго не гледаат и за нив „бомбите“ не постојат – рече Шекеринска.

Слушателите се интересираа за тоа дали има докази за изборни нерегуларности во повеќе општини во Македонија, како Кичево, Ресен, Кочани, Берово, Прилеп… Шекеринска потврди, но рече дека засега се подготвени материјали од покарактеристичните нерегуларности за кои и тие укажувале во текот на изборите.

Шекеринска ги оспори тврдењата дека меѓународната заедница е пасивна по објавувањето на снимките.

– Меѓународната заедница е запрепастена од обемот на погазување на правото и веќе видливо покажува дека вакво однесување е неприфатливо од земја-кандидат. Ќе има одредени обиди да ни помогнат, но ние не сакаме спасот Македонија да го бара надвор од државата. Решението, клучот на нашите проблеми, е кај нас. Не кај нас, како СДСМ, туку кај македонските граѓани. Утре, кој било Европеец ќе дојде и ќе си замине од Македонија, ама нашиот живот и татковина е една – рече Шекеринска.

На прашањето за улогата на Германија и на канцеларката Ангела Меркел во можното решавање на ситуацијата, Шекеринска вели:

– Не очекувам директно вмешување и не веднаш. Сите очекуваме да дојде некој од бајките и со волшебно стапче сè да реши. Нема такво. Пораката на Груевски е испратена, не на состаноците, туку со откажување на состаноците. Јункер доаѓа од неговата сестринска партија. Намерно ја најавија и намерно ја откажаа. Тоа се јасни политички пораки, друго е колку Груевски сака да ги прочита тие пораки. Добро е што меѓународната заедница отворено вели дека на Македонија сака да ѝ помогне – рече потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, при гостувањето во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“.

В.К.


Заев: Опозицијата ја игра својата улога – коректив на власта


Скопје, 18 март, 2015 - 19:30 (META) 

Македонија се наоѓа во сериозна политичка ситуација, вели Зоран Заев, лидерот на СДСМ во интервју за бугарската новинска агенција „Фокус“.

– Македонија моментално се наоѓа во напната и шокантна ситуација што, конечно, ќе ја донесе државата на вистинскиот пат. Опозицијата ја игра својата улога на коректив на власта, но за да си ја спасат својата кожа, тие почнаа да апсат луѓе. Ми го зедоа пасошот, како лидер на опозицијата, но не можат да избегаат од вистината. Ние почнавме со проектот „Вистината за Македонија“ со единствена цел – да ги вратиме демократијата и eвропските вредности во нашата држава – изјавил Заев за агенцијата.

Иако власта вели дека прислушувањето го извеле странски служби, опозицијата не се согласува.

– Само нашите власти можат повеќе од четири години да прислушуваат 20.000 граѓани. Целиот процес бил реализиран од телекомуникациските оператори. Чистотата на снимките од телефонските разговори го потврдува ова – рекол Заев.

Тој најави дека ќе објават снимки и за случајот „Монструм“, во кој кај Смилковско Езеро беа убиени четири деца и еден возрасен човек.


Што рече, а што, всушност, сакаше да ни каже Хан?


Скопје, 22 февруари, 2015 - 12:11 (META) 

Еврокомесарот за претпристапни преговори и соседска политика, Јоханес Хан, во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“ на нему својствен начин, ја сумираше посетата на земјава во екот на политичката криза.

„Мета“ се обиде изјавите на Хан да ги „преведе“ на обичен, неполитички јазик за да биде појасно што рече, а што, всушност, тој сакаше да ни каже.

ЗА „ПУЧ“ И ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО

Рече: Оние кои ги имаат материјалите треба целосно да ги откријат и сите се добро советувани да ја остават работата на процедурата во согласност со владеење на правото. И да се справат со тоа на адекватен начин, како што се очекува од земја со европска перспектива. Ова е нешто многу сериозно и уште еднаш мојата препорака е дека работите треба да бидат разјаснети и истражени од оние луѓе кои правно се задолжени за таква процедура. Но, доколку е неопходно, исто така, треба да има, како што е вообичаено во многу земји, според политичката практика, комитет во Собранието кој ќе се справи со ова прашање, но тоа зависи од присуството на сите политички партии во парламентот. Ова е уште една добра причина и затоа има многу смисла сите политички партии да се во Собранието и политичкиот дијалог да се одвива во Собранието.

Сака да каже:

СДСМ треба да ги даде во јавност материјалите, а јас им советував да ги достават до Обвинителството. Ако е потребно, да се направи и анкетна комисија во Собранието, но за тоа СДСМ треба да се врати таму.

Рече: Видов дека се сфаќа оти мора да има политичко решение.

Сака да каже:

Да се постигне решение без судски процеси и полициски гонења.

Рече: Се работи за репутација на земјата.

Сака да каже:

Со кризава ви е нарушен имиџот во ЕУ.

Рече: Сите потврдија оти ќе биде корисно да има еден вид на надворешна поддршка за да се постигне договор кој е прифатлив за сите политички партии. Тоа е уште една вежба на демократската зрелост.

Сака да каже:

Сите се согласуваат дека треба надворешен посредник за некаков договор. Така ќе покажете дека сте демократски зрели – ова сега само покажува дека не сте.

ЗА ИМЕТО

Рече: Според нашето видување треба да се направи напредок без да бидете премногу погодени од билатералните конфликти. Мислам дека не треба да трошиме време. Треба да гледаме што може да се направи во меѓувреме за вашата земја да се движи постепено кон ЕУ. Ние асистираме и обезбедуваме многу пари за периодот од 2014 до 2020 година. Околу 660 милиони евра кои треба да се искористат за градење на капацитетите на администрацијата, но исто така за инвестиции во образованието, развој на економијата, за справување со прашања поврзани со животната средина и справување со отпадот. Има многу области каде ние треба да видиме неопходен напредок.

Сака да каже:

Не треба да се троши многу време и енергија на името. Треба да се трудите да ги земете тие 660 милиони евра што ви ги нудиме до 2020 година.

ЗА ГРУЕВСКИ

Рече: Тој е човек посветен, особено на економскиот развој, и е одблиску запознаен со сè што се случува во економијата и со активностите на бизнис-секторот и да се привлечат и странски инвестиции во земјата.

Сака да каже:

Јас му зборував за политичката криза, тој ми зборуваше за економскиот развој, за бизнисиот и за странските инвестиции.

ЗА МАКЕДОНИЈА И ЗА ЕУ

Рече: Погледнете ги бројките, околу 65 до 70 проценти од целиот увоз и извоз доаѓаат или одат за 28 земји-членки на ЕУ. Земјите-членки на ЕУ се далеку најзастапени во странските инвестиции. Јасно е дека ориентацијата мора да биде насочена кон ЕУ за понатамошно унапредување на овие бројки во смисла на големината на прилагодувањето со европските стандарди. Јас не гледам, а исто е мислењето и кај Владата и општеството, дека има алтернатива за европскиот начин.

Сака да каже:

Нема алтернатива на евроинтеграцијата.

ЗА ПАРАЛЕЛНИ ПРЕГОВОРИ ЗА СПОРОТ ЗА ИМЕТО И ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ

Рече: Мислам дека мора и треба да има некој начин. Како што веќе кажав, не треба повеќе да губиме време бидејќи се работи за процесот, а не само за преговорите да се усогласат со аки комуните (европското законодавство). Кога треба да почне и да се имплементира одреден процес, потребно е време и затоа треба да се истражат можностите покрај некои билатерални конфликти и се надевам дека може да го искористиме времето на еден претпазлив и паметен манир и тогаш може да видиме кои решенија може да ни ги понуди иднината. Спорот за името е нешто што има билатерални импликации. Јас мислам дека поважен и порелевантен е развојот за земјата, општеството, економијата, се работи за борбата против корупцијата, транспарентноста и независноста на судството, сè што е поврзано со владеењето на правото и перформансите на економијата. Јас мислам дека сè заедно треба да се гледа како еден пакет. Мислам дека ова е најважното, бидејќи тоа е предизвик кој треба да се постигне, кој одзема многу време. Мора да бидеме амбициозни, но, од друга страна, и доволно трпеливи за да ги постигнеме овие цели.

Сака да каже:

Да, да. Кажав веќе двапати. Не треба да се губи време. Сè друго (развојот за земјата, општеството, економијата, борбата против корупцијата, транспарентноста и независноста на судството, владеењето на правото и перформансите на економијата) е поважно од спорот за името.