Притвор од 30 дена за екс-градоначалникот на Демир Капија и соработниците


Скопје, 26 октомври, 2018 - 9:37 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција, почнало истражна постапка против поранешниот градоначалник на Демир Капија, Трајче Димитриев и три други лица, за кои вчера извести Финансиска полиција. По барање на ОЈО ГОКК, судија на претходна постапка од Основен суд Скопје 1 на тројца, меѓу кои и Димитриев, им определил притвор од 30 дена, а за четвртообвинетата, инаку братучетка на Димитриев, определил домашен притвор. Пријавени се и поранешниот претседател на Советот на општина Демир Капија, како и еден овластен проценител.

Сите се товарат за нанесена штета на Буџетот на Општина Демир Капија во износ од 15.456.106 денари (251.000 евра).

Според пријавата, во март 2012 година, Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Трајче Димитриев, како градоначалник на општина Демир Капија, потпишале договор за грант за проект „Центар за едукација и вмрежување во туризмот Ценет“,  во вредност од 262.366 евра. За овој центар се реконструирала стара училишна зграда, која половина била сопственост на општината, а половина на четвртопријавената М.Ј., а за тоа биле употребени 101.230 евра од грантот, додека останатите потребни пари, 82.000 евра, биле од буџетот на општината. Другите пари биле наменети за опремување на центарот.

Потоа општинската половина од објектот со 800 квадратни метри површина, како и општинската половина од катастарската парцела, Димитриев на 12 јуни 2013 година ги продал на својата братучетка за 1,67 милиони денари (27.100 евра).

Тој износ е десет пати помал од реалната пазарна цена, велат од Финансиска полиција, дополнувајќи дека тој износ Димитриев прво од својата трансакциска сметка го префрлил на братучетката, односно и ги позајмил, а потоа и префрлил уште 4,49 милиони денари (73.000 евра) за да го доврши реконструирањето.

Реконструираниот објект бил наменет за сместување на фондацијата „Центар за едукација и вмрежување во туризмот – Ценет“, основана од страна на Општина Демир Капија, но Димитриев во април минатата година и таа Фондација без надомест ја отстапил на близок роднина.


Екс-градоначалникот на Демир Капија подарил половина објект и Фондација на роднини


Демир Капија, 25 октомври, 2018 - 14:18 (META) 

Управата за финансиска полиција соопшти дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување против поранешниот градоначалник на општина Демир Капија, Трајче Димитриев (61), во врска со малверзации со општински објект, како и против Т.П. (48), овластен проценител и П.М. (60) тогашен претседател на Совет на општина Демир Капија. Пријава како поттикнувач добила и М.Ј. (65), која станала сопственик на објектот.

Според пријавата, во март 2012 година, Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Трајче Димитриев, како градоначалник на општина Демир Капија, потпишале договор за грант за проект „Центар за едукација и вмрежување во туризмот Ценет“,  во вредност од 262.366 евра. За овој центар се реконструирала стара училишна зграда, која половина била сопственост на општината, а половина на четвртопријавената М.Ј., а за тоа биле употребени 101.230 евра од грантот, додека останатите потребни пари, 82.000 евра, биле од буџетот на општината.

Потоа општинската половина од објектот со 800 квадратни метри површина, како и општинската половина од катастарската парцела, Димитриев на 12 јуни 2013 година ги продал на својата братучетка за 1,67 милиони денари (27.100 евра).

Тој износ е десет пати помал од реалната пазарна цена, велат од Финансиска полиција, дополнувајќи дека тој износ Димитриев прво од својата трансакциска сметка го префрлил на братучетката, а потоа и префрлил уште 4,49 милиони денари (73.000 евра) за да го доврши реконструирањето.

Реконструираниот објект бил наменет за сместување на фондацијата „Центар за едукација и вмрежување во туризмот – Ценет“, основана од страна на Општина Демир Капија, но Димитриев во април минатата година и таа Фондација без надомест ја отстапил на близок роднина.

Финансиска полиција ги товари сите обвинети за нанесена штета на  Буџетот на Општина Демир Капија во износ од 15.456.106 денари (251.000 евра).


Нова кривична пријава за Стевчо Јакимовски за преселените општински бараки


Скопје, 23 август, 2018 - 12:21 (META) 

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривична пријава против Стевчо Јакимовски, поранешен градоначалник на Општина Карпош и уште две лица од градежни фирми, товарејќи ги за бесправно градење.

Пријавите се поднесени поради демонтажа на две од старите општински бараки и нивно повторно поставување во дворот на основното училиште „Лазо Трповски“ во 2012 и 2013 година.

Според пријавата, Стевчо Јакимовски како тогашен градоначалник и инвеститор на работите во име на Општина Карпош ги поставил бараките спротивно на Законот за градење и без одобрение за градење и соодветна архитектонско-урбанистичка документација. Отпосле поднел барање за легализација кое го потпишал, но бараките не потпаѓале под законот за постапување со бесправно изградени објекти, оти биле изградени по неговото стапување на сила.

Второпријавениот Ј.К., инженер од „Карапанчевски Компани“ до Скопје, кој бил ангажиран од Општина Карпош, а за надзорот над демонтажата и повторната изградба на бараките потпишал градежен дневник, градежна книга и времена ситуација, иако не било издадено одобрение за градење.

Третопријавениот А.М., како одговорно лице во фирмата Алкопроект од Тетово, која ги изведувала демонтажата и повторната монтажа, дозволил да се изведуваат работите без одобрение за градење, соопшти Финансиска полиција.

Таа на 8 август поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување за Јакимовски поради три спроведени јавни набавки во текот на мандатот како градоначалник на Општина Карпош.


Стевчо Јакимовски приведен, чека распит пред судија


Скопје, 8 август, 2018 - 9:31 (META) 

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, синоќа половина час пред полноќ, е приведен и се наоѓа во една од полициските станици во Скопје. До крајот на денот се очекува да биде изведен пред судија на претходна постапка.

Според Виктор Цветковски, адвокат на поранешниот градоначалник, ова е атак врз политичкиот ангажман на Стевчо Јакимовски.

Финансиската полиција вчера влезе во неколку станбени објекти на семејството Јакимовски, барајќи документи за одредени случаи. Засега од таму нема официјални информации.


Тодоровиќ ги врати првите 433.000 евра од „Скопје 2014“ во буџетот на Општина Центар


Скопје, 4 јули, 2018 - 13:37 (META) 

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје, поднела кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, и лицата М.Т., поранешен секретар и Д.Р., вработен во Секторот за уредување на градежни земјиште и заштита на животна средина во Општина Центар, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело несовесно работење во службата, соопшти директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.

Според обвинението, тие го оштетиле буџетот на Општина Центар во износ од 433.389 евра за градежни работи кои се однесуваат за изградба на пешачкиот мост „Око“ на Вардар, граден од страна на компанијата „Конструктор инженеринг АД Сплит“.

Поради неисполнување на обврски од договорот, прекршување на рокот за изведување на работите, како и поради неквалитетно извршување на веќе изведените работи, во 2012 година Општина Центар го раскинала договорот со „Конструктор инженеринг АД Сплит“, чија што вредност изнесувала 119.197.783 денари.

– Пријавените В.Т, М.Т. и Д.Р. со препуштање на должен надзор, несовесно постапиле во вршење на своите овластувања и должности и на име на ненаплатени три банкарски гаранции го оштетитле буџетот од 26.653.424 денари (433.389 евра) – истакна Муареми.

Тој додаде дека овие пари на 30 јуни биле вратени на сметката на Општина Центар, но се надева дека кривична одговорност ќе има. Муареми исто така рече дека во тек се и други истраги за „Скопје 2014“ и дека за некои предмети имаат соработка со СЈО.


Приведен Васе Доневски, поранешниот директор на СОЗР


Скопје, 16 март, 2018 - 9:15 (META) 

Финансиската полицијата го привела Васе Доневски поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ (СОЗР.

Повикувајќи се на извори од Управата за финансиска полиција дел од медиумите наведуваат дека Доневски е приведен и е на распит поради сомнежи за злоупотреба на службената положба за времето додека бил директор на службата.

Од Управата за финансиска полиција за МИА потврдија дека е приведен Васе Доневски поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ (СОЗР).

Од таму за утре најавуваат прес-конференција на директорот Арафат Муареми, на која тој ќе информира за предмет кој се однесува на злоупотреба на службена положба и овластување од страна на поранешен функционер.

Новата влада го разреши Доневски во јули мината година и на негово место го назначи Пеце Мирчески од СДСМ.


Финансиска полиција го чешла работењето на ЈП „Исар“


Штип, 16 декември, 2017 - 16:31 (META) 

Финансиска полиција ги проверува тендерските постапки во штипското комунално претпријатие „Исар“, реализирани од претходното раководство на компанијата, соопшти новиот в.д. директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев, додавајќи дека постојат индиции за прекумерно трошење пари.

– За девет месеци се набавени 7.000 метли, во вредност од 350.000 денари. Кога тие 7.000 метли ќе се поделат на 20 работника испаѓа дека за 30 дена имаат потрошено 35 метли. Ако се работни часа 24, еден работник користел по една и пол метла за еден работен ден. Значи, тука има индиции за злоупотреба на службена должност – рече Тасев.

Новиот директор истакна дека неговиот претходник во текот на 2016 и 2017 година во повеќе наврати го надминал лимитот за мобилен телефон од 4.000 денари, односно дека сметката во повеќето месеци била поголема од 22.000 денари. Тасев истакна дека претходниот директор разликата за сметката не ја исплаќан во благајната на претпријатието.

Финансиска полиција исто така го проверувала и тендерот за набавка на струја од една бугарска фирма, со која има договор за грејс период за плаќање на сметката од шест месеци. И покрај таквиот договор, претходниот директор на ЈП „Исар“ веднаш ги плаќал сметките кон бугарската компанија, но не ги плаќал сметките кон ЕВН, кои поради каматите достигнале износ од еден милион денари.

Финансиската полиција се уште го чешла работењето на ЈП „Исар“, кое во моментов има долг од 186 милиони денари.


Кривична пријава за ексдиректорката на Агенцијата за филм за серијата „Македонија“


Скопје, 6 декември, 2017 - 13:11 (META) 

До Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, денеска Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава за поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓорѓоска-Илиевска. Ја товари за злоупотреба на службената положба и овластување преку исплаќање повеќе од 1,1 милион евра на „Јадран филм“ за снимањето на серијата „Македонија“.

„Лицето како раководен субјект на Агенцијата за филм во периодот од октомври 2016 година до септември годинава, искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување, го оштетило буџетот на Република Македонија за износ од 68 милиони денари. Осомниченото лице овозможило Друштвото за филмска и видеопродукција „Јадран филм“ ДООЕЛ Скопје да стекне противправна имотна корист во погоре наведениот износ, а на штета на буџетот на Република Македонија“, соопшти Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Ова обвинителство минатиот месец почна предистражна постапка за случајот со серијата „Македонија“, исто така по известување од Финансиската полиција.


Обвинителството отвори истрага за случајот со „Јадран филм“ и серијата „Македонија“


Скопје, 15 ноември, 2017 - 13:35 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопшти дека отворило предистражна постапка во врска со договорот меѓу Агенцијата за филм и продуцентската куќа „Јадран филм“ за снимањето на серијата „Македонија“.

Од Обвинителството велат дека предистражната постапка е отворена по известување од Управата за финансиска полиција.

„Надлежниот јавен обвинител ги презема сите неопходни дејствија за утврдување на фактите. Издадени се повеќе насоки и наредби за прибирање на материјални докази поврзани со севкупната постапка за снимање на играната серија. Во оваа фаза од постапувањето веќе е доставен дел од бараните докази, а побарано е и нивно дополнување“, стои во соопштеноето од Обвинителството.

Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија вчера на брифинг со новинарите во Владата, информираше дека согласно одлуката на Владата и согласно Законот за филмска дејност, Агенцијата повела постапки пред сите надлежни институции „поради очигледните прекршувања на потпишаниот договор од страна на видео-продукцијата „Јадран филм“ за реализација на играна серија „Македонија“, договор кој тежи 4,6 милиони евра“.

– Иако сите рокови од договорот се поминати, до ден денеска Агенцијата за филм нема добиено од продукцијата ниту серија, ниту документи, нема ниту никакви известувања каде се уплатените пари за првата серија во висина од 80 отсто, односно 68 милиони денари се потрошени (1,1 милион евра). Договорот за серијата изнесува 4 милиони и 602 илјади евра. После нашата преписка со продуцентот, престаната е комуникацијата, нема никакви одговори и Владата на Република Македонија донесе одлука да се раскине договорот и да се бара поврат на средствата – изјави Тозија.


Невладините бараат власта и институциите да ја испитаат работата на Тантуровски и на ДКСК


Скопје, 4 јуни, 2017 - 16:17 (META) 

Власта и институциите да ја проверат основаноста на контролите во невладините организации и да ја истражат злоупотребата на службената должност за политички притисок и дискриминација од сите засегнати раководители кои се дел од прогонот. Ова денеска повторно го побараа 22 граѓански организации и фондации во кои изминатите шест месеци Управата за јавни приходи (УЈП) и Финансиската полиција вршат контроли иницирани од Државната комисија за спречување на коруција (ДКСК).

Организациите велат дека се револтирани од изјавите на претседателот на Антикорупциската комисија, Игор Тантуровски, во кои, според нив, тој покажува целосно непознавање за начинот на нивното функционирање и работа.

„Ако подобро ја познава работата на НВО-секторот, тогаш Тантуровски ќе знае дека секој домашен и странски донатор што одлучил да поддржи проект и дал финансиска поддршка на невладина организација, пропишал правила според кои грантистите се обврзуваат да му подготвуваат детални месечни, квартални и годишни наративни и финансиски извештаи. На тој начин се следат трошењата на парите од страна на грантистите. Дополнително, организациите на крајот на проектите најчесто ангажираат надворешни ревизори чија лупа детално го котролира начинот на трошење. Тантуровски и неговите антикорупционери како државно тело имаат начини како да ги проверат средствата доколку им се сомнителни и притоа воопшто да не ги малтретираат организациите. Антикорупционерите само треба да ги земат податоците од Централниот регистар или од Управата за јавни приходи каде се евидентирани сите проекти за да ја проверат работата, наместо да иницираат повеќемесечни контроли кои ги чинат пари и организациите и граѓаните“, стои во заедничкото соопштение на 22 невладини организации.

Тие велат дека е смешна и неиздржана изјавата на Тантуровски дека „тој се исплашил од влезот на пари за тероризам во Македонија преку граѓански организации и фондации“.

„Образложението на Тантуровски, иако е апсурно смешно, покажува на сериозен проблем дека ДКСК наместо да ја врши работата за која е платена од народни пари и да трага по стотиците веќе откриени коруптивни скандали на политичари, државни институции или јавна администрација, се вплеткува во спроведувањето на груевистичките методи за линч на неистомислениците“, велат од НВО.

Од организациите велат дека сега, токму од Антикорупциската комисија очекуваат да се ангажира и да спроведе постапка за граѓански организации кои добивале пари од владата и да провери како тие ги трошеле народните пари во последните години.

„Тантуровски може да почне од последната распределба, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ на 23 мај, вредна токму 800.000 евра дадени на граѓански организации главно непознати во Македонија“, се вели во соопштението.