Наместо секојдневен полициски час во периодот од 22 до 5 часот, владата на денешната седница одлучи да се воведат засилени контроли од полицијата и инспекциските служби во општините каде што има поголем број на новозаболени лица со ковид-19, се вели во соопштението на владината прес-служба.

Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.

Засилените контроли и мониторинг ќе се спроведуваат во таргетирани подрачја на Град Скопје и скопските општини, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовските општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.

„Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести“, се наведува во владиното соопштение.

Како дополнителна мерка за спречување на ширењето на ковид-19, Владата заклучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата „СтопКорона“ заради поголема прегледност и контрола, со цел превенција на ширењето на корона вирусот. Граѓаните кои нема да ги почитуваат одредбите од решението за изолација, ќе бидат санкционирани со државен карантин.