Можна средба на Могерини со премиерите од Западен Балкан во декември


Белград, 29 ноември, 2018 - 12:57 (META) 

Во Европската Комисија се разгледува можноста високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини во втората половина на декември да се сретне со премиерите од Западен Балкан.

Како што пренесуваат медиумите во Србија повикувајќи се на извори во Брисел, би станувало збор за Западнобалканската шестка – Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија – а засега нема најава за нова рунда од дијалогот на Белград и Приштина.

Како можен датум за средбата се посочува 19 декември, а темите би биле регионалната соработка и процесот на евроинтеграции, заедно со преглед на сработеното од реформите во текот на 2018 година, која што беше најавувана како преломна година за процесот на проширување и следните чекори на патот кон ЕУ.


ЕУ од 2021 ќе престане со зимско сметање на времето


Скопје, 24 октомври, 2018 - 14:25 (META) 

Македонија в недела во 3 часот ќе премине од летно на зимско сметање на времето, соопшти Бирото за метрологија.

Во 3 часот, стрелките на часовникот треба да се вратат еден час наназад и да покажуваат 2 часот.

Инаку, Европската комисија (ЕК) на 31 август годинава соопшти дека по обемната јавна анкета, најголемата по број на одговори на интернет од која било ваква анкета на ЕК досега, таа препорача да се исфрли промената на времето од летна во зимска и обратно. Дури 75 отсто од 4,6 милиони испитаници биле да престане ваквата промена на времето.

Законската рамка е веќе готова и се очекува наскоро да биде усвоена од Европскиот парламент и од земјите членки. Таа предвидува последното поместување на стрелките на часовникот поради премин на ново сметање на времето да се случи на 28 март 2021 година.


Избори или не, скринингот ќе тече, но за преговори со ЕУ треба промени во Уставот


Скопје, 9 октомври, 2018 - 15:46 (META) 

Македонија го почна скрининг процесот за пристапување во Европската Унија и тој ќе заврши во јуни 2019 година, но ако пропадне Преспанскиот договор нема да почнат преговорите за членство, објаснува Бојан Маричиќ, специјален советник на премиерот за евроатлантски интеграции и главен технички преговарач во процесот на евроинтеграција на земјава.

Скринингот, или утврдувањето на усогласеноста на македонското законодавство со правото на ЕУ, е технички процес и досега немало случај кога бил прекинат.

– Скрининг процесот е почнат и ќе заврши во јуни, тоа е технички процес, но ако пропадне Преспанскиот договор нема да почнат преговорите – изјави Маричиќ.

Процесот на 27 септември во Брисел го почна вицепремиерот Буар Османи со 40-члена делегација во која беше и министерката за правда Рената Дескоска.

Според Секретаријатот за европски прашања, скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, со цел да се подготват преговорите за членство и претставува аналитичка презентација на состојбата во земјата кандидат во однос на поглавјата од правото на ЕУ.

Процесот трае околу една година, по Генералниот директорат на ЕУ за проширување подготвува извештај и го презентира пред Советот на ЕУ, кој носи одлука за почнување на преговорите.

Извештајот од скринингот содржи четири дела: објаснување на правото на ЕУ во поглавјето, резултати од скринингот – информации дадени од земјата кандидатка и проценка на Комисијата, заклучоци и препораки на Комисијата, и во последниот дел Комисијата му препорачува на Советот дали да се отворат преговори за поглавјето, и доколку не – кои одредници да се постават.

Европската комисија на 17 април, во извештајот за земјата, препорача Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Советот на ЕУ на 26 јуни донесе условена одлука за почеток на преговори во јуни 2019 година. Но, за почеток на преговорите ЕУ на Македонија и постави четири услови: да ги спроведе итните реформски приоритети, да го спроведе Преспанскиот договор, да добие позитивен извештај од Европската комисија и Советот на ЕУ да донесе формална одлука за почеток на преговорите.


Јункер: Планираме укинување на зимското сметање на времето


Берлин, 31 август, 2018 - 12:00 (META) 

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер денеска изјави дека ЕУ планира да го укине преминувањето од летно на зимско сметање на времето.  Одлуката доаѓа откако мнозинството анкетирани граѓани на ЕУ преку порачале дека треба да се укине поместувањето на стрелката на часовникот од летно на зимско време и во иднина во ЕУ да се користи само сегашното летно сметање на времето.

Јункер вели дека одлуката е донесена откако огромното мнозинство граѓани на ЕУ – првенствено од Германија – кои учествуваа во истражувањето за ова прашање, побарале укинување на промените при сметањето на времето.

Над 80 отсто од испитаниците на анкетата спроведена меѓу 4 јули и 16 август поддржале укинување на поместувањето на стрелките на часовниците во лето и зима. Околу 4,6 милиони луѓе учествувале во онлајн анкетата, со што таа е најголема во историјата на ЕУ.

Предлогот треба да биде прифатен од ЕК, да се изгласа закон во Европскиот парламент, а потоа 28-те земји-членки на Унијата да ја одобрат одлуката.


Даниелсон: Референдумот ќе ја одреди иднината на вашата земја


Скопје, 29 август, 2018 - 17:10 (META) 

На 30 септември граѓаните ќе направат избор што ќе ја одреди иднината на вашата земја и тој избор ќе има последици за идните генерации. Ве повикувам да го искористите вашето демократско право и да гласате на претстојниот референдум, порача Кристијан Даниелсон, директорот на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, на промоцијата на новата кампања на ЕУ канцеларијата во Скопје наречена „Замисли иднина заедно“.

Тој упати честитки до премиерот и до македонските институции за постигнување на договорот со Грција за решавање на прашањето со името што, според него, го отвора патот на земјава кон Европа.

Евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар рече дека преку ЕУ-фондови во изминатите 20 години се внесени една милијарда евра европски пари преку проекти што генерирале огромни резултати.


Димитров: Политичарите може да живеат од нерешен спор, ама и да го решат


Брисел, 29 август, 2018 - 15:22 (META) 

Политичарите можат да направат цела кариера и да живеат од нерешен спор, а можат и да се вложат и да го решат, заштитувајќи го најважното за двете страни, за граѓаните на нивните држави да живеат подобро, порача министерот за надворешни работи, Никола Димитров, зборувајќи пред Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент (AFET), на чија агенда е и првото читање на предлог резолуцијата на ЕП за Македонија.

На денешниот состанок Димитров пред членовите на Комитетот елаборираше за актуелностите во Република Македонија, во пресрет на историски важниот референдум и за спроведување на клучните реформи во земјата и подготовките за скрининг процесот со Европската комисија.

– Не бараме скратени патишта или незаслужени награди. Но, би сакале успешните приказни и шанси да бидат соодветно валоризирани и искористени, особено во време кога на Регионот, но и пошироко му требаат такви примери – порача Димитров.

Шефот на македонската дипломатија изрази благодарност за поддршката и конструктивниот пристап на Европскиот парламент во процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија, рефлектирана меѓу другото и преку Жан Моне процесот на соработка со Собранието на РМ, како и во резолуциите за Македонија.

МНР Димитров оствари средби и со евро-пратениците Удо Булман (Претседавач на групата на социјалисти и демократи во ЕП), Андреј Ковачев (потпретседавач на групата ЕПП), Иво Вајгл (известител за РМ во ЕП, член на групата на Европски либерали и демократи), со Јоханес ван Бален (претседател на Групата на пријатели на РМ во ЕП, АЛДЕ), како и со Дејвид МекАлистер (претседавач на АФЕТ, член на ЕПП).


Хан: Веднаш ги почнуваме подготовките за скрининг процесот за Македонија


Брисел, 28 јуни, 2018 - 9:35 (META) 

Европската комисија веднаш ги почнува подготовките за скрининг процесот за Македонија и Албанија кои добија условен датум за почнување на преговорите во средината на идната година, вели еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за „Радио Слободна Европа“.

Еврокомесарот Хан вели дека со одлуката на Советот за општи работи Комисијата има зелено светло да ги почне подготовките со цел да започнат официјално преговорите кон средината на идната година.

– Тоа треба да води кон меѓувладината конференција на која би требало до крајот на идната година да бидат отворени првите поглавја – посочува Хан.

Во врска со тоа дали е тој сигурен дека тоа ќе се случи во јуни 2019 година и оти ниту една членка не ќе може да го запре тој процес, Хан вели дека скринингот зависи од ЕК и тоа е многу сеопфатна задача и работа.

– Според моите луѓе, тоа се повеќе од сто конференции каде што треба да се анализираат сите различни елементи. Тоа е предизвик за владите, особено администрацијата и ние ја имаме таа амбициозна цел – наведува Хан.

Прашан за тоа каква порака им се испраќа на Скопје и Тирана со ваквиот условен датум за преговори, Хан вели дека „граѓаните на идната Северна Македонија и граѓаните на Албанија на ова треба да гледаат од многу позитивна перспектива“.

– Не би сакал да кажам половина полна чаша, туку скоро 90 проценти полна чаша дека огромно мнозинство од земјите членки ги препознаа сите нивни достигнувања и треба да се сфати дека ова е многу силна посветеност од политичките лидери, исто така и од граѓаните за решенеоста во врска со нивната европска перспектива. И ова е добра можност да се уверат трите членки оти нивниот поскептичен поглед кон овие земји не е оправдан – вели Хан.

На граѓаните им порачува дека треба да се гледа во суштината и не само што сега е договорено, туку и што треба да се направи.

– Како што претходно реков, сега имаме задача веднаш да почнеме со подготовителната работа. Се надевам нема да губиме време, нема да чекаме до есен да ја почнеме работата – истакнува Хан.

Еврокомесарот, чиј мандат како комесар за проширување истекува во 2019 година, на прашањето како може да осигура дека тоа навистина ќе се случи поради промената во Брисел, наведува дека станува збор за преговори меѓу институциите.

– Најпрвин тоа се преговори меѓу институциите. Секако тие се водени од луѓе, но мислам ќе сториме сѐ во ова предизвикувачка временска рамка. Секако би сакал да го завршам она што го почнав во почетокот на мојот мандат и да се добие зелено светло за време на мојот мандат. Секако во ова инвестирав многу и многу сум мотивиран да успеам, но уште еднаш станува збор за соработка и работа меѓу институции – наведува еврокомесарот.


Мајсторовиќ: ЕУ да даде датум за Македонија и Албанија за да не го дестабилизира регионот


Белград, 26 јуни, 2018 - 10:49 (META) 

Ако Европската Унија оваа седмица не донесе одлука да даде датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија и Албанија, целиот регион може да се дестабилизира. Регионот треба да се обедини и да им пружи поддршка на овие две држави за нивните евроинтегративни процеси, порачува Срѓан Мајсторовиќ, претседател на Управниот одбор на Центарот за европски политики и член на Политичката советодавна група „Балканот во Европа“ (БиЕПАГ).

На вчерашната трибина во Белград „Зошто Србија не отвора повеќе поглавја“, организирана од порталот „Јуропиан вестерн балканс“ (EVB), порача дека кредибилитетот на Европската Комисија (ЕК) во поглед на политиката на проширување ќе биде на испит в четврток и петок, кога се одржува самитот на кој се очекува да биде донесена одлука за почеток на преговори за пристапување во ЕУ на Македонија и Албанија.

– Доколку земјите-членки донесат одлука за почнување преговори со Македонија и Албанија, тоа ќе биде многу позитивен чекор во докажување на сопствениот кредибилитет. Тоа ЕК го предложи во својата кредибилна стратегија за Западен Балкан. Сепак, деновиве слушаме дека одредени членки се премислуваат за тоа, што е опасна политика – вели Мајсторовиќ.

Тој вели и дека неотпочнувањето преговори со Македонија ќе значи загрозување на нејзината внатрешно стабилност и е „пукање себеси во нога и потенцијално отворање на сериозно политичко прашање во центарот на еден запаллив регион“.

– Имајќи ги предвид значењето на регионалната соработка и заедничкиот настап кон ЕУ, мислам дека би било најпристојно шефовите на сите шест западнобалкански држави да испратат единствено писмо во кое ќе се обратат до претседателите и премиерите на сите 28 членки на ЕУ и ќе порачаат дека заради регионалната стабилност и просперитетот преговорите со Македонија и Албанија треба да почнат што е можно поскоро – порача Мајсторовиќ.


Германската влада поддржува давање датум за почетокот на преговорите со Македонија


Берлин, 22 јуни, 2018 - 16:15 (META) 

Во писмо до Бундестагот, германскиот парламент, германската влада оценува дека реформскиот биланс на македонската влада говори во корист на почеток на преговори за членство во ЕУ, со тоа отворено застанувајќи зад напорите на Скопје да тргне уште еден чекор напред кон Европската Унија, јави Дојче веле – програма на македонски јазик.

Во писмото од германското МНР од име на Владата во Берлин, се наведува поддршката за одредување датум за почеток на преговори со Македонија на претстојниот ЕУ Совет и самит следната недела.

„Одобрувањето (на одредувањето датум за почеток на преговори, ред.заб) ќе биде вистинскиот позитивен сигнал за македонската Влада, која фокусирано го следи реформскиот курс наспроти политичкиот притисок од внатре и однадвор. Сепак, условеноста мора да биде задржана“, се наведува во писмото.

Во делот на условите кои Македонија ќе мора да ги исполни пред да ги отвори преговорите се наведуваат: јасно видливи чекори за враќање на независноста на правосудството, натамошни напори за реформа на јавната администрација, на пример во делот на кадровската политика; како и приоритизирање на борбата против организираниот криминал и корупција; и притоа да се прикажува редовен успешен биланс, се вели во статијата на Дојче веле – програма на македонски јазик.


ЕК со платформа за запирање на изумирањето на инсектите-опрашувачи


Брисел, 1 јуни, 2018 - 13:41 (META) 

Дури еден од десет инсекти-опрашувачи е на работ на изумирање, а една третина од видовите пчели и пеперутки се во опаѓање. За справување со тој проблем, Европската комисија (ЕК) денеска ја предложи првата генерална иницијатива на ЕУ за справување со проблемите што ги погодуваат опрашувачите.

Иницијативата содржи мерки за подобрување на набљудувањето и пребројувањето на инсектите и причинителите на проблемот, како и подобра координираност на политиките и секторите во ЕУ за справување со последиците од намалувањето на бројот на инсектите-опрашувачи во периодот до 2030 година. Ќе се работи на подобро запознавање со процесот на опаѓање на бројноста на овие инсекти, со причинителите, како и на зголемување на познавањата на населението во ЕУ за проблемот.

Опрашувањето преку инсекти е еден од клучните процеси на овозможување на репродукцијата на растенијата и билките. Четири од пет земјоделски култури или диви растителни видови во Европа зависат од инсекти за да остварат репродукција. Дури 15 милијарди евра од годишниот земјоделски производ на ЕУ се должи на опрашувањето од инсекти.

Инсекти што ги опрашуваат цветовите се пчелите, пеперутките, молците, потоа одредени видови мушички и некои видови бумбари.