fbpx

Во ЕУ извештајот нема „најмногу критика“ за ВМРО-ДПМНЕ – критиките и кон власта не се ништо помали

-

Во Извештајот на ЕУ за напредокот на С. Македонија во 2021/2022, година „критиките“ ако можат да се оценат како критики, зашто се опис на состојбите, најмногу се однесуваат на „непостоење консензус“ за важни законски промени што доведува до „поларизација во Собранието помеѓу политичките партии“, што доведува до намалена функционалност на парламентот при сосема нова улога што треба да ја има откако Македонија стана земја која започна преговарачки процес со ЕУ. Јасно е назначено во извештајот дека главна причина за ова е немањето напредок за спроведување на договореното во рамките на „Дијалогот Жан Моне“ за промена на процедурите во Собранието и упатена е пораката дека тие измени треба да се усвојат без натамошно одложување, пишува „Вистиномер“ во својата проверка на соопштение на СДСМ.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

СДСМ преку соопштение изрече став за последниот извештај на ЕУ за С. Македонија, при што може да се констатира невистина:

Позитивниот годишен извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија го препознава напредокот и одржливоста на реформскиот процес и го поздравува почетокот на преговорите со ЕУ со одржувањето на првата Меѓувладина конференција.

ВМРО-ДПМНЕ како антиевропска партија го извртува и критикува извештајот, а извештајот на ЕК ја критикува опозицијата.

Во Извештајот најмногу критика има на сметка на опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нивните блокади во Собранието со јасна критика за доцнење при носењето на законите, за што причина се блокадите од страна на опозицијата.

[Извор: СДСМ – Соопштение, датум: 14.10.2022]

 

Образложение:

СДСМ, барајќи начин да парира во јавноста на тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ околу оценките на ЕУ во Извештајот за напредокот на државата во 2021/2022 година, одбра начин да ја претстави ВМРО-ДПМНЕ како антиевропска партија и како партија за која имало најмногу критики во споменатиот Извештај, што според проверката на „Вистиномер“ е невистина.

Прогрес извештајот, како што колоквијално се нарекува, беше обзнанет пред два дена (12.10.2022), а во текот на вчерашниот ден беше пошироко презентиран и преку прес конференција во Владата од страна на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и евроамбасадорот во Скопје, Дејвид Гир.

Станува збор за значаен документ што ЕК го подготвува секоја година и најчесто се изработува еднаш, за период од една година, обично од октомври тековната до октомври следната година. Овој извештај е поделен по кластери, согласно новата методологија на ЕУ за пристапните преговори со земјите кандидатки.

Прегледувајќи го извештајот во целост и пребарувајќи и по клучни зборови дополнително, „Вистиномер“ не можеше да најде потврда за тврдењата на владејачката СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ била најкритикувана во извештајот „и нивните блокади во Собранието со јасна критика за доцнење при носењето на законите, за што причина се блокадите од страна на опозицијата“.

Конкретно, за овој дел се говори во кластерот Фундаменти во извештајот, во делот на функционирањето на институциите, поточно Собранието. Уште во сублиматот, во краткото раскажување на содржината на извештајот, на страна три и четири се споменува следната оценка:

Работата на Парламентот беше нарушена од политичката поларизација, што одложи усвојување на многу делови од законодавството…

…Неопходно е соодветно планирање и консултации за да се ограничат брзите процедури со цел да се изврши ефективна проверка и консултации за законодавство. Надзорот врз извршната власт преку пратеничките прашања треба да биде на поредовна основа. Предлогот за внатрешна реформа на Собранието усогласен за време на третата рунда на Дијалогот Жан Моне во почетокот на 2020 година треба да биде усвоен без понатамошно одлагање“…

Власта и опозицијата да работат заеднички и конструктивно

Ова се воведните појаснувања за работата во Собранието. Ако се погледне подлабоко во поширокото појаснување во работата на Собранието што почнува од страница 9, покрај повторувањето на овие констатации може да се најде и следното:

После тешки и напнати дебати, Собранието во јули 2022 година го усвои предлогот што го отвори патот за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Како земја која преговара, Северна Македонија има нови можности и одговорности. Во овој поглед, Собранието има важна улога во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Владејачката коалиција и опозицијата треба да работат заедно и конструктивно во Собранието и да се фокусираат на конкретни чекори во процесот на преговори, вклучувајќи реформи кои се во интерес на граѓаните, а кои ќе значат напредок на патот кон ЕУ. За време на извештајниот период Собранието остана главен форум за политички дијалог(Стр. 9 од Извештајот).

И после овие зборови се додава дека во март 2022 со консензус Собранието усвоило Декларација за осуда на руската воена акција што го загрозува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, како и дека опозицијата поддржала неколку закони чија цел била справување со последиците од пандемијата со ковид 19. Тука во овој дел се нагласува и важноста на работата на Националниот совет за ЕУ интеграција, со кој претседава опозицијата и кој има одговорност да обезбеди широк консензус за ЕУ агендата. Веднаш по ова, се додава следното:

Сепак, работата на Парламентот беше нарушена со постојаната поларизација меѓу владејачките партиите и опозицијата, кои прераснаа во прекини и во некои случаи и во обиди за физичка пресметка. Од мај 2022 година ВМРО-ДПМНЕ започна „активна блокада“ на Парламентот.

Ова е едно од двете места каде што се споменува директно ВМРО-ДПМНЕ во контекст на блокади, но како што може се види, не постојат индиции дека станува збор за директна критика, уште помалку дека е така наведено и формално во извештајот. Се употребуваат зборовите „постојана поларизација меѓу владејачките партии и опозицијата“, што му дава контекст на констатираниот факт за „активна блокада“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Се наведува и штетата од ваквата поларизација преку работата на собраниските комииси.

Се наведува дека недостигот од консензус довел до одложување на важни именувања во Комисијата за избори и именувања, при што конкретно се наведува одложувањето на именувањето на четири уставни судии, двајца членови на Судскиот совет, петмина заменици на Омбудсманот, двајца членови на Советот на јавни обвинители, членови на Програмскиот совет на МРТ, нов состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумсмки услуги и член на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација. Веднаш после овие зборови, опозицијата е спомената уште еднаш но во следниот контекст:

Остануваат предизвиците во однос на поефикасно планирање на процесот на донесување закони. Во 2021 година Собранието донесе 213 закони, од кои 113 беа во редовна законодавна процедура, 81 по скратена постапка и 19 беа ратификации. Опозицијата ја оспори употребата на „ЕУ знаменце“ при носењето на законите, процедура за брза постапка која има за цел усогласување на законодавството со законодавството на ЕУ и блокираше неколку предлог-закони на ниво на комисии. Бројот на закони донесени во скратената процедура малку се намали, но и понатаму е висока. Ваквите закони треба треба да бидат значително ограничени бидејќи ги намалуваат можностите за инклузивен законодавен процес и значајни дебати (Стр.10, прв пасус).

Како што може да се види и тука се споменува блокадата на неколку закони од опозицијата на ниво на комисии, но контекстот на изречените формулации не ја фрлаат вината само врз опозицијата, туку на сите партии што не можат да постигнат консензус и на процедурата преку која владејачките партии во Собранието го водат законодавниот процес, преку голем број закони кои одат со т.н. брза процедура.

Итно да се реформираат процедурите во Собранието

Всушност, во овој дел за работата на Собранието, ЕК многу јасно во извештајот ја потенцира и можеби главната причина, неусвојувањето на договорената реформа за работењето на Собранието што беше постигната досега преку „Дијалогот Жан Моне“.

„Не може да се види значителен напредок во спроведувањето на преземените обврски од третиот круг на „Дијалогот Жан Моне“ од почетокот на 2020 година. Тие (обврски) вклучуваат промена на процедурите, вклучително и на конститутивната седница, поголема контрола врз Владата, јавни сослушувања (во Собранието), парламентарен календар и процедури за законите што се носат со ЕУ знаменце“(Стр.10 од Извештајот).

Наведувајќи дека пратениците во рамките на овој процес се состанале два пати во 2021 и еднаш во 2022 година за имплементација на договореното од 2020 година, ЕК констатира дека „постигнат е слаб напредок“ и дека „Правилата за процедурите“, т.е. Деловникот, „остануваат неизменети“. Последната реченица од овој пасус е дека „процесот треба да биде завршен без натамошно одложување за да се обезбеди подобро функционирање на Собранието“.

Според погоре изложените аргументи, оценката на СДСМ што ја анализиравме е невистина. Без оглед што партијата одговара на негативен дискурс на гледање на Извештајот од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Извори:

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен...