!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Киднапирано девојче во Шуто Оризари


Скопје, 1 август, 2017 - 15:11 (META) 

Малолетно девојче вчера ноќта било киднапирано на улица во скопската населба Шуто Оризари, извести СВР Скопје.

Девојчето вчера, околу 3 часот, со својата малолетна сестра, отишло во продавница и при враќањето дома, на улицата Патрис Лумумба, до нив застанал автомобил од кој излегле две лица кои се познавале со девојчињата. Потоа едното од лицата насила го внел девојчето во автомобилот, по што заминале.

Случајот во полиција вчера околу 19 часот го пријавил 44-годишен татко на киднапираната. СВР Скопје вели дека се работи на расчистување на случајот.


Девојче од Гостиварско починало во возило на брза помош


Гостивар, 12 јуни, 2017 - 13:03 (META) 

Девојче на 15-годишна возраст вчера починало додека со возило на брза помош било пренесувано од Медицинскиот центар во Гостивар кон Ургентен центар во Скопје, соопшти МВР.

При приемот на телото во Ургентен центар била констатирана смрт, а на него немало траги на насилство. Причините за смртта ќе се утврдуваат допрва, информира МВР.

Девојчето од гостиварското село Долна Гуновица, кое имало болки во стомакот, било донесено вчера во 4.30 часот во Медицински центар Гостивар. По укажаната помош, бидејќи сериозно му се влошила здравствената состојба, со брза помош било испратено за Скопје и починало на пат.


Притвор за тренер по стрелаштво во Кавадарци за полов напад


Кавадарци, 1 април, 2017 - 11:35 (META) 

Притвор од триесет дена за тренер по стрелаштво изрече надлежниот Основен суд од Велес, поради полов напад врз тринаесетгодишна ученичка од Кавадарци. 

Според СВР Велес, станува збор за 67-годишниот Б.П. кој бил тренер на девојчето. 

– Според пријавителите, повеќепати во последните три месеци вршел обљуба врз ученичката, а последен пат во средата дента околу 18 часот – информираат од СВР Велес. 

Оттаму додаваат дека случајот е документиран во полициската станица во Кавадарци и е доставен до Основно јавно обвинителство Кавадарци.


Полицијата го пронајде исчезнатото девојче од Гази Баба


Скопје, 29 јануари, 2017 - 17:13 (META) 

Петнаесетгодишното девојче од Скопје кое било пријавено за исчезнато, било пронајдено и предадено на родителите, информираат од МВР.

Во вчерашниот билтен на полицијата пишуваше дека исчезнувањето на девојчето во полициската станица Гази Баба било пријавено од страна на нејзината сестра, според која, девојчето отишло на училиште и не се вратило дома.


Петнаесетгодишно девојче од Гази Баба заминало на училиште и не се вратило


Скопје, 28 јануари, 2017 - 13:45 (META) 

Во полициската станица во Гази Баба, М.Н. (20) од Скопје пријавила дека на 27 јануари, во 6 часот, од дома во непознат правец се оддалечила нејзината петнаесетгодишна сестра.

Таа, според пријавителката, отишла на училиште и не се вратила дома. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


Исчезнало 13-годишно девојче од Штипско


Штип, 25 јануари, 2017 - 15:08 (META) 

Девојче од штипското село Шашаварлија вчера е пријавено за исчезнато, откако не се вратило дома од училиште.

Случајот во полициската станица во Штип го пријавил нејзиниот татко. Тој рекол дека неговата 13-годишна ќерка, вчера, во 6.30 часот, со комбито за ученици заминала на училиште, но кога комбито по завршувањето на смената се вратило, девојчето не си дошло дома.

Штипската полиција трага по исчезнатата тинејџерка.


Шеснаесетгодишно девојче исчезнало во Велес


Велес, 17 септември, 2016 - 18:26 (META) 

Вчера во полициската станица во Велес, С.Р. (41) од село Кочилари пријавила дека истиот ден околу 15.30 часот нејзината 16-годишна ќерка излегла од средното училиште во Велес помеѓу часовите на голем одмор, по што не се вратила.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на девојчето.


64-годишен маж извршил полов напад врз четиригодишно девојче во Гостивар


Гостивар, 21 август, 2016 - 13:30 (META) 

На 19 август во Полициската станица -Гостивар, 33-годишно лице од Гостивар, пријавило дека бил извршен полов напад над неговата четиригодишна ќерка, од страна на Д.В. (1952) од Гостивар, на тој начин што откако го повикал девојчето во неговиот дом да го види аквариумот кој го поседувал, и рекол да му седне во скут, по што извршил полови дејствија врз девојчето.

Во тој момент девојчето било повикано од страна на родителите, по што ја напуштила куќата. Од страна на Јавно обвинителство на Д.В. му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа и истиот е спроведен во Казнено-поправната установа Тетово.


Кичевец си ја застрелал малолетната сестра


Кичево, 19 август, 2016 - 18:59 (META) 

Ќ.М.(17) од Кичево поради невнимание ја застрелал неговата малолетна сестра. Тој со пиштол на татко му испукал еден куршум, при што го повредил девојчето кое по укажаната медицинска помош во Општата болница во Кичево, билo однесенo во Скопје на Клиниката за детска хирургија. Таму и била констатирана прострелна влезно-излезна рана на десната надколеница.

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „предизвикување општа опасност“ и „недозволено изработување, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, полициската станица од Кичево против Ќ.М. поднесе кривична пријава.

Пријавениот, во семејна куќа во Кичево, неовластено чувал полуавтоматско огнено оружје, пиштол „ЦЗ“ калибар девет милиметри. Пиштолот бил во сопственост на неговиот татко кој имал соодветна дозвола за поседување на огненото оружје.

Одземеното огненото оружје е испратено на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

 


14-годишно девојче повредено од куршум во скопско Глумово


Скопје, 25 јули, 2016 - 12:43 (META) 

Во саботата вечерта, околу 20.20 часот, во скопското село Глумово 14-годишно девојче било повредено од куршум, а од истрелан проектил од огнено оружје било оштетено и возило, паркирано пред куќа во селото.

Како што информираат од МВР, засега непознат сторител, во тоа време од огнено оружје истрелал повеќе куршуми, од кои еден го погодил девојчето во палецот од левата нога, нанесувајќи му телесна повреда. Девојчето во тој момент седело со другарките во дворот од куќата. Тоа веднаш било пренесено во Градската општа болница „8 Септември“, каде по укажаната лекарска помош било пуштено на домашно лекување.

Во истиот случај, друг куршум завршил во хаубата од автомобил марка „мерцедес“, сопственост на Х.С. (42) од Глумово.

Полициски екипи од СВР Скопје извршиле увид и преземаат мерки за откривање на сторителот и за расчистување на случајот.