Денеска рочишта за „Монструм“, „Тарифа“, „Триста“ и „Тревник“


Скопје, 16 мај, 2018 - 10:58 (META) 

Нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Монструм“, „Тарифа“, „Триста“ и „Тревник“ ќе се одржат денеска во Основен суд Скопје 1.

На обновеното судење за „Монструм“ денеска ќе седнат сите освен двајца обвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во Скопје на 12 април 2012 година.

Првичните пресуди против обвинетите беа укинати во декември минатата година од Врховниот суд, а сега предметот го презеде СЈО. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство и недостапни во судот, па ќе им се суди во отсуство, а Агим Исмаиловиќ, Сами Љута, Хаки Азири и Фејзи Азири треба да пристигнат во судницата од дома, откако со одлуката на Врховен суд беа ослободени од притвор.

Претходното рочиште за овој случај не се одржа поради отсуство на обвинетиот Фејзи Азири, кој бил хоспитализиран на Пулмологија.

Ново судско рочиште денеска треба да се одржи и за предметот „Триста“, во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавна набавка на 300 возила за МВР. Поповски се сомничи дека го оштетил буџетот за 453.570 евра.

Денеска ќе има рочиште и за случајот „Тарифа“, за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра. Ќе им се суди на Дејан Бошковски, поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ и уште други две лица.

Ќе има рочиште и за предметот на СЈО наречен „Тревник“ што се однесува на бесправна градба на куќи во Зелениково, а во кој првообвинет е новинарот Драган Павловиќ – Латас.


Поранешниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, доби кривична за злоупотреба


Скопје, 13 октомври, 2017 - 13:45 (META) 

Дејан Бошкоски, поранешниот директор на државното претпријатие АД ЕЛЕМ, како и С.П., внатрешна ревизорка во ЕЛЕМ, добија кривични пријави од Министерството за внатрешни работи (МВР), за злоупотреби на службената положба, поради погрешно евидентирање и исплаќање на прекувремена работа.

Како што е наведено во полицискиот билтен, Д.Б. (44) од Скопје и С.П. (45) од Битола ги сториле злоупотребите во периодот од јануари 2014 година до октомври 2015 година.

Според полицијата, Дејан Бошкоски писмено ја овластил С.П., како внатрешен ревизор за економски работи во службата за внатрешна ревизија при АД ЕЛЕМ – Скопје, да врши работи за време на неработни денови или во празници, но таа не подготвувала ревизорски извештаи и такви документи не биле доставени до дирекцијата на државното претпријатие за производство на струја.

„И покрај тоа, Д.Б. за наведениот период одобрил исплата на надоместоци за плата, за ноќна работа и за работа на државен празник, со што ѝ овозможил на С.П. да стекне противправна имотна корист во износ од 140.226 денари, на штета на АД ЕЛЕМ – Скопје“, стои во полицискиот билтен.