Дамовски, Илиевски и Арнаудов излегуваат од „Шутка“, Апелација им одреди куќен притвор


Скопје, 21 февруари, 2018 - 13:03 (META) 

Организаторите на протестите на „За заедничка Македонија, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и пратеникот Љубен Арнаудов, излегуваат од истражниот затвор „Скопје“, откако Апелацискиот суд Скопје им ги прифатил жалбите и им ја заменил мерката притвор со куќен притвор и да им бидат одземени пасошите, потврдиле за „Телма“ од судот.

Дамовски, Илиевски и Арнаудов се меѓу 35-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Покрај нив тројца, Апелација им одредила куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски, кој работел во кабинетот на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски и на Оливер Радулов од УБК.

Во истовреме, Апелацискиот суд одлучила поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.


Апелација ги одби жалбите на Чавков, Јовановски, Дурловски и Илиевски


Скопје, 12 јануари, 2018 - 15:42 (META) 

Апелацискиот суд ги одби жалбите на единаесетмина осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, меѓу кои и поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, актерот Владо Јовановски, поранешниот директор на Македонската опера и балет Игор Дурловски и Богдан Илиевски – Бетмен, кои и понатаму остануваат во притвор што им го одреди и продолжи Кривичниот суд.

Дел од одлуките на Апелација следуваат по јавните седници, кои беа одржани вчера и завчера на кои адвокатите на осомничените, но и самите тие, побараа од судот да им биде укината мерката притвор и таа да биде заменета со куќен притвор или друга поблага мерка.

Меѓу осомничените чии жалби Апелација ги разгледувала на затворена за јавноста седница се Богдан Илиевски, Илија Славевски, Митко Пешов и Оливер Радулов.

„Апелациониот суд Скопје, по одржаните јавни и нејавни седници на ден 10.01.2018 година и 11.01.2018 година, донесе одлуки со кои ги одби како неосновани жалбите на обвинетите и ги потврди решенијата на Основниот суд Скопје 1 Скопје донесени во рамки на предметите во врска со настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година и тоа за обвинетите Оливер Поповски, Горан Ѓошевски, Владо Јовановски, Митко Чавков, Игор Дурловски, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, Митко Пешов, Оливер Раудлов, Богдан Илиевски и Илија Славевски“, стои во соопштението на Апелација.

Според донесените одлуки, Апелацицскиот суд го отфрлил и предлогот на Вишото јавно обвинителство за укинување на притворот на Владо Јовановски и негова замена со друга мерка за обезбедување присуство.

Кривичниот совет денеска на јавна седница ја разгледуваше жалбата за продолжување на притворот на пратеникот Сашо Василевски, исто така сосомничен за насилствата во Собранието.


ВМРО-ДПМНЕ избра нов извршен комитет, осум високи функционери заминаа од врвот


Скопје, 30 јули, 2017 - 1:35 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ синоќа избра нови 19 членови на извршниот комитет (ИК) на партијата, а меѓу нив повеќе не се осум од досегашните високи функционери, од кои повеќето се споменуваат во „бомбите“ што ги објави СДСМ.

Во новиот ИК не се поранешните министри Владимир Пешевски, Емил Димитриев, Зоран Ставрески, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и Кирил Миновски, како и блиските соработници на Никола Груевски, Мартин Протоѓер и Сашо Мијалков. Поранешниот директор на УБК, претходно соопшти дека е повлекува од сите функции на партијата додека против него течат судските процеси кои ги поведе Специјалното јавно обвинителство.

Од досегашните членови, во извршниот комитет на партијата остануваат Илија Димовски, Владимир Ѓорчев, Никола Попоски, Никола Тодоров, Даниела Рангелова и Коце Трајановски.

На синоќешниот состанок, кој траеше речиси до полноќ, беа избрани 19 нови лица. Пратеникот Антонио Милошоски соопшти дека поранешниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски, е новиот генерален секретар на партијата. Тој доаѓа на местото на поранешниот технички премиер Емил Димитриев, кој неодамна изјави дека на партијата ѝ е потребно освежување.

Во новиот состав на ИК влегоа Никола Србов од „Стоп операција Сорос“, активистот Богдан Илиевски од „За заедничка Македонија“, поранешниот портпарол на Влада, Александар Георгиевски, како и пратениците Ане Лашкоска и Зеќир Рамчиловиќ и поранешниот министер за странски инвестиции, Џери Наумоф.